(Продолжение)
ДЕЛ ПЕТИ
ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ОД ЗЕМНИОТ
ЖИВОТ НА АРХИЕПИСКОП ЈОВАН
3. ПРАВЕДНИКОТ ПРЕД СУДОТ НА ПРАВДАТА. - Откако дошол во новата средина па понатаму, Архиепископ Јован се што правел и жртви што поднесувал биле за доброто на сите верници од Руската Заедница во Сан Франциско. Множеството биле благодарни и се радувале. Но, помала група од нив ладно се однесувале спрема него. Челници на групата биле членовите на Црковниот одбор за изградба на катедралниот храм во градот.
Кога дошол моментот да се помисли за продолжување на градбата, било решено прво да се изврши ревизија за финансиското работење на Одборот. Тогаш неочекувано, одборниците пројавиле отпор. Сепак, ревизијата била извршена и биле откриени повеќе неправилности.
Оттогаш, членовите на Одборот почнале сосем непријателски да се однесуваат спрема новодојдениот Архијереј, сметајќи дека за се тој е виновникот. Поддржани од дотогашниот администратор на Епархијата - Архиепископ Антониј, овие почнале да се служат со невистини и клевети против Праведникот, за да се оправдаат себеси. На овие непомирливи непријатели и гонители се придружиле уште двајца владици: Архиепископ Серафим од Чикаго и Архиепископ Виталиј од Монтреал (Канада). Така здружени, групата прогонители на Вистинскиот Пастир не избирале средства и доброто го замениле со зло, само и само да „докажат" дека тој е недостоен да управува со епархија, каква што била оваа во Сан Франциско.
За остварување на својата цел, прогонителите испратиле Жалба до Синодот, со барање Архиепископ Јован да биде отстранет од Епархијата, зашто бил „неурамнотежена личност"; оддаден премногу на духовното, од него ќе биле запоставени практичните работи и црковните пари безразборно ќе се трошеле. На ова било додадено дека бил „симпатизер на црвените", а како доказ им служел фактот дека тој во Шангај го споменувал Алексеј I. и дека на еден Русин, кој изјавил желба, му дал благослов да се врати во Советскиот Сојуз.
(Што се однесува за споменувањето на Московскиот Патријарх, вистината е оваа: По Втората светска војна, во комунистичка Кина советската пропаганда била многу раширена. Меѓу другото, Московската Патријаршија испратила забрана архијереите на Истокот да не го споменуваат веќе Поглаварот на Руската Задгранична Црква, а само - Московскиот Патријарх. Додека други владици ја прифатиле забраната, владика Јован не ја прифатил, па оттогаш почнал да ги споменува и Митрополитот Анастасиј и Патријархот Алексеј I., без да имал било каква врска со комунизмот и со комунистите. Негов став бил и останал да сослужува со сите, зашто ги имал за браќа по вера православна!).
Повод била Жалбата против Архиепископ Јован Синодот да закаже вонредно заседание. Бил повикан и обвинетиот Владика, но на расправата не му било дозволено да присуствува, зашто таа се однесувала за него.
Конечното решение на Светиот Синод било: Престојот на обвинетиот да биде продолжен за 6 ме¬сеци, за да се видат резултатите од неговата дејност. Ваков предлог дал Поглаварот (Митрополит Анастасиј) и другите се согласиле со него.
Првото премреже (прво прогонство!) минало, но последиците од него многу жално ги доживеал Архиепископ Јован; тој не очекувал дека ова толку лошо ќе се одрази во душите на верниците. Имено, мирот што се градел неколку месеци, сега за час бил разрушен; пак се јавиле делби и закани едни против други; збунетиот народ не знаел на која страна да застане. Навистина, множеството останале на негова страна, ама имало и доста заведени од пропагандата што била водена против него, било со летци, па преку јавни гласила и сл.
Сепак, прогонетиот Владика Јован имал голема потпора од страна на Поглаварот. Во разговор со него, добил согласност да продолжи со своите планирани активности. Па така, во подготовките да продолжи изградбата на храмот било планирано да се свика Црковно собрание за избор на нов Црковен одбор. Мнозинството одредило и датум - 9-ти јуни.
За да се осуети оваа намера, непријателите веднаш поднеле тужба во Градскиот суд; според нив, пак главен виновник бил Владиката Јован. Од Судот се барало да го забрани изборот, зашто тоа било незаконски, ако се изврши.
