Рече Господ во приказна: на некој богат човек нивата му беше родила многу; и мислеше во себе, велејќи: што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои. И рече: ова ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе ѝ речам на душата своја: душо, имаш многу добра, приготвени за многу години: почивај, јади, пиј и весели се.
Но Бог му рече: безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе остане?
Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога. (Лука 12, 16-21)
После прочитаното Евангелие, Владиката рече:
„Целиот наш живот е дар Божји. И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бога за него, и го препознава овој дар. И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромавите со своето богатство и на тој начин Му благодари на Бога за него, и го препознава овој дар. Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за надградување и остварување на нашата заедница во Богочовекот Христос, нашиот најголем дар Божји и би служеле како средство за наше спасение. Со други зборови, само на тој начин можеме да Му благодариме на Бога кога неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме – Твои дарови од Твоите, на Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сѐ. Делотворниот однос на благодарењето од севкупниот наш живот соборно се исполнува со нашето учество во Светата Евхаристија (Благодарење) на Црквата Божја.
Но, како конкретно богатиот „успева да собира“ добра само за себе, а не се богати во Бога, односно како тој своето богатство како дар Божји не Му го принесува конкретно на Бога? За да го објасниме овој негативен пример ќе се послужиме со друг негативен пример од случувањето на Страшниот суд:
Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‘Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте’.
Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор и не Ти послуживме?’
Тогаш ќе им одговори и рече: ‘Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле’. (Матеј 25, 41-45)
Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најповеќе) со секој еден страдалник. Затоа секогаш кога со своето богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние не собираме за себе туку се богатиме во Бога.
Сето ова погоре кажано начелно важи најнапред и најповеќе за луѓето што живеат и работат во светот. За монахот, како оној што е мртов за овој свет, начелно важи друго правило. Монахот е должен да Го нахрани, напои, прибере, облече, посети и Му послужи на Христос во своето срце. Секако, за да го оствари ова најнапред треба да го очисти своето срце од страстите, да го осознае ‘местото’ на срцето, да го открие Царството Небесно внатре во себе и да застане пред Царот на Славата, распнат заради нас и наше спасение.
Ова богатење во Бога се случува на трите степени од духовниот развој: на степенот на очистување на срцето од страстите, на степенот на просветлување и на степенот на обожение.
На првиот степен во Бога се богати оној кој го чисти своето срце од страстите, односно оној кој ги преобразува своите страсти во добродетели, и ги умножува истите. Секако, овој процес мора да се случува во рамките на конкретно и апсолутно послушание, односно кога со слободното потчинување на нашиот ум под умот на духовниот отец престануваме да ја храниме страста на словесниот дел од душата (умот) – гордоста, суетата, високото мислење за самите себе.
На вториот степен во Бога се богати оној кој страда во подвигот за исполнување на Христовите зборови: љубете ги непријателите свои и кој својот ум повеќе часови од денот го држи молитвено закопан во своето срце (дури и за време на Светата Литургија) барајќи го само Него, а не Неговите дарови.
На третиот степен на децата Божји им се открива тајната на зборовите на нивниот Небесен Отец дека сѐ Мое е ваше и им се открива соборната димензија на повикот на Духот Божји внатре од нивните срца: Авва, Оче! – им се открива она што светиот старец Софрониј го нарекува плач за целиот Адам.
Господи, помилуј...!“
(според записот на присутните сестри)