Епископ Тихон Шевкунов
За мачорот
Што да се прави – кај нас сакаат да разговараат и да ги критикуваат свештениците. Затоа, за мене беше многу неочекувано кога еднаш, додека сѐ уште служев во Донскиот манастир, кај мене дојде еден наш парохијанин, Николај и ми речеː
- Сега сфативː најдобрите, најголемите, најтрпеливите и најпрекрсните луѓе на светот се свештениците!
Јас се зачудив и го прашавː од каде му долетаа вакви мисли, одненадеж?
Николај одговориː
- Јас имам мачор. Тој е многу добар, паметен, убав. Но, малку е чуденː кога со жена ми одиме на работа, тој се качува во нашата постела, и простете ми, извршува нужда во неа. Ние секако се обидовме да го одучимеː го учевме, го казнувавме – залудно. На крај, изградивме цела барикада. Но, кога јас се вратив дома, видов дека барикадата е расфрлена, а мачорот повторно се качил на постелата и ја завршил својата валкана работа. Јас толку се разлутив, што го фатив и едноставно го треснав! Мачорот толку се налути, што се пикна под маса, седна таму и заплака. Вистински! Јас за првпат видов такво нешто, солзи му се тркалаа од очите. Тогаш се врати жена ми и ми се нафрли менеː „Како не ти е срам? И уште православен се нарекуваш! Нема да разговарам со тебе додека не се покаеш пред свештеник за оваа ѕверска, сурова, нехристијанска постапка!“ Јас немав што да правам, а и совеста ме изобличуваше – и утрото дојдов во манастирот на исповед.
Исповедаше игуменот Глеб. Јас си отстоив во редот и му раскажав сѐ.
Отец Глеб, многу добар, средовечен игумен од Троица-сергиевата лавра, тогаш привремено служеше во Донскиот манастир. Обично на исповед тој стоеше потпрен на аналојот, и потпирајќи ја брадата со раката, ги слушаше гревовите на парохијаните. Николај подробно и простодушно му ја раскажал неговата тажна ситуација. Се трудел ништо да не скрие, затоа зборувал долго. А кога завршил, отец Глеб, малку молчејќи, воздивнал и реколː
- Да... Секако, не се завршило баш најдобро..! Само јас не сфативː тој Копт,(23) студира на некој факултет? Немаат интернат?
- Каков Копт? – препрашал Николај.
- - Па тој, што живее кај вас, за кого ми раскажуваше сега.
-
„И тогаш сфатив, ја заврши својата приказна Николај, дека отец Глеб, кој малку беше наглув на увото, десет минути смирено ги слушаше моите глупости за Коптот кој поради некои причини живее кај нас дома и врши нужда во нашата постела, кого јас ѕверски сум го натепал, а тој се пикнал под маса, седел таму и плачел... И тогаш сфатив, дека најпрекрасните и несфатливи, најтрпеливите и најголемите луѓе на светот се нашите свештеници.“
----------------------------------------------
23 Копт – претставник на древниот народ кој живеел во Египет. (На руски мачор е кот. Па затоа на свештеникот му се слушнало Копт, заб. на прев.)
Извор: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“ и други раскази, Кумановско-осоговска епархија, 2016.
Друго:
За Преминпортал
Подготви: Светланка Трајчева
28-ми јуни 2018 лето Господово
Друго:
- Поуки од Светите Отци
- Какo да гo пoбeдимe нeпријатeлствoтo на нашитe нeпријатeли? (17.02.2018)
- Св. Јован Лествичник - За земното небо и воскресението
- Свети Јован Лествичник - За борбата со осумте главни страсти
- Подвижнички поуки од светите преподобни оци Варсануфиј и Јован