Во случајов многу помогнал Епископ Сава Сарачевиќ, бивш судија во Србија, а отпосле замонашен и хиротонисан за Архијереј на Руската Задгранична Црква во Америка. Тој доставил во Судот стручно образложение и со факти докажал дека изборот што ќе се изврши е законски, зашто тоа го барале мнозинството верници; во тој однос тужениот не бил виновен. За Судијата било доволно даденото образложение, за да го отфрли барањето на тужителите и да го ослободи од секаква одговорност - тужениот.
И ова второ премреже (второ прогонство!) Архиепископ Јован го доживеал со не помала болка од првото. Пред се затоа, што овој пат бил доведен не пред црковен, а пред светски суд и тоа од „собраќа"-архијереи, што било срамотно за нивниот чин. Токму за вакви појави се однесуваат зборовите на Св. ап. Павле, кој вели: „Брат со братот се суди и тоа пред неверници!" (1. Кор. гл. 6, ст. 6).
Секое малцинство, раководено од недобронамерно раководство, може да биде многу агресивно спрема множеството. Тоа се потврдило и во Руската Заедница во Сан Франциско по повторното нарушување на мирот во Заедницата. Не само закани, а биле пројавени и груби истапи од страна на оние заведени, кои биле едномисленици со тужителитевладици. Целта била да се спречи свикување на Собрание и да нема избор на нов Црковен одбор.
Рамно на родител, Архиепископ Јован трпеливо поднесувал се, но од планираното не отстапувал. Откако била добиена согласност од Поглаварот, било свикано Црковно собрание и со мнозинство гласови биле избрани новите членови во Црковниот одбор. Добронамерните на ова се радувале и очекувале во најскоро време да продолжи градбата и најпосле тие да добијат свој храм во градот. Ободрени, се јавувале бројни ентузијасти, кои сами се предлагале да помагаат со се што можат околу изградбата на храмот. На прво место, акцијата за собирање доброволни прилози, која во претходната година мирувала, сега толку се засилила, што множеството во Заедницата сметале дека тоа ќе го забрза процесот за завршување на храмот. Со таква надеж се живеело! Само да отпочне градбата!
Но, по Промисла Божја, Архиепископ Јован требало да доживее уште едно премреже, трето по ред, но - најтешко (трето прогонство!). Ожесточените гонители поднеле нова тужба против него во Врховниот суд на градот Сан Франциско и околината. Во тужбата било истакнато дека Владиката бил виновен за незаконски извршениот избор на нови членови во Одборот и второ, дека имало злоупотреба на црковни пари (веројатно ги соблазнил големиот прилив на паричните средства!).
Според законските прописи, Судот донел решение да не смее да се почне со градба на храмот додека не се реши прашањето со тужбата. Се разбира, овој неочекуван чекор на Судот најмногу ги погодил оние, кои воопшто не очекувале дека ќе има и „трето" прогонување на нивниот Владика. Крајно разочараните од нив јавно изразувале сомневање дека, можеби, никогаш не ќе биде завршен започнатиот храм.
Од другата страна, непријателите со голема радост ја прифатиле судската забрана. Во толпа, тие извикувале тужениот да биде отстранет од нивната средина, а најожесточените од нив барале тој да биде уништен; каде и да го сретнеле, овие најбезочно го навредувале. Илустративен е примерот на една Русинка, која како возрасна се згрозувала од навредливите зборови, што таа тогаш како девојче ги слушала, а биле упатувани до невиниот Владика. Оваа личност во својата изјава изразува жалење што во она време и нејзините родители се наоѓале во толпата. Помалата нејзина сестра й кажувала дека еднаш нивната мајка му плукнала в лице на овој голем духовник, со што похулила на верата. На крајот дословно ќе рече: „Јас не разбирам зошто тогаш толку го замразиле. Ние децата чувствувавме дека не е виновен. Меѓусебе се разбиравме, тој не сакаше нас и ни посветуваше големо внимание".
---------------
Во месец јули (1965 г.) почнал судскиот процес; тој траел четири дена, со помали или поголеми интервали. Судијата Едвард 0'Деј уште во првиот ден забележал дека пред себе има Божји човек, а не - обичен обвинет. За одбележување е и фактот дека во историјата на овој Суд првпат било дозволено секое заседание да почнува со молитва.
Тројцата адвокати, застапници на архијереитетужители, грчовито се бореле да докажат дека тужениот е виновен; тие се служеле и со невистини, само и само да го „убедат" Судијата дека правдата е на нивната страна. Таков невистинит доказ, претставен од нив, била и една телеграма „добиена" од Синодот, а со потпис на Поглаварот - Митрополит Анастасиј. Во телеграмата било истакнато дека и ставот, па и деЈствувањето на тужителитеархиЈереи е во согласност со наредбите на Синодот.
