Митрополит Волоколамски Иларион: „Духовниците коишто не благословуваат причестување во текот на Светлата седмица прават голема грешка“ (30.04.2012)
Волоколамскиот Митрополит Иларион (Алфеев), претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, коментира за практиката на некои свештеници да не им дозволуваат на верниците да се причестуваат на Пасха и во Светлата седмица, зашто тогаш постот е забранет. Според Митрополитот Иларион причестувањето со Светите Тајни во овие денови не само што е можно, туку е и неопходно.
„Сметам дека свештениците коишто не им благословуваат на луѓето да се причестуваат на Пасха, прават голема грешка. Зошто? Бидејќи Литургијата се служи за да се причестуваат луѓето. Неслужењето на Божествена Литургија во работните денови за време на Великиот пост и следствено невозможноста за причестување е всушност знак на покајанието и постот. Спротивно од тоа, за време на Светлата седмица типикот налага да се служи секојдневно Литургија. Тоа означува дека луѓето се повикани да се причестуваат секој ден“, смета Митрополитот Иларион.
За време на Пасхалната седмица не постојат правила за дополнителен пост пред Причест. „Пасха е најважниот празник на Христијанската Црква. Целиот Велик пост е подготовка за Пасха. Како може да се бара од човекот да пости и во текот на Светлата седмица, ако сака да се причести?!“, прашува Митрополитот во одговор на прашање од читателите на страниците од сајтот „Православие и светот“.
Извор: Дверибг.нет
Преземено од :МПЦ