02 март 2014
Новоизбраниот местобљустител на Киевската катедра, митрополит Онуфриј, се обрати кон патријархот Московски и на цела Русија Кирил, повикувајќи го да направи сè што е во неговите сили за да го спречи воениот судир меѓу двата народи. Во апелот на привремениот претстојател на Украинската црква се вели:
„Денес Украина го доживува, без преувеличување, најтешкиот момент во својата понова историја. По тримесечната општествено – политичка криза, крвавите судири во самиот центар на Киев и погибелта на десетици луѓе, се наоѓаме исправени пред уште едно, не помалку страшно испитание.
На 1 март од устата на официјални лица на Руската Федерација се слушна изјава за можно навлегување во Украина на ограничен контингент руски војски. Ако тоа се случи, украинскиот и рускиот народ ќе се најдат вовлечени во судир, кој ќе има катастрофални последици за нашите земји.
Како местобљустител на Киевската митрополитска катедра се обраќам кон Вас, Ваша Светост, со молба да направите сè што е можно да не се допушти крвопролевање на територијата на Украина. Ве молам да го издигнете својот глас за запазувањето на целосноста на територијата на Украинската држава.
Во овој тежок миг вознесуваме огнени молитви кон нашиот Господ Исус Христос, за Он по молитвите на Својата Пречиста Мајка, да нè сочува од војна меѓу братските руски и украински народи“.
Обраќање на Светиот патријарх Московски и на цела Русија Кирил кон местобљустителот на Украинската митрополитска катедра, Черновидски и Вуковински Онуфриј во врска со ситуацијата во Украина:
„Ваше Високопреосвештенство, возљубен во Господа владико Онуфриј, местобљустител на Киевската митрополитска катедра! Преосвештени архипастири и пастири! Драги браќа и сестри!
Со тага, немир и болка гледам на тоа што сега се случува во Украина. Политичките несогласувања водат кон конфронтација и поделба помеѓу луѓето, вклучувајќи ги и оние поврзани со заедничка вера. Загрозено – постоењето на Украина како единствена држава. Овие собитија станаа како плод на внатрешната политичка криза, неспособноста на различни општествено – политички сили да се договорат за ненасилно решение на постоечките проблеми во општеството.
Чеда на нашата Црква се луѓе со различни политички ставови и убедувања, вклучувајќи ги и оние кои сега стојат на спротивните страни на барикадите. Црквата не зазема една или друга страна во политичката борба, но долг на Црквата е – да страда за тие кои се изложени на насилство, кои имаат потреба од заштита, чиј живот е во опасност.
Одговарајќи на Вашето обраќање, драг владико, Ве уверувам Вас и Вашата украинска паства дека ќе направам сè што е возможно за да ги убедам сите оние во чии раце се наоѓа власта, дека не треба да се допушти смрт на невини луѓе, во драгата на срцето мое, земја Украина.
Крвта на нашите собраќа, пролеана во Киев и во другите градови на Украина,pk.jpg е плод на омразата која членовите на опозицијата од разни страни му дозволија на непријателот на човечкиот род да ја однегува во нивите срца. Нека Господ ја запре секоја рака подигната со намера да предизвика болка и страдање и да ги благослови тие кои го промовираат мирот. Да не допушти Он, семилостивиот Отец наш, брат да појде на брат, насилството да продолжи, светињите да се осквернат. Да нема повеќе жртви на Украинската земја. Да вознесеме за ова заедничка огнена молитва.
Никој од оние што денес живеат во Украина не би требало да се чувствува туѓ во својот роден дом, без разлика на каков јазик зборува тој. Не смееме да дозволиме понатамошна поларизација на општеството, пораст на насилството против мирните граѓани, треба на целото население да му се гарантира исполнување на неговите права и слободи, вклучувајќи го и правото на учество во донесувањето на судбоносни одлуки. Оние во чии раце се наоѓа власта обврзани се да ги спречат насилството и беззаконието. Украинскиот народ треба сам, без надворешно влијание, да си ја определи својата иднина.
Братството на рускиот, украинскиот и белорускиот народ – е реалност тешко заработена низ историјата од многу поколенија на наши предци. Оваа реалност, која живее во нашите срца, треба да ја определи и нашата иднина и не смее да се принесува на жртва на моментални интереси.
Денес,во Неделата на Простувањето, се обраќам кон сите мои браќа и сестри во Христа со огнена молба да простат и да се разберат еден со друг. Се обраќам кон сите на власт: не допуштајте насилство против цивилното население.
Господ да го благослови народот Ваш и да го сочува од секакво зло секој што живее во украинската земја.
Кирил, патријарх на Москва и на цела Русија
Користени информации: Православие.ру
Извор:
http://bigorski.org.mk/index.php?content_type=vesti_od_pravoslavieto&action=details&record_id=1158