✥ .✥
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
И еве денес пак се собираме молитвено да им се обратиме на Петнаесетте Тивериополските свети маченици зашто и за пофалба и за крепост ги имаме. И на нивниот подвиг се сеќаваме и воедно се воодушевуваме и пак прашањето во што се разликуваме ние од светите 15 си го поставуваме и зошто се тие толку поголеми од нас пред Бога?
И ајде со ред да одиме и на Христовите зборови од евангелието Јованово да си спомнеме за кон одговорот да се приближиме.
“Ако Мене Ме гонеа и вас ќе ве гонат.” (Јован 15,20)
Ако ги држиме при срце овие зборови лесно би си одговориле на прашањето во што се разликуваме ние од овие петнаесет ерарси, свештеници и левити кои идолската прелест ја разобличија.
Верува ли некој можеби дека местото ги осветило? Секако дека не. Та нели секаде е земја господова, та нели е секоја педа земја од Бога создадена, та нели до каде што се чуло за Христа до таму и свети луѓе допреле? Та и ние нели во овој момент на истото место сме коешто тие со својата крв го натопија и го осветија?
И пак каде е нашиот подвиг? Сме никнале и ние и растеме на оваа почва, од нив со нивната крв натопена и осветена, како собир на живи и конкретни личности собрани околу епископот сите на едно место. Сме никнале по молитвите на овие Петнаесет свети и неустрашливи мажи и сме растеле заедно со многумина од вас со кои ги правевме првите чекори на патот кон вечноста. Сме растеле и растеме како црква собирајќи се и заедничарејќи во Телото и Крвта Христови. А сепак се разликуваме од Петнаесетте и научивме дека не е местото она што не осветува.
Друг ќе рече можеби до времето во кое што живееле е разликата помеѓу нас. Та малку ли искушенија носи секое време, секој нов ден? Е да, тие живееле во време кога Јулијан отпадникот од верата се зацарил, ние живееме во време кога отпадништвото преку секуларизмот и релативизмот и заробеноста од правата на малцинските групи завладеал со светот. Сепак по нивните молитви опстојуваме сè уште.
Јулијан ги побарал нивните глави. И ги добил главите, но Христос ги добил во истовреме нивните души и ги населил во Рајот согласно Неговото ветување кон нас дека оној што ќе ја изгуби душата заради Него ќе биде спасен и ќе ја сочува за живот вечен.
Новиот Јулијан Апостатот, отпаднатиот свет, не ги бара нашите глави на тацна сè уште, но лукаво нè убедува да ги наведнеме пред сите сладострастија што ни ги нуди секојдневно. Да ги наведнеме главите и така да ги изгубиме душите. Ние во удобства да се веселиме, а Христа да го растажиме одбивајќи преку подвигот на воздржанието горе да ги имаме срцата, а рацете да ни бидат испружени кон ближниот секогаш подготвени да му помогнат да не се удави во вителот на страстите
И ќе речам ете не била ни до времето различноста помеѓу нас и Тивериополските светила.
Тогаш што ни останува освен разликата да ја бараме во нашето разбирање на Црквата Божја. Зашто денес за многумина црквата не е место каде животот би го положиле за Христа, туку е место за бегање од искушенијата барајќи преку нашиот наемнички однос со Бога награда за принесените молитви и дарови, награда за сите испостени денови, за сите запалени свеќи. Наградата ја замислуваме во вид на среќа и заштита од искушенијата и многу лагоден живот во кој парите ни даваат привидна сигурност. Немојте, не се ни осмелувајте да ја замислувате така. Црквата треба да е за нас свето место во кое ќе го надминеме наемничкиот однос и ќе го изградиме нашиот синовски, љубовен однос со нашиот Бог Света Троица кој не би нè одделил од Него дури и кога би дошол глас од Небесата дека нема веќе места во Рајот.
Дури тогаш кога би останале со Христа дури и само во тие изброени денови на земјата бестрашни би станале и без трунка сомнеж пред мечот на гонителот своите глави би ги наведнале и тогаш одговорот ќе го добиеме и ќе можеме оправдано да се наречеме Христијани и би биле еднакво големи со нашите свети Петнаесет Тивериополски маченици и со сите оние милиони и милијарди осветени праотци, пророци, маченици, преподобни, исповедници, подвижници, светители кои се населиле на небесата и по чии молитви опстојува светов и веков.
Нека ни биде овој наш денешен молитвен собир за многу години, за храброст и вера неустрашлива. Богородица Брзопослушничка да ги чуе нашите молитви, а светите Петнаесет наши заштитници постојано нека се молат за сите нас пред Престолот на Бога Света Троица за еден ден и ние рамо до рамо со нив да застанеме и таму.
За многу години!
Струмица 11.12.2021
✥ .✥