Оваа измислица со телеграмата ги охрабрила тужителите и тие се надевале дека целиот судски процес ќе биде пренасочен во нивна корист. Но, оваа нивна надеж набргу била осуетена. Имено, Архиепископ Јован и неговите неразделни пријатели, присутни на судењето, знаејќи го претходниот став на Поглаварот по однос на тужениот, веднаш го известиле за ова што станувало во Судот. Запознат со стварноста, неговото изненадување не било помало од она на известувачите. Во својот одговор тој кажал дека за телеграма со таква содржина не знае и дека тоа го направиле други без негово знаење. Вчудовиден, на крајот поставил прашање, велејќи: „Зар е можно и тоа?"
Најпосле, неправдата била обессилена, а вистината - откриена. Судскиот процес бил набргу завршен. Специјална комисија, овластена од Судот, по извршената ревизија за финансиското работење констатирала дека злоупотреба на црковни пари немало ниту од Владиката Јован нити од други. По однос на изборот нови членови на Одборот Судијата донел заклучок дека за тоа прашање надлежни биле да решаваат Црковните власти, а не - државните судови. Па така, судскиот епилог гласел: Архијерејот и другите обвинети не се виновни и се ослободуваат од секаква одговорност.
---------------
Од се ова што станувало во Епархијата со прогонството на невиниот Архиепископ Јован се појавиле кобни последици не само за поединци од Руската Заедница во Сан Франциско, туку имало лош одраз и во другите епархии на Руската Задгранична Црква. Пред се, авторитетот на Светиот Синод од оваа Црква паднал многу ниско. Второ, некои црковни луѓе почнале да ја напуштаат Задграничната Црква од оправдани за нив причини. Во оваа смисла е и изјавата на Глеб Подмошенски (отпосле Игумен Герман!), кој во она време беше забележал, велејќи: „Таквата несправедливост спрема светиот човек, кој дојде од Европа само да помогне да се изгради храмот, за долго време остави рана во душата на секој очевидец." (Приведениве податоци за „прогонствата" на Божјиот Праведник дадени се според книгата „Не от мира сего" од Јеромонах Дамаскин (Христенсен), преведена на руски јазик и печатена во 1995 година).
---------------
През целиот тек на трите судења (пред Синодот во Њујорк, а потоа пред Градскиот и пред Врховниот суд во Сан Франциско), Архиепископ Јован храбро се држел и трпеливо поднесувал се што станувало со него. Верен исполнител на Христовата заповед за неосудување, тој не спомнувал со злоба ниедно име од неговите тужители и навредувачи. Сведоци тврдат дека неговата жалост во тие неколку месеци не била мала, ама со молитвена постојаност ја совладувал и со Божја помош ја издржал. Неговите, пак, најблиски се интересирале и сакале да дознаат кој е главниош виновник и предизвикувач на сите тие неспокојства, што нивниот Владика бил принуден да ги доживее, без секаква вина (во тоа тие биле убедени!). Еден од овие, по име Протојереј Серафим Слободској, еднаш во разговор со него се осмелил и го прашал: „Кој е виновникот за овој жалосен смут, создаден околу изградбата на катедралниот храм во Сан Франциско?" Добил одговор со еден единствен збор - „ѓаволот".
За примеров известува Протојереј Георгиј Ларин, кој тврди дека тој бил очевидец и на други јавни навредувања на овој Архијереј и тоа од свештенослужители, нему потчинети, но тој никогаш не пројавил гнев или злоба; бидејќи јавно навредуван, други реагирале, а тој - не. По тој повод отец Георгиј извикува: „О, каква света незлобливост!" Со ова тој ја потврдува големата скромност и вистинската смиреност на овој Владика, за кого и други тоа го истакнувале.
4. ПО ОДМИНУВАЊЕТО НА ЖАЛОСТА ПРАВЕДНИКОТ ДОЖИВЕАЛ РАДОСТ ВО ГОСПОДА. - Со секој свој збор и дело Архиепископ Јован докажал дека во основа му била и останала -ЉУБОВТА. Тоа најдобро се покажало во најтешките денови од неговиот живот. За време на прогонствата него го навредувале, а тој никого не навредил. Па така, со своето однесување и дејствување не ги одбивал, туку ги привлекувал другите. Еве и по трагичните моменти кога вистината била откриена и правдата победила, не мал број верници, кои прет¬ходно биле заведени и го нагрубувале, почнале да се осознаваат и се каеле за она што го правеле; множество од нив со покајнички солзи му приоѓале и барале прошка од него. Тој, пак, како вистински пастир и родител, од се срце се радувал што душите на овие покајници ќе им бидат спасени.
