Патријархот Кирил ги посети заболените и напуштените деца во манастирското сиропиталиште во Украина (04.10.2011)
Во недела, на 2 октомври, Патријархот Московски и на цела Русија Кирил го посети сиропиталиштето на Вознесенскиот Банченски манастир во Черниковицката област на Украина, каде што живеат 256 деца, меѓу кои и деца заболени од сида.
Децата го пречекаа Патријархот на Руската Православна Црква во украински и молдавски народни облеки и земајќи го за рака, го прошетаа низ манастирот.
„Колку ми е убаво да се шетам со вас. Никаде вака не ме пречекале. Ова е прв пат да ме водат за рака. Колку сте вие гостољубиви“, рече Патријархот Кирил.
Поглаварот се запозна со условите во коишто живеат воспитаниците и ги благослови децата. Исто така тој го виде базенот, каде што го благослови Степан, момчето без две раце, коешто меѓу другите воспитаници му ги покажа на Патријархот пливачките можности.
Воспитаниците одржаа концерт во чест на Патријархот. Потоа тој им се обрати на децата со следните зборови:
„Денес за мене ова е еден од најсреќните денови, затоа што се сретнав со вас, ги видов вашите светли лица, вашите прекрасни очи, ги слушнав зборовите, со коишто ми се обративте, прекрасните стихови и песни. Јас срдечно им благодарам на сите коишто го создале овој дом. Им благодарам на воспитачите, коишто ги внесуваат своите душа и љубов во тоа вам да ви се срцата спокојни, да има мир и благодат Божја, за секогаш со радост да светлат вашите очи.
На сите ви го давам мојот благослов – на секого од вас одделно и на сите заедно, бидејќи радоста е таму каде што е Господ. Можно е човек да изгледа среќен, да живее дома, да има татко и мајка, а неговите очи да не горат и срцето да не му биде радосно, затоа што во светот има многу тага и болка. А тоа што вие живеете тука, и тоа што можеби вие сте лишени од тоа што другите деца го имаат, не значи дека вам ви е полошо. Тоа значи, дека вам ви е подобро, бидејќи Господ е со вас и дека Он на посебен начин ја излева на вас Својата милост и Својата благодат. А Црквата, која е блиску до вас, е повикана секогаш да го поткрепува во вас чувството на мир, љубов, радост и чистота. Многу ме израдувавте денес. Господ да ве чува!“
Патријархот Кирил им ја подари Казанската икона на Мајката Божја и на секого посебно од 256 воспитаници му даде подарок.
Извор: Патриархиа.ру
Преземено од: МПЦ