(11.03.2013 20:01)
Антиохиската Патријаршија побара помош за решавање на конфликтот со Ерусалимската Патријаршија, односно црковната јурисдикција во земјите околу Персискиот залив. Повод за конфликтот е соопштението од Ерусалим дека за прв Архиепископ на заливот со седиште во Катар е определен архимандрит Маркариј, чијашто хиротонија беше вчера.
Од Дамаск, седиштето на Антиохиската Патријаршија, тврдат дека уште од првите векови на христијанството тие земји биле под нејзина јурисдикција. Од Антиохиската Патријаршија го оценуваат како тажен факт решението на Ерусалимската Патријаршија, што се појавува во толку тешките денови за христијанството на Блискиот Исток и го оценуваат како „длабока рана“. „Ние не можеме да го прифатиме востоличувањето на архиепископ на територијата на Антиохиската Патријаршија, без да бидеме известени за тоа“, велат од Антиохиската Патријаршија.
Антиохиската Патријаршија ќе се обрати до Константинополската Патријаршија за арбитража, бидејќи таа по традиција го има тоа право во семејството на Православните Цркви.
Антиохискиот Патријарх тврди дека древната титула на поглавар на истата црква гласи дека тој е првоерарх на „Антиохија, Сирија, Арабија, Киликија, Иверија, Месопотамија и целиот Исток“. Во полната титула на Ерусалимскиот Патријарх е вклучен градот Ерусалим, цела Палестина, Сирија (јужна), Арабија (покрај реката Јордан), Трансјорданија, Кана Галилејска и Светиот Сион. Ерусалимската Патријаршија е создадена во 451 г. на Халкидонскиот Вселенски Собор, кога во Персискиот залив веќе постоела антиохиската црковна структура.
Од Ерусалимската Патријаршија сѐ уште нема официјална реакција, единствено медиумите тврдат дека нивниот храм во Катар функционира веќе 20 години и досега немало негативна реакција од страна на Дамаск. Второто тврдење е дека Ерусалимскиот Патријарх Диадор во средината на 90-те години пратил претставници во Дамаск за разгледување на прашањето.
Сегашниот Ерусалимски Патријарх Теофил како архимандрит бил „егзарх на Катар“, како што пишува во неговата официјална биографија. Според Антиохиската Патријаршија тоа е доказ дека Ерусалим ја признава антиохиската јурисдикција во Катар, бидејќи не може да бидеш егзарх во својата канонска територија.
Извор: Двери.бг
Преземено од: МПЦ-ОА