Ерусалимскиот патријарх Теофил се сретна со патријархот Вартоломеј (31.05.2007)
Ерусалимскиот патријарх Теофил се сретна со патријархот Вартоломеј (31.05.2007)
Во вторник Ерусалимскиот патријарх Теофил замина за Истанбул за да се сретне со Цариградскиот патријарх Вартоломеј во барање на излез од црковната криза во која западна Ерусалимската патријаршија во последните денови. Минатата недела неочекувано Кралството Јордан го отповика официјалното признавање на Теофил за Ерусалимски патријарх, бидејќи „тој не ги исполни ветувањата што ги даде на Јорданската Влада при својот избор“. Оваа одлука дојде во моментот кога се очекуваше Израел да го признае Патријархот после неколку годишно одлагање. Според информирани лица, и на палестинските власти исто така им се прави притисок да ја откажат поддршката на патријархот Теофил. Овој акт го става патријархот Теофил во исклучително тешка ситуација и веројатна е можноста да се пристапи кон избор на нов патријарх.
Во Ерусалим се редат протести против патријархот Теофил од страна на арапските христијани, обединети околу арапскиот епископ на Севастија Теодосиј, како и митинзи во заштита на Патријархот најмногу од гркојазични христијани, но исто така и од Арапи.
Мината недела Светиот Синод на Ерусалимската патријаршија му наложи на митрополитот Теодосиј двомесечна забрана за служење, која тој не ја почитува како „анти-канонска“ и продолжува да служи. Во неделата со него сослужуваше и митрополитот на Назарет Киријак, што е знак за настанување на раскол во Ерусалимската патријаршија.
На средбата со патријархот Вартоломеј во вторникот беа разгледани сите детаљи околу кризата, однесувањето на Назаретскиот митрополит и други. Патријархот Теофил, кого го придружуваа четворица клирици, престојуваше во Истанбул три дена.
преземено од МПЦ |