„Во денеска прочитаното Свето Евангелие ги препознаваме трите состојби на духовниот раст кои светите Отци ги откриле и ни ги пренеле како свој духовен опит:
Кога одеше по патот, некој Му рече: Господи ќе врвам по Тебе каде и да одиш. Исус му рече: лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде главата да ја подслони – обожение;
На друг пак му рече: врви по Мене. А тој одговори: Господи, позволи најнапред да отидам и да го закопам татка си. Но Исус му рече: остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го царството Божје – просветлување;
А друг еден рече: Господи, ќе идам по Тебе, но позволи ми најнапред да се опростам со своите домашни. Но Исус му рече: никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божје – очистување на срцето од страстите (Лука 9, 57-62).
Во ова евангелско четиво ги препознаваме сите состојби на духовниот раст но прикажани во еден обратен редослед од она како ние духовно растеме.
Овој обратен редослед го сретнуваме и во свештеничката молитва пред читањето на Светото Евангелие за време на литургиското собрание на верниот народ. Во оваа молитва се вели: Запали ја во нашите срца, човекољубив Владико, бесмртната светлина на Твоето богопознание (обожение); отвори ги очите на нашиот ум за да ги разбереме Твоите евангелски проповеди (просветление); всади го во нас и стравот на Твоите блажени заповеди та победувајќи ги сите телесни похоти да живееме духовен живот, мислејќи и творејќи што Ти е на Тебе угодно (очистување).
Овој обратно прикажан редослед во евангелското четиво и во литургиската молитва во сѐ е согласен со теолошкиот редослед и структура на целиот домострој на нашето спасение собран во зборовите на свети Јован Богослов: Во тоа се состои љубовта, што не ние Го засакавме Бога, туку Бог нас нѐ возљуби и Го прати Синот Свој, за да ги очисти гревовите наши (1 Јован 4, 10). Ова не треба никогаш да го заборавиме.
Љубовта Божја, откровението Божјо, е основа на синергијата помеѓу Бог и човекот. Благодатта Божја е основ на нашиот подвиг во процесот на очистување, просветлување и обожение. Овој процес, после личниот повик Божји до секој од нас, како што може да се забележи во делата на светите Отци и од нашиот личен опит, влегува во својот „природен“ тек и се движи од најниската духовна состојба кон највисоката: Никој од врзаните со телесни похоти не е достоен да Ти приоѓа (очистување) или да Ти се приближи (просветлување) или да Ти служи (обожение) Тебе, Цару на славата (молитва на Светата Литургија пред принесувањето на Светите Дарови).
Но, да се вратиме на денешното Евангелие... Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда, а Синот Човечки нема каде главата да ја подслони. Со овие зборови Богочовекот Христос ни потврдува дека човековото срце како духовен центар е единственото место на лична средба помеѓу Бог и човекот. Дека само во очистеното, просветлено и обожено срце Господ наоѓа Свој спокој и почивалиште. Дека многу малку подвижници во една генерација го достигнуваат дарот на обожение, на непрестајната умносрдечна молитва и на гледањето на Божествената несоздадена светлина.
Но Исус му рече: остави ги мртвите да ги закопуваат своите мртовци, а ти врви по Мене и проповедај го Царството Божје. Со овие зборови Богочовекот Христос му потврдува на Својот ученик дека он не е духовно мртов и дека затоа и го повикува да го проповеда и сведочи Царството Божјо. Никој не може да го проповеда и сведочи Царството Божјо ако нема опит од него, а тоа Господ најдобро го знае. Господ најдобро знае и кој го има тој опит и кого повикува на проповед; како што и најдобро знае кој е тој што самиот себеси се повикува на проповед. Тоа исто така значи дека Неговиот ученик доволно го очистил своето срце, дека Бог му го открил местото на неговото срце и дека го има дарот на умносрдечната молитва. Тоа е доказ дека Неговиот ученик веќе не е дел од „светот“, односно дека е мртов за гревот, а жив за Бога во Христа Исуса, својот Господ. Мртви духовно се сите оние кои се сѐуште дел од „светот“ затоа што не го очистиле доволно своето срце од страстите и заради тоа не го познаваат местото на срцето и го немаат дарот на умносрдечната молитва, а згора на сѐ и не се во апсолутно послушание на својот духовен отец. Т.е. такви се оние што самите себе се повикуваат на проповед.
Но Исус му рече: никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божје. Со овие зборови Богочовекот Христос го опоменува овој Свој ученик кој се наоѓа на првиот степен од духовниот развој дека: Кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој ќе ја запази душата своја, ќе ја загуби, а кој ќе ја загуби душата своја заради Мене, ќе ја зачува (Матеј 11, 37-39). Тоа не значи дека не треба да се поздравиме со своите домашни, на пример кога заминуваме во манастир, но тоа значи да внимаваме, како што вели свети Јован Лествичник: да не те преплави наклонетоста кон твоите мили роднини и да не пропаднеш во потопот на љубовта кон овој свет. Немој да дозволиш да те трогнат солзите на родителите и пријателите, инаку (можеби) вечно ќе плачеш. Кога твоите ќе те опкружат како пчели (подобро кажано оси) и ќе почнат да те оплакуваат, тогаш со окото на својата душа погледни веднаш на смртта и на делата за кои што ќе ти биде судено, та не ни погледнувај на твоите за да можеш тагата да ја одбиеш со тага (по Бога).
Некаде во своите делa светиот старец Јосиф Спилеот вели: ако не ја достигнеш благодатта Божја во најголема мера не сметај се себеси за потполн човек.“