- Немаме право да ги избегнуваме местата каде што се собираат нашите верници. Денес, најактивниот дел од нашата паства се наоѓа на социјалните мрежи – со овие зборови Неговата Светост, Патријархот Московски и на цела Русија г.г. Кирил се обратил на заседанието на Врховниот црковен совет на Руската Црква во Москва.
Според патријархот, животот на современиот човек во голем дел е насочен на социјалните мрежи, „и за многумина тие се единствениот, иако нецелосно доверлив и длабок извор на информации.“
- Доколку не сме задоволни со рекациите на нашите верни на определени настани, особено на настаните од црковниот живот, тогаш се поставува прашањето што сме направиле за да се избегне ваквата реакција, колку сме биле активни во објаснувањето на црковниот став, во дискутирањето на актуелните проблеми – појаснил тој.
Патријархот Кирил потенцирал дека Црквата е чувар на евангелските вредности, и дека нејзината задача е да им ги објасни овие вредности на своите современици на разбирлив јазик. Не заборавил ниту да предупреди на опасноста од виртуелизација на човечкиот живот, особено кога виртуелниот свет го заменува реалниот: „Таинството на спасението се одвива во реалниот живот. Ако не сакаме виртуелната реалност да стане атеистички феномен, мора сериозно да се запрашаме што Црквата може да стори за да биде ефективно поприсутна во виртуелниот свет, пренесувајќи им ја на младите својата порака.“
Извор: Интерфакс
Преземено од: КОЕ