СО ФИНАНСИСКА ПОМОШ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА
Во Велешко спасени вредни икони
Народниот музеј од Велес и Повардарската епархија прават големи напори за заштита на иконите од црквите и манастирите во општината, па и пошироко во регионот на Повардарјето. Со финансиска помош од Министерството за култура се направени и првите чекори за конзервација на вредни икони оштетени од забот на времето. Минатата година од црквата Свети Петар и Павле", во селото Папрадиште, до Националниот конзерваторски центар се испратени седум оштетени икони.
Од Музејот велат дека конзервацијата е при крај и седумте икони, од познатиот иконописец Димитрие Андонов Папрадишки во најскоро време ќе бидат вратени.
И покрај тоа што иконите во Велешко не се многу стари тие се дел од нашата историја и култура. Ако сакаме тоа богатство да го зачуваме мораме и понатаму да работиме на конзервација на иконите", вели Елица Николовска, од Велешкиот музеј.
Министерството за култура и годинава обезбеди финансиски средства за конзервација на уште седум икони.
Во општина Велес се наоѓаат седумдесетина цркви и дваесетина манастири со околу 1.500 икони. Освен манастирот Свети Димитрија", кај Велес и уште неколку други цркви, изградени во првата половина на 14 век, другите цркви и манастири се изградени во 19 век. Нивната голема вредност е во тоа што во нив фреските и иконите се нацртани од најпознатите македонски зографи.
Од Епархијата и Народниот музеј во Велес велат дека најголем проблем е во тоа што во повеќе населени места одамна жителите го напуштиле родното огниште, па црквите се оставени без грижа. Најчесто поради оштетувања на покривите, од влага, поголем број од иконите се оштетени, а се потешко е и справувањето со арамиите.
(С.А.) Вечер