Во една прилика му реков на еден човек: „Знаеш дека постојат борци на искушението?“ Христијанинот не треба да е фанатичен, туку да има љубов за сите луѓе.
Оној кој без расудување фрла зборови, и да има право, сепак прави зло.
Познавав еден новинар кој имаше голема побожност, но со световните луѓе зборуваше со суров јазик, кој сѐ продлабочуваше и ги потресуваше.
Еднаш ми вели: „На еден митинг ѝ го реков тоа и тоа на една госпоѓа“. Но, со начинот на кој ѝ го кажа сето тоа, тој ја осакати. Ја нападна пред сите. „Види, – му реков, – ти им фрлаш на другите златни венци со дијамантски камења, но, така како што ги фрлаш, им ги повредуваш главите. Не само сетилно, туку и длабоко“. Да не ги каменуваме луѓето… христијански.
Оној кој јавно го укорува оној кој згрешил или зборува со страст за некое лице, тој не е мотивиран од Духот Божји, туку е мотивиран од друг дух. Начинот на Црквата е со љубов – и се разликува од начинот на јуридиците.
Црквата секогаш гледа на сѐ со долготрпение и гледа да помогне некому, што и да има тој направено, колку и да е грешен. Кај некои побожни луѓе гледам чудна логика.
Добра е побожноста што ја имаат, добро е и нивното расположение за добро, но потребно е и духовно расудување и широчина, за да не ја следи побожноста тесноградост или тврдоглавост. Целата основа е да имаме духовна состојба, да имаме духовно расудување, бидејќи во спротивно ќе остане во „словото на законот“, а „словото на законот убива“.
Оној кој има смирение, никогаш не се прави учител, туку слуша, и кога ќе биде побарано мислење од него, зборува смирено. Никогаш не вели „јас“, туку „мојата помисла ми вели“, или „отците велат“. Значи, зборува како ученик. Оној кој мисли дека е способен да ги поправа другите, тој има голем егоизам.
Старче, кога некој ќе почне со добро расположение да прави нешто и ќе стигне до крајност, му недостасува ли расудување?
Егоизмот лежи во неговата активност и не го сфаќа тоа, бидејќи не се познава себеси, затоа паѓа во крајности. Често пати некои почнуваат со побожност, но до каде стасуваат!
Превод од грчки јазик: Свештеник Јани Мулев