Оваа и други слични појави ја потсилувале надежта кај овој напатен Архијереј дека мирот и слогата пак ќе се вратат во Заедницата и ќе се оствари целта, заради која тој бил дојден во Сан Франциско, т.е. храмот ќе биде доизграден. Во моментот таа желба била врвна и ги покривала сите други негови желби; така тврдат негови блиски.
Секое богоугодно дело се почне ли, Бог ќе помогне тоа да се оствари (заврши). Така вели народната мудрост. Во случајов, Бог помогнал со неколку настани, кои оделе во прилог да се оствари што побрзо големата желба на овој Праведник, па и тој по жалоста да доживее радост.
Прво, по завршокот на последниот судски процес, Поглаварот на Руската Задгранична Црква, Митрополит Анастасиј, веднаш го назначил Архиепископ Јован за постојан епархиски архијереј во Сан Франциско и за Првојерарх на цела Западна Америка. Оваа чест Праведникот ја прифатил само како ОБВРСКА за посмело планирање и порешително извршување на задачи од поширок обем, а во полза на Светата Црква Православна.
Второ, поради старост Поглаварот Анастасиј се повлекол од својата должност и следувал избор на негов заменик. Уште пред изборот, Архиепископ Јован го предлагал најмладиот меѓу кандидатите, а тоа бил Епископ Филарет (Вознесенскиј). По Божја волја токму тој бил избран за нов Поглавар на Руската Задгранична Црква. Ова станало во првата половина на 1964. година. Двајцата Првојерарси на Задграничната Црква биле едномисленици и заемно се помагале. Обајцата добиле епитети дека се „страдалници и големи молитвеници за руското Православие".
Благодарение на подршката што ја имал Архиепископ Јован од новоизбраниот Митрополит работите околу доизградбата на храмот биле забрзани и така се успеало во истата 1964. година тој да биде завршен. Потоа следувало осветување на храмот. Овој чин бил извршен многу свечено. На ова ретко торжество учествувал многуилјаден народ. Освен Руси, учествувале и православни верници од други народности. Најнапред имало обиколување низ повеќе улици, каде што бил сопрен сообраќајот. На чело се носеле икони и крстови, знаци на - победата Христова; се разнесувал глас од повеќе црковни хорови. Велигденска РАДОСТ во душите на учесниците! ...
Градот Сан Франциско, наречен „современ Вавилон", каде што јавно се проповедал сатанизам, од овој настан па понатаму по волја Божја бил „удостоен" да го краси, покрај се друго, петкуполен храм, најголем и најубав од сите храмови што ги имала Руската Задгранична Црква.
---------------
Уште едно ретко Богоугодно дело му донело голема духовна радост на Архиепископ Јован во оваа 1964-та година. Имено, негова дамнешна желба се остварила во оваа за него значајна година. Прашањето се однесувало за прослава (канонизација) на праведниот о. Јован Кронштадски.
За решавање на ова прашање размислувал многу поодамна. Како Јеромонах во Битола тогашниот отец Јован нашол свој едномисленик на оваа тема. Тоа бил неговиот епархиски архијереј - Николај Велимировиќ. Обајцата биле големи почитатели на вистинскиот пастир и големиот чудотворец - о. Јован Кронштадски. Отпосле, со сите свои сили и двајцата се спрегнале овој Божји угодник да биде прославен (признат) за светител и во тоа успеале. (Само што едниот од нив не го дочекал тој свечен чин!).
---------------
Годините минувале, а двајцата искрени и истрајни почитатели на о. Јован Кронштадски не се откажувале од нивната добронамерна желба. Па така, едниот од нив пишувал за угодникот Божји, додека вториот свесно го актуализирал прашањето за канонизацијата, посебно меѓу собраќата - архијереи на Задграничната Црква. Благодарение на него, често се разговарало за решавање на овој проблем, но за жал на тоа и се останувало.
Во она време се огласувале и други видни црковни личности, кои ја подржувале идејата за канонизација на големиот молитвеник и прочуен чудотворец од Кронштад; имало и предлози за остварување на оваа идеја, само не официјални - до Црковните власти. Сепак, во овој однос најактивен и најупорен бил и останал - Владиката Јован.
Од сите овие желби, барања и настојувања се до почетокот на 1952. година резултати немало. Токму тогаш во Америка дошол Епископ Николај (Велимировиќ). Како прочуен проповедник, во Неделата на Св. Православие бил поканет да одржи ρ е ч пред верниците - Руси во Њујорк. Β ο ρ е ч τ а тој истакнал дека е узреана идејата и неодложна потребата (за Св. Црква и народот!) да се канонизира о. Јован Кронштадски.
