Бог вели: Ти понудив оган и вода, живот и смрт, пружи ја твојата рака на тоа што сакаш (Кн. Мудрост Сир. 15:16-17). Демонот вели дека пружањето на рацете не е во твоја власт, туку дека зависи од некоја потреба и сила. Тебе ти се чини дека тоа што тој го кажува заслужува повеќе доверба, но не размислуваш за растојанието кое ги дели советниците, за тоа дека еден е Бог, а другиот е демон. Ти не ја гледаш разликата помеѓу овие совети, односно дека едниот е спасоносен и повикува на доблест, додека другиот е навистина демонски и те води во зло и порок.
Ти не гледаш што имаш добиено од Бог, а што - од демонот, на тоа дека Едниот толку те возљуби што заради тебе Го даде и Својот Единороден Син од Кого Отецот немаше ништо повредно, дека и сега подеднакво те љуби, што преку Апостолот те повикува на спасение и сé прави поради тоа, додека другиот толку те замрази и те мрази, што на секој начин војува против тебе и не само што не ти носи ништо добро, туку дури и она што си го добил од Бог, се обидува да ти го одземе.
Едниот се труди да те изедначи со англите, а другиот те направи понечесен од оние кои ползат по земја и те убеди да им се поклонуваш. Едниот те води кон Царството Небесно и другите почести, додека другиот ти позавиде и на она што тука ти е дадено и нема да се откаже сé додека не те лиши и од тоа.
~ Свети Јован Златоуст
Подготви: Снежана Корнет