Во Галеријата „Око“ се отвори изложбата „Рефлексии од реалноста“, чиј автор е Маја Анастасова Христова.
На изложбата се претставени триесетина дела од најновиот циклус на авторката.
Маја обработува навидум обична тема, во која се препознаваат архитектонски облици од урбаниот свет и градот, а застапени се и луѓето кои живеат во него. Меѓутоа, со несекојдневниот пристап кон изработката на делата, таа создава нови претстави на навидум обичните глетки, на кои им дава ново постоење. Групирани во диптиси и триптиси, сликите се дел од пошироки претстави, но композициски се компонирани да постојат и самостојно. Преку интензивниот колорит и комбинацијата на сликарски и цртачки елементи, со оваа своја изложба Маја ја претставува убавата страна на визуелното.
Изложбата ќе биде отворена до 23 декември.
За сликите од овој циклус Маја вели:
Сликите од изложбата „Рефлексии од реалноста“ го претставуваат моето сопственото видување на реалноста рефлектирана преку личните импресии од градот и луѓето кои живеат во него.
Со интензивните бои, комбинацијата на техники, и специфичното обликување на сликите, кои се составени од два или три дела наменети да стојат заедно, но кои истовремено можат да егзистираат и самостојно, сакам да креирам нова димензија на претставените глетки, поврзани со нашето секојдневие, но претставени на поинаков начин. Во сликите ја навестувам поврзаноста со реалноста, но со специфичниот ликовен израз давам простор и на мојата имагинација, и притоа создавам нови места, нови градови, во боите на мојот личен сензибилитет.
Сликите од овој циклус во континуитет го продолжуваат и прошируваат претставувањето на теми од секојдневното живеење, градот и урбаниот свет, кои досега ги обработував во дел од своите претходни изложби. Би сакала сликите од овој циклус да поттикнат откривање на поинаква димензија во реалноста и да овозможат да се согледа убавината и во навидум обичните глетки.
Маја Анастасова Христова е родена 1983 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, а во 2009 година завршила постдипломски студии на истиот Факултет, на графичкиот оддел. Ова е нејзината седма самостојна изложба, а учествувала и на бројни реномирани групни изложби во Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Романија, Италија, Франција, Португалија и Македонија. Добитник е на три награди.