Самиот Владика увидел дека ова не е доволно, па затоа тој составил и испратил писмен предлог до Поглаварот на Руската Задгранична Црква - Митрополит Анастасиј, со барање да се реши ова прашање. Предлогот бил поткрепен со повеќе факти и докази, добро обмислени и опширно образложени. Пред крајот, авторот го моли Поглаварот да обрне „срдечно внимание" на поставеното прашање и нивниот Св. Синод да донесе едногласно решение за светителс-' твото на отец Јована. Та тој „секаде и на сите им пожелувал и им пожелува добро; им правел и им прави добро!" - речено е на крајот.
Навистина, како само на ова да се чекало, па се да тргне на подобро, зашто пред овој документ ниедно барање не било претставено до Црковната власт по писмен пат.
Откако бил добиен писмениот предлог од Епископ Николај, Синодот на Задграничната Црква го задолжил Архиепископ Јован да го собира и да го средува потребниот материјал за канонизација на отецЈована. Со ова бил отпочнат процес, кој понатаму добил официјален тек.
Уште пред овој значаен настан, неуморниот Архијереј со многу работи за отец-Јована бил запознат. Бидејќи се интересирал, се што ќе чуел или ќе прочитал за него, тој тоа го забележувал. Меѓу другото, му се дала можност да дознае дека во 1931 година атонскиот Јеросхимонах Пахомиј составил Акатист - „честному и славному Іерею Божію Іоанну Кронштадтскому". Акатистот бил составен по желба и барање на почитателите на отецЈована, како светител и чудотворец. (Такво објаснение има!).
Во 1938. година Епископ Јован Шангајски добил напечатана Служба - „Святому Преподобному отцу нашему Кронштадтскому". (Во Предговор имало објаснение дека Службата била составена од еден епискописповедник на маченичката Црква во Русија, а по повод 25-годишнината од смртта на отец-Јован).
Овие примери ги приведовме за доказ на една стара традиција во нашата Православна Црква. Имено, поради строгиот критериум на официјалните Црковни власти, во одделни Помесни Цркви многу се чека за признавање нов светител и за внесување на неговото име во Календарот. (По ова се разликуваме од други вероисповеданија!). Во народот православен постои друга практика: кога множество верници ја сетат милоста Божја, пројавена врз нив по молитвите на вистинскиот Божји угодник (судејнеговата душа!.
дела), веднаш по смртта на Праведникот му изразуваат светителска почит и му се молат, имајќи го за свој застапник пред Бога. Во оваа смисла, класичен е примерот со Чудотворецот Николај, Архиепископ Мирликиски. Негов голем почитател, знаменит цариградски уметник, наскоро по смртта на Чудотворецот изработил икона со неговиот лик и ја поставил во ателјето до иконата на Света Богородица. Кај уметникот со својата свита дошол Патријархот да порача икони и му замерил за она што го направил. По некое време, Патријархот патувал со кораб и доживеал страшна бура. На маката се сетил за Чудотворецот Николај, познат во народот како голем заштитник на оние што патуваат по море, почнал од срце да му се моли, барајќи помош. Откако бил спасен, веднаш по враќањето во Цариград била дадена иницијатива моштите на Архиепископ Николај да бидат прославени и името на светителот да биде внесено во Календарот. Доказ: Доживеаното е посилно од она што сме го чуле или сме го научиле од книги!
---------------
Во 1956. година Архијерејскиот Собор на Руската Задгранична Црква го разгледувал материјалот, предложен за канонизација на о. Јован Кронштадски. На Соборот било истакнато дека собраниот материјал изобилува со податоци, како и - со докази за светоста на Праведникот, па сепак не одговарало времето неговите мошти да бидат во ова време прославени.
Во спомнатава 1956. година, Епископ Николај се упокоил во Господа. Божја волја била тој да не доживее да го види остварено посакуваното од него Богоугодно дело, за кое тој толку многу се заложувал и труд вложил. Архиепископ Јован искрено жалел што на неговиот едномисленик и сотрудник не му се остварила силната желба да присуствува на првата Света Богослужба во чест на „новопризнатиот" светител - Јован. Но, Блаженоупокоениот владика и пред својата смрт го почитувал о. Јована како светител и во 1952. година за него беше изјавил дека... „во душата и во совеста на милиони православни чеда тој е веќе признат за светител"... и дека „сите Православни Цркви веќе знаат за неговото име и за множеството негови чудеса".
