Монах Мојсеј
Природната Осаменост: Светилиште на Спознанието за Себе и Бога
Постои и друг тип на осаменост—природна осаменост која не е патолошка туку креативна, животодавна, исполнета со благодат. Добар пример за таква осаменост е природната одделеност на монасите од светот. На таквата осаменост сите треба да и посветиме доволно време. Мора да бидеме способни да се повлечеме од бучните маси кои се толку површни, толку растројувачки и толку контрапродуктивни, во повлекувањето кое е здраво, убаво и добро. Важно е да научиме да го исклучиме постојаното комуницирање со сите, кое не ни дозволува да бидеме сами со себеси и заради што не сме способни да бидеме со Оној Кој постојано чека, олицетворениот Логос и Господ. Мора да го створиме времето и да најдеме начин за ваков поинаков вид на свето комуницирање на природната осаменост. Ова мора да го извршуваме со знаење и преку уредна и дисциплинирана програма.
Ве молам не заборавајте дека не зборуваме за оние кои бараат да побегнат од обземеноста со светот за да се одморат, да видат прекрасни зајдисонца, да гледаат во небото исполнето со ѕвезди. Таквите дејанија не се духовни. Ниту пак зборуваме за оние кои сакаат да медитираат користејќи техники со сомнително потекло за да постигнат сомнителни резултати. Не зборуваме ни за оние кои посветуваат краткотрајни моменти на површни мечтаења и кои претпоставуваат дека се имаат покаено кога почувствуваат сентиментални емоции при сеќавање на некои непромислености во нивното минато. И дефинитивно не зборуваме за добронамерните но наивни кои мислат дека духовниот живот на светото тихување се состои од шетање крај морскиот брег со бројаница в раце. Покрај тоа, не се обраќаме ниту на оние духовни туристи кои посетуваат свети места и смело дискутираат со свети лица, но кои не се одрекуваат од своето его ниту пак ја жртвуваат својата волја. Ваквите активности се само површни обиди да се избега од животот преку плитки мечтаења и каприциозни фантазии.
Она за што зборуваме е светото тихување постигнато преку аскетски напор кој не ослободува од осаменоста во светот, иако би можеле да се наоѓаме во бучен град или неуредно домаќинство. Зборуваме за истрајноста и трпението кои ни помагаат да ги испитаме најдлабоките корени на нашето постоње и да ги разбереме неговите ограничувања, кои ја растеруваат темнината која не заморува и обесхрабрува.
Треба да научиме да се молиме. Ни треба будност; постојано бдеење во целосна неподвижност и мир.
Кога сум близу до Бога од што треба да се плашам? Тој ме има раководено до онаа точка до кадешто јас можам да бидам воден. Очајувајќи заради пријатели и познаници—длабоко разочаран од уметноста, технолошкиот напредок, идеологиите—со разбиени илузии за друштвените разговори и бесмислените правила на однесување—ја достигнувам привилегијата на целосно очајание. Станувам свесен дека, во мојата соголеност, Самиот Бог е присутен за да ме облече во веродостојна надеж. Во ова чудо блажената сесвета Богородица и сите светии се присутни за да ја пружат својата поддршка.
Во оваа природна осаменост—оваа божествена осаменост—наоѓам утеха. Маските на глумецот, кои се чувствував обврзан да ги носам, или кои ми беа положени на лицето, сега се отстранети. Пред тоа се наоѓав во страшна состојба. Секоја ноќ морав да одам на некоја друга средба, да бидам дел од некоја друга група, зашто морав да бидам вклучен некаде. Постојано ја менував својата маска. Но сега, свртувајќи се кон себе, почнувам да живеам, да станувам свесен дека сум Божјо чедо, да го откривам мојот единствен и незаменлив идентитет, моето лице, мојата личност. Започнувам да го проучувам дејството на страстите. Можам да си ги видам моите јаки страни и моите ограничувања. Искупен сум од грешки, фантазии, претерувања и млитава апатија.
Цврстата решителност ни помага да ги упатиме нашите чекори кон ова осамено прибежиште на себеспознанието и Богоспознанието. Во ова светилиште, осаменоста, од која толку се плашевме, се претвора во воодоошевување. Зашто човекот кој е со Бога неможе никогаш да биде осамен бидејќи тој стапува во дијалог со себеси и Бога. Тука се пронаоѓаме самите себеси со помалку индивидуализам и повеќе љубов за другите. Наоѓаме солзи за болката и страдањето на нашите браќа и сестри и сила за поголеми подвизи кои ќе им помогнат. Зашто гласот кој блика од длабочинита на осамениот човек си пробива пат низ облаците и го допира Троичниот Бог, Кој секогаш слуша и секогаш одговара.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.
Посети:{moshits}