Рускиот Патријарх Кирилл: Мисијата преку Facebook — јавен пример за градење на интерактивен дијалог со верниците
Во излагањето на епархијалното собрание на Московската епархија, Неговата Светост Рускиот Патријарх Кирил го проанализира присуството на Црквата во информациската средина, меѓу другото и во Интернетот:
„Информациската соработка со општеството зазема посебно место во црковната агенда. И минатата година уште еднаш ја потврди неопходноста од постојани напори за оптимизација на нашето присуство во медиумите. Тоа е актуелно како на општо-црковно ниво, така и на ниво на секоја епархија. Московската градска епархија не претставува исклучок.
Како што знаете, оваа година се појави сајт на епархијата на градот Москва, иако како резултат на хакерски акт сè што имаше во него беше неповратно избришано. За среќа, во моментов, сајтот после долга пауза ја возобнови својата работа благодарение на напорите на експертите, насочени на обезбедување безбедно функционирање на интернет-ресурсот.
За градските парохии, од кои повеќето имаат свои интернет-страници, дојде време да се излезе од рамките на простото информирање за животот на општината, новостите кои засега се ограничуваат со распоред на богослужбите. Сајтовите треба да станат центри на виртуелно општење, барем во одредена мера компензирајќи го недостатокот од внатре-парохиските врски. Современата состојба е таква што треба да се искористи секоја можност за закрепување на единството на нашите парохијани, кои, за жал, често се познаваат само од видување.
Би било добро, московските настојатели да обрнат внимание на општоцрковниот опит на интернет-комуникациите. Во оваа година на мрежата Facebook беше отворена страница на Синодалниот информациски оддел за Поглаварот на Црквата (www.facebook.com/PatriarhKirill).
Тоа е јавен пример за градење на интерактивен дијалог со верниците, кои мора да бидат уверени: дека ги слушаме и сме подготвени да им помогнеме да најдат одговор на нивните прашања. Неразумно е да се чека современото младо поколение да го посети храмот, кога нам ќе ни одговара да ги примиме.