Епископ Велички Методиј
Гревот не е наследна категорија. Сепак, тоа не значи дека совеста на секоја епоха, на секоја човечка генерација не е обременета со