Несовршенството на човечката душа се огледува и во тоа што таа го заборава тоа што е важно и го памети она што е неважно. Го заборава тоа што не би смеела да го заборави, а го памети она што мора да го заборави.
Ако наспроти оваа мисла, ја примениме на сите нас познатата изрека, на секој човек можеме да му го поставиме следното прашање: “Кажи ми што забораваш и што паметиш, и ќе ти кажам кој си”.
Да почнеме себеси да се прашуваме што ние, луѓето, а особено ние верниците, забораваме, а што паметиме. Дали секогаш се сеќаваме на Оној Кој ни подарил живот? Не го заборава ли нашата душа Бог? Дали е силно, дали е длабоко, дали е животворно нашето паметење на таа вистина, таа највиша реалност? Паметиме ли ние секогаш дека Оној Кој н# создаде, секогаш со нас пребива, иако ние и не пребиваме секогаш со Него? Паметиме ли дека Светиот Дух проникнува низ сите наши помисли, дека ги чита нашите мисли и ги суди намерите? Паметиме ли ние дека Живиот Христос, Кој пребива во светот е најголемата Светиња, Чистота, Правда, Вистина и љубов? Дали нашето паметење ги сочувало Неговите Заповеди и закони, кои Господ ни ги даде заради нашиот живот и заради нашата вечност? Дали остануваат во нашата душа зборовите Христови, зборовите со сила на љубовта и довербата дека Тој н# нарече Свои деца и браќа, а не наемници, или уште полошо – не непријатели Свои, иако ние, правејќи зло, наликуваме најповеќе на Негови непријатели? Паметиме ли дека Словото Божјо се вочовечи и застана покрај нас, проговори на нашиот јазик и н# научи во себеси и во другиот да гледаме внатрешен, духовен човек – пријател Божји? И уште, паметиме ли ние како беше отфрлен Христос, колку малку Тој имаше заштитници, како за Него не се најде место на земјата – ни првата, ниту последната минута Негова на земјата? Како, буквално како молња “која светнува од исток до запад”, чудесно, таинствено, неоспорно воскресна Христос, стана од Својот гроб и им се јави на најблиските ученици, дванаесетмината, седумдесетмината и половината илјади; и како, Воскреснат Го препознаваа, и како им даде бескрајна надеж на луѓето; како после тоа Тој се скри во невидливиот свет за да стане уште поблизок на секоја душа на земјата, за уште посовршено да застане пред прагот на секој човечки дом… Паметиме ли дека ангели и духовите на светиите ги опкружуваат луѓето и дека особено им се блиску на оние кои во молитвите ги повикуваат?
Го чуваме ли ние паметењето – каде и да сме – дека овој наш земен, краток живот секогаш само за влакно чекори покрај големиот невидлив свет, и дека секоја минута можеме да бидеме повикани во другиот свет, на последниот суд на Правдата Небесна?... Паметиме ли секогаш, а особено тогаш кога некоја тежина која ја притиска нашата душа влегува во нас, и кога некој внатрешен глас ни шепоти ласкави, темни зборови, и кога нашата душа почнува да се колеба и да притежнува кон злото? Се сеќаваме ли ние тогаш на Бог, Го повикуваме ли Бог? Паметиме ли ние, после секој грев дека Милостивиот Господ ни дал пат на повторно духовно станување – во покајание? Паметиме ли ние, во моментите на тегобност дека Господ е Долготрпелив, а во моментите на искушение од злото дека Господ е Праведен? И кога гледаме на луѓето кои н# опкружуваат, паметиме ли ние дека нашиот Господ е и нивни Господ; дека нашиот Небесен Отец е и нивни Отец; дека е нивни Судија и наш Судија? Паметиме ли ние дека човекот се оправдува или се осудува само “од своите дела”, но дека “без вера невозможно е да Му се угоди на Бога”?... Таквите духовни богатства на вистината и бесмртноста може да ги чува нашето паметење, нашиот живот. Го чуваат ли тие тоа сјаење? Блажен е оној кој ја знае вистината на Божествената љубов кон нас. На ништо друго не можејќи да се надева, тој се надева на Љубовта Божја, И живее со љубовта на својот Господ.
Јас не прашав за с#, туку само за најглавното ја прашав човечката совест и паметењето. А сега сакам да го испитам човечкиот заборав.
Забораву, ги проголта ли сите навреди кое сум ги претрпил во животот, сите страдања и сите болки, сите стравови на животот? Ги проголта ли, забораву, немирот и трката на изминатиот животен пат, сите негови ништавни преживувања, недоразбирања, празни зборови, непотребни расправии и грижи?... Само на она поле кое е очистено со заборавот од животните немири, расте мудрост.
Забораву смел, ти, како вода од чист извор, ја однесуваш прашината на земјата и ја потопуваш во себе, не губејќи ја својата светкава чистота. И човек може да биде само оној, кој мудро се заборава себеси, памтејќи Го Бога и Неговата вистина и Правда.
Со светлиот заборав и светлото паметење свое ние влегуваме во реалниот живот.
Подготви: Михаила Поповска
Друго:
- Св. Јован Шангајски, Санфранциски - Барајте го доброто…
- Св. Ефрем Сирин - Нашето живеење е на Небесата