Кипарската православна црква е подготвена да ги стави на располагање сите своите имоти на државата, доколку тоа помогне да излезе од кризата, изјави за медиумите архиепископот Кипарски Хризостом по средбата во средата со претседателот Никос Анастастисадис.
Архиепископот Хризостом, рече дека црковниот имот ќе биде ставен на располагање за потребите на кипарската економија. „Ние може да го заложиме целиот имот на црквата, а парите да се искористат за купување на обврзници. Сопственоста на Црквата, како што знаете и самите, е огромна", рече челникот на многу влијателната во кипарското општество црква.
Тој ја нарече „тешка" одлуката на кипарскиот парламент, и истовремено им честиташе на пратениците дека со отфрлањето на договорот со кој се предвидуваше оданочување на банкарските заштеди „тие испратија јасен сигнал до Европа дека мора, конечно, да се научи да ги почитува и малите земји".
Претходно во текот на интервјуто дадено доцна ноќта во вторникот за телевизијата Skai, веднаш по гласањето во парламентот, Хризостом изјави дека Европејците сакаат да ја задушат економијата на Кипар и кипраните мора во првата прилика да излезат од еврозоната и да се вратат на својата национална валута.
Кипарскиот парламент во вторникот го отфрли нацрт-законот да се наметне еднократното принудно отпишување на дел од банкарските сметки во вид на данок, по стапка од 6,75 отсто за депозитите до 100 илјади евра и по 9,9 проценти за заштедите над овој износ. Кипарските медиуми ја нарекоа оваа одлука на парламентот „историско не" и ја споредија со решението на Грција да го отфрли италијанскиот ултиматум во 1940 година./крај/мф/сн