---------------
Година по година минувале, а прашањето за канонизација на о. Јована останувало отворено. Во 1964. година, Архиепископ Јован пак настапил со предлог пред Архијерејскиот Собор во Њујорк. По тој повод Соборот образувал комисија; за претседател на комисијата бил назначен Владиката Јован. Во одреден срок комисијата била задолжена да подготви и да поднесе реферат, па кога таа тоа го извршила, тогаш Архиерејскиот Собор на Руската Задгранична Црква донел решение за канонизација на Божјиот угодник - отец Јован Кронштадски.
Остварувањето на ова Богоугодно дело било од значење и за радост не само за великиот Руски народ, туку и за Светото Православие во целина. Посебно Архиепископ Јован, за кого Владиката Леонтиј беше рекол дека е „еден од последните вистински
Апостоли", имајќи го предвид она што тој го доживеал во 1963 година, тогаш и за него се однесуваат Христовите зборови, упатени до Апостолите:" Па така и вие, сега сте нажалени, но Јас пак ќе ве видам, и ќе се зарадува срцето ваше и радоста ваша никој нема да ви ја одземе" (Јован 16,22).
5. ПРЕДВРЕМЕН КРАЈ ЗА ЗЕМНИОТ ЖИВОТ НА АРХИЕПИСКОП ЈОВАН. - Овој Владика немал одредено време за почивка. Пред се, тој го почитувал и го исполнувал редот на Светите Богослужби; втора негова секојдневна грижа биле болните и нив не ги заборавал никогаш; каде ќе го повикале и на полноќ одел, а и самиот знаел каде е неопходно потребна неговата помош и таму се наоѓал, без обѕир кое време е.
По сеќавање на Павел Лукјанов (сега Игумен Петар!) во она време во Сан Франциско имало 17 болници. Со свој Указ Владиката ги распределил градските свештеници кој во која болница ќе посетува болни, па месечно биле должни да поднесуваат извештај за совесно извршената должност. Самиот Архијереј посетувал болни во сите болници, а таму каде што имало болесници - Руси, одел почесто. Правејќи споредба, Архиепископ Јован кажувал дека посетите на болни од народот во Франција биле побројни, отколку во Америка. Французите тоа го практикувале особено во неделите и во другите празнични денови. Ова му дало повод Архиепископ Јован на Божик и на Велигден, па и на другите поголеми празници, од амвон да се огласи со своја порака до верниците да не ги забораваат болните во празничните денови.
Трета негова секојдневна грижа биле децата од сиропиталиштето - Свети Тихон Задонски. Владиката живеел во една скромна соба во Детскиот дом. Сите проблеми за прехраната и другите потреби на децата биле решавани договорно меѓу него и помошниот персонал. Неговото родителско однесување позитивно влијаело не само на децата, туку и на сите што работеле во Домот, па така атмосферата во оваа бројна заедница била не само поднослива, туку и пријатна.
Меѓу згрижените деца имало и возрасни (младинци). Тој и со нив бил многу близок, бидејќи имал разбирање за нивната возраст и се сообразувал со сё она што нив ги интересувало. Одвременавреме одржувани биле состаноци, на кои присуствувале и „надворешни" млади. На овие средби им се давала можност на младинците заемно да се запознаваат и да разговараат за одделни прашања. Меѓу другото, на овие им била позната и Владиковата црта за „неговите умесни шеги", а тоа ги разведрувало и тие уште повеќе ја чувствувале меѓусебната блискост со нивниот омилен Владика.
---------------
Овој голем Архијереј, покрај службените должности, сам си наложувал бројни задолженија, што исто така совесно ги извршувал, како да е принуден за тоа. Покрај сё друго, и ова е доказ дека бил вистински Подвижник, за кои е кажано дека „тие ГО исполнуваат не само тоа што е по Закон, туку и она што Законот не Го бара од нив, па затоа се незаменливи обрасци за вистински христијански живот". Овој Божји угодник, со Божјата помош и Неговата благодат, бил и останува за нас закон како да ни вели: Подражавајте ме мене, како јас - светите апостоли, а тие - Христа.
Почнувајќи од Битола, па сё до Сан Франциско, нам познатиот о. Јован. а отпосле - Епископ и Архиепископ, до последниот час (не ден!) најсовесно ги извршувал и законските должности и доброволните „грижи", не жалејќи се никому и за ништо.
