Никогаш не треба да очајувате. Ако не сте постигнале нешто, тоа не значи дека не сте успеале. Нема грев кој е поголем од Божјата љубов; не постои грев кој не може да го надвладее Божјата љубов. Исповедајте се, причестувајте се и не повлекувајте се од Црквата. Подобро е да бидеш грешник во Црква, отколку добродетелна личност надвор од неа. Подобро е да бидеш хулиган и да бидеш со Христос, отколку да бидеш добар и да бидеш со ѓаволот. Нашата добрина нема да нѐ спаси, но ќе нè спаси љубовта која ја имаме кон Христос и духовната борба која ја водиме заради Него.
Еднаш еден монах заспал за време на богослужењето. Монашкиот живот е строг, душата може да копнее кон височините, но телото понекогаш нема сила да ја следи. Службата заврши и ја напуштивме црквата. Додека чекавме да бидеме повикани во трпезаријата, друг монах, за да го задева својот брат, во шега му рече:
„Оче, видов дека заспа во црквата.“
А тој одговори:
„Подобро да спијам во Ноевата арка, отколку да бидам буден надвор од неа!“
Подобро да ве спаси Христос, дури и ако заспиете во црква, отколку за време на поплава да се разбудите на улица. Покајанието е она што ќе нè спаси, а не нешто друго. Затоа мора постојано да се каеме. Зошто е тоа така?
Затоа што постојано грешиме и затоа што не треба да бидеме врзани за гревовите кои ги правиме. Свети Доротеј вели дека дури може и некого да го вознемирувате со начинот на кој го гледате и така да направите грев. Па, што да правиме тогаш? Да се скриеме во јама и неподвижно да чекаме таму додека не умреме?
Штом наутро ги отворите очите, кажете:
„Господе Исусе Христе, помилуј ме! И „Слава на Бог!“. Правејќи така, ќе отидете на Небо, не се сомневајте во тоа. Бидејќи кога личноста вели „Господе Исусе Христе, помилуј ме!“, тоа покажува дека сака да биде со Христос дека нема да греши по своја волја, а ако греши, тоа ќе биде против волјата.
Старец Никон Светогорец
извор- https://zivereci.com/8850
Извор: