Монах Мојсеј
Божествената Осаменост во Општењето со Бога
Човекот кој општи со Бога знае како да го направи својот глас поревносен и да се радува додека стои на второ место. Тој знае како да му биде пријател дури и на некој непознат и како да биде задоволен со малку. Згора на тоа, тој знае како да не се замори во неговите трудољубиви напори и како да ги измие со солзи сите оние алчни и расипници. И, тој знае како да ги прави овие нешта без да се жали или да е незадоволен, дури и ако е напуштен од роднините, пријателите и колегите.
Далеку од бучните толпи и конфузијата на јавните места, во приватноста на вашата соба, одберете слободно и без присила. Можеби ќе ви изгледа дека не им нудите ништо на другите и дека сте насочени само кон себе, особено кога другите ви велат дека сте им потребни, бидејќи страдаат од болна осаменост. Оваа осаменост која сте ја избрале за себе е една напорна задача, која бара голема сила, хероизам, издржливост. Тоа е долг и бескраен напор. Понекогаш може да биде подготовка за враќање кон оној кого сте го изоставиле од вашиот живот, иако ова никогаш не треба да биде целта на вашата аскетска посветеност.
Сите светии на нашата Црква, најжестоките и активни мисионери, дури и самиот Господ во неговиот земен живот, ја почувствуваа тајната на божествената осаменост. Сетете се на оние големи личности, пророците на Стариот Завет: Мојсеј, Илија, Исаија и Јован Претеча.
Навраќајќи се кон нашиот век, го наоѓаме трагично осамен, во очај, песимистичен. И покрај настојувањата да се достигне спротивното, светот е во конфликт со секого и сешто: земји, влади, раси, колеги, родители, пријатели, деца, книги, лекции, работа. И, бивајќи во конфликт со самиот себеси, тој е и во конфликт со Бога, Kому никогаш не му се обраќа ниту Mу кажува нешто.
Најболната осаменост е да се биде покрај својот сопружник, а сепак да не си способен да му ги пренесеш внатрешните чувства, иако денеска и надворешните пораки се пренесуваат моментално од една до друга хемисфера. Болна е осаменоста за брачните партнери да кријат тајни еден од други со години. Болно е кога дијалогот е непостоечки помеѓу децата и родителите, помеѓу децата и учителите, помеѓу децата и клирот. Не постои посурова осаменост од тоа семејството да седи со часови пред телевизорот без да си речат збор меѓусебно. Живееме во тешки времиња. Осаменоста никогаш не била на повисоко ниво. Човекот е изгубен. Господ молчи.
Во оваа осаменост, во овој очај на градовите, во ова очигледно отсуство на Бога, човекот е повикан да си ги собере мислите, да дојде при себе, да ги остави настрана своите многубројни земни преокупации и да се повлече во неговото молитвено место безгласен, гол, како дете, за да Господ може да му зборува, да го облече и да го надари со духовна зрелост. Тогаш неговата осаменост ќе стане божествена осаменост на ослободување и тој ќе достигне чувство на исполнетост. Само таква радикална осаменост води до фундаментално разбирање и опит во Бога, уништувајќи секакво колебање, сомнеж и измачување.
Во оваа света осаменост човек се наоѓа себеси лице в лице со својата егзистенцијална сиромаштија и стравот од смртта кој таа го поттикнува. Сепак, дури и тука, постои опасност дека тој ќе го одбере одолговлекувањето како решение и барем за извесен период, ќе му олесни на своето испаничено јас. Може да продолжи да трча напред и назад до бескрај, проширувајќи го делокругот на своите општествени дејности и барајќи меѓу различни разоноди програма со екстремна зафатеност. Други луѓе, други нешта, работата и целосната инволвираност може да служат како маска за човековата духовна опустошеност за извесен период. И тој може ќе продолжи да талка бесцелно, гонет од околностите, измачуван, флертувајќи со различни нешта, борејќи се, бивајќи растргнат и на крај, уништен.
Живот исполнет со работа, но без ослободување што го носи заедничарењето со Бога е ропство. Борбата за прекумерно богатство е една неизлечива, измачувачка болест. Стравот од иднината може да стимулира алчност, јад, натрупување. А Бог може лесно да биде заборавен.
Еве што вели Авва Марко, за тоа како човек може да го избегне ропството на лошораководениот труд и наместо тоа да стане слободен слуга Божји:
“Оној кој ги отфрла вознемирувачките грижи за ефемерните нешта и е ослободен од било каква потреба за нив, ќе ја постави целата негова вера во Бог и во вечно добрите нешта. Господ не ја забрани потребната дневна грижа за нашата физичка благосостојба; туку покажа дека човек треба да биде загрижен единствено за секој ден. Да ги ограничиме нашите потреби и грижи само до она што ни е апсолутно потребно е сосема возможно преку молитва и самоконтрола, но да ги елиминираме целосно е невозможно”.
Во проникливите забелешки на Авва Марко кои продолжуваат понатаму, дозволете ми да ви го привлечам вниманието на една суптилна точка која се однесува на многу верни:
“Потребните обврски кои сме задолжени да ги извршуваме, секако дека мора да ги прифатиме и извршиме, но мора да се ослободиме од оние бесцелни активности и да преферираме да го поминуваме времето во молитва, особено кога овие дејности би не однеле во алчноста и раскошот на парите и богатството. Бидејќи што повеќе човек може да ги ограничи, со Божја помош, овие световни активности и да ја отстрани материјата која ги потхранува, толку повеќе тој ќе може да си го собере умот од такви вознемирувачки расејувања. Ако пак некој, заради слаба вера или некоја друга слабост не може да го стори ова, тогаш барем, дозволете му добро да ја разбере вистината и допуштете му да се обиде, колку што може, да се укори себеси заради оваа слабост и затоа што сеуште живее во оваа незрела состојба. Зашто многу подобро е да мора да Му се положи сметката на Бога за пропусти отколку за грешки и гордост”.
Дозволете ми да ја повторам последната поента: “Многу е подобро да мора да Му се положи сметката на Бога за пропусти отколку за грешки и гордост”.
Се одигрува драма во човекот во која тој постојано и предано бара надворешен мир и знаење. Но, кога ќе си дојде на себеси сфаќа дека вистинското гостопримство постои во едно неочекувано место. Оти токму во себе самиот тој ја пронаоѓа и ја искусува особеноста на неговата личносност. Таму тој ја наоѓа божествената осаменост на ослободувањето, базирана на знаењето за неговата поединечна личност. Тука, во мистичното тихување, тој ги измерува, одлучува и презема неговите обврски.
Достигнувањето на мистичното искуство за тоа што сме ние, што треба да бараме и што можеме да сториме опфаќа тежок напор кој, пак, е од критично значење. Токму во нас самите се спасуваме себеси од осаменоста на егото и таму го наоѓаме патот кон светлоста и радоста на причеста.
Голем дел од светот е раководен од недостаток на имагинација, мудроста е тргната на страна, а пристојноста е изгубена. Лагата и измамата изобилуваат, ревизионизмот ја фалсификувал историјата, Евангелието се толкува погрешно, учебниците се политички алатки кои ги декламираат идеологиите на оние кои се наоѓаат на позиции на моќ. Постои тенденција да се подражаваат лажните западни иеологии, вклучувајќи ја и лажната побожност и безболното социјално неохристијанство. Животот на Црквата и нејзините животодавни Свети Традиции се игнорирани.
Единственото прибежиште е за секој од нас да создаде наше сопствено светилиште каде и да може. На светот, кој ја смета измамата за интелигенција и честа за слабост, мора да се осмелиме и да му кажеме “Не допирај ме!”. Мора да избереме да останеме доброволно и одговорно сами, иако таквата осаменост бара голема храброст во општество кое агресивно го бара нашиот аплауз и не поттикнува кон амалгамација. Заморот од суетите, огорченоста, постојаното движење и безрадосните радости кои ги имаат исполнето нашите животи, ни помагаат да дојдеме до сфаќањето дека ова е најдобрата форма на отпор кон општата дезориентираност.
Обновувајќи го нашиот внатрешен свет, ја зголемуваме нашата издржливост и со време стануваме непобедливи за организираните напади на злото. Положувајќи го целиот наш живот пред нозете Божји и барајќи го изворниот живот кој Он сака ние да го живееме, добиваме предвкус за бесмртноста, каде што никогаш не сме сами туку во придружба на Христос и Неговите светии. Целата осаменост е растерана од внатрешна самодоволност.
И можеби би ви помогнало да знаете дека постојат многумина, вон вашиот видокруг, кои ви помагаат со нивните молитви. Ова се монасите, целосно посветени на Бога, кои бдеат над вас. Иако не сте ги сретнале, тие се молат за вас, со раце подигнати нагоре и колена и зглобови задебелени од постојаното клечење.
(Продолжува)
Подготви: Б.Ѓ.
Посети: {moshits}