---------------
Сабота, 1966. година 19-ти јуни (ст. стил). Архиепископ Јован со своите придружници бил во градот Сеатл. Утрото отслужиле Света Божествена Литургија во храмот, посветен на Свети Николај Чудотворец. Според неговата практика, тој останал три часа во Светиот Олтар на молитва. Потоа дошол во својата соба од Парохискиот дом и седејќи на фотелја сакал да одмори малку. По краткиот одмор, планирано му било да ги посети гробиштата и да отслужи Панихида, бидејќи саботниот ден според Уставот е посветен на умрените.
Додека одмарал, неочекувано од собата се чул тресок. Оние што биле во претсобјето го чуле тоа и кога ја отвориле вратата, го завариле нивниот Владика како се обидува да се врати на седиштето, но не можел; го кренале да седне на фотелјата. Почнал забрзано и силно да дише. Најпосле, по два длабоки издива, сё стивнало. Изненадени и силно потресени, присутните го положиле телото на легло и над главата ја ставиле Чудотворната икона на Божјата Мајка.
Наредниот ден ковчегот со посмртните останки на упокоениот во Господа Архијереј бил пренесен во Сан Франциско и поставен во храмот „Пресвета Богородица - на сите нажалени Радост". Тука телото на покојниот било изложено пет дена. Иако било летно време и температурата висока, сепак не се чувствувала никаква лоша миризба, тврдат оние што до последниот ден се наоѓале покрај отворениот ковчег. Некои од нив ова го толкуваат како милост Божја, со која се удостоени само вистински Праведници.
Во текот на петте дена, покрај редовните богослужби, утровечер се служела Панихида, а непрестајно се читало Светото Евангелие. Неброен народ непрекинато врвел покрај ковчегот; сите барале простување од почитуваниот Владика, кого тие многу го сакале, а и тој - нив. Посебен впечаток оставале младите, кои на свој начин ја изразувале својата жалост за големата загуба, која нив најмногу ги погодила. Та тој за нив се грижел повеќе од роден родител, зашто множеството од нив, по една или друга причина, биле оставени сами на себе!
На прашањето: Зошто толку се одлагал погребот, одговорот е следниов: Претходно немало разговор каде ќе почиваат моштите на овој Архијереј по неговата смрт. Затоа, викарниот Епископ Нектариј (Концевич) дал предлог неговиот претпоставен Вла¬дика да биде погребан во криптата под Светиот Олтар на Катедралниот храм во Сан Франциско. Предлогот бил прифатен, но се дознало дека постоел закон, со кој се забранувало погребение на луѓе во градското подрачје. Тогаш, адвокатот Џемс ОТар (Владиков бранител на судските процеси!) бил задолжен да поднесе барање до Градската управа, со образложение дека покојниот Архиепископ Јован заслужува неговите мошти да почиваат во криптата на Катедралниот храм, зашто тој многу страдања доживеал, се борел и се изборил, најпосле храмот да биде изграден.
Во текот на четири дена, одговорните во Управата успеале да се договорат и законот бил изменет, па позитивно одговориле по однос на барањето; истовремено, тие изразиле и свое сочувство за смртта на реткиот Епископ во нивниот град.
По добиениот одговор од Управата,во средата (25. јуни) во шест часот вечерта почнало Посмртното прославување на Владиковите мошти. Чиноначалствувал Поглаварот на Руската Задгранична Црква, Митрополит Филарет, во сослужување на Архиепископите - Леонтиј и Аверкиј, Епископите - Сава и Нектариј, дваесет и четири свештеници и неколку ѓакони; а пеел и хор под диригентство на Константинов.
Ова опевање на посмртните останки на покојниот траело до еден часот по полноќ. Во произнесените слова од Архијереите биле истакнати ретките подвизи што ги издржал Археиепископ Јован през земниот свој живот, како и - неговите добродетели што ги имал и жртвите што ги поднесувал за доброто на другите.
„Спиј сега спокојно, драги и возљубен наш Владико, одмарај од праведните твои трудови и подвизи, почивај во мир до општото воскресение на сите!" Со овие зборови го завршил своето проштално слово Архиепископ Аверкиј при отпевањето на Блаженоупокоениот Владика. За овој Архијереј некои изјавуваат дека бил еден од најревносните почитатели и бранители на страдалникот - Владиката Јован.
За учество на овој трогателен чин имало дојдени од многу градови, па дури и од крајниот исток на Континентот - од Њујорк. Меѓу множеството, биле забележани и Владикови заколнати непријатели; некои од овие со солзи на очите барале прошка и јавно го осудувале своето безумие, пројавено за време прогонствата. За разлика од овие, други се осудувале себеси, што не можеле тогаш да го заштитат својот Владика, убедени дека не е виновен и дека невин страда.
Множество учесници на погребот отпосле изјавувале дека кај нив, покрај жалоста, се криело потајно чувство на радост и ова им останало во сеќавање. Посилно ова го чувствувале кога почнало трикратното обиколување на храмот со посмртните останки на покојниот. Во ноќните часови мртовечкиот ковчег со телото го носеле младинци од Сиропиталиштето. Овој трогателен чин ги потсетувал на Светата плаштаница кога со неа пак во ноќни часови се обиколува храмот при крајот на Страсната седмица.
Се ова им оставило незаборавни спомени недоживеани дотогаш.
По завршокот на опевањето, ковчегот со посмртните останки бил симнат во криптата и бил поставен во посебна просторија под Светиот Олтар на храмот - „Пресвета Богородица - на сите нажалени Радост", во градот Сан Франциско.
На разделбата, многу млади од машки пол не сакале да се одвојат од единствениот нивни вистински заштитник. Со својата упорност, тие и овој пат ја докажале преголемата нивна приврзаност кон омилениот им Владика.
Утрото во четвртокот (24. јуни, ст. стил), на празникот - Рождество на Свети Јован Крстител (Иванден), била отслужена Божествена Света Литургија, а потоа и - Панихида.
Отпосле, просторијата каде што почиваат моштите на блаженоупокоениот Владика, била претворена во Параклис; тука редовно се богослужело и посетители секогаш имало. Прекрасниот иконостас бил изработен од познатиот руски уметник - Пимен М. Софронов. Се што постоело тука предизвикувало чудно смирување на душата, признаваат верници, што го доживеале тоа. Клањајќи се пред моштите на Праведникот, некои чести посетители изјавуваат во своите написи дека Покојниот го доживувале како да е пред нив жив и како на таков му се молеле да им биде застапник пред Бога. Веројатно, овие нему добро познати верници, сигурно ја помнеле неговата изјава кога во свое време тој за себе беше рекол: „Макар и да умрам јас, сепак сум жив!" Ова е одговор на прашањето за суштината на нашата православна вера, која учи дека не свршува сё тука на земјава, ами има и друг живот (духовен) кога секое словесно создание е должно да даде одговор за своите дела, извршени во земниот живот.
---------------
Имајќи ги предвид големите страдања, што Архиепископ Јован ги преживеал во немирната за него 1963. година, дел од неговите верни почитатели не можеле да се ослободат од мислата дека неговиот крај на земјава присилно е дојден предвреме; како доказ за ова им послужила Владиковата агилност до последниот момент од животот. Според нивното расудување, овој незаменлив трудбеник можел да поживее уште некоја деценија, да немало завидливи и злобни луѓе во нивната средина. Затоа, не можеле да ја преболат големата несреќа, која лошо ќе се одразела: прво, за децата од Сиропиталиштето и младите негови духовни чеда; второ, за болните и др. страдалници; трето, за Руската Задгранична Црква и најпосле - за Светото Православие во целина.
По однос на смртта - за кого и кога доаѓа таа, светите Оци имале подруг став, различен од оној што ние обичните луѓе го пројавуваме во време на жалост. Според нив, ако праведникот доживее предвремена смрт, ова не било несреќа за него, а - награда од Господа, бидејќи со тоа тој е удостоен порано да биде во близината на Бога.
Блаженоупокоениот Архиепископ Јован, со својата аскетска истрајност, покажал редок пример на голем подвижник во нашиов современ свет. Тој секој ден служел Света Божествена Литургија и се причестувал, строго постел и четириесет години не легнал во постела. Оние што подолго време биле во негова близина тврдат дека имал срце со детска чистота; од младини живеел во Бога и за Бога. Понатаму, како монах, тој го поврзал својот живот со животот на Светата Црква. Отпосле, како Архипастир никогаш не пројавил никаков свој интерес, а се свое го жртвувал за доброто на другите. Оние што ги знаеле или и самите ги почувствувале благодетите од неговите добрини, изјавувале дека „нивниот Владика" е вистински Праведник и свет човек. Се разбира, како човек и тој можел да погреши (само Бог е безгрешен!), но Владиковата лесна смрт, што прилегала на блажен детски сон, е Божја потврда за неговата праведност. Вистинскиот Божји угодник, на крајот од земниот живот, не доживеал страшни претсмртни маки. Покајан и чист, бил подготвен за преселба во другиот свет, Бог го милувал и го „повикал" во најспасоносното време за неговата душа!.
Подготви: Стојанка Тежак
Борис Кр. Бошковски
СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
(1896. - 1966.)
Животот, дејноста и чудесата на Свети Јован (Максимович), Скопје 2001
Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан
Издава
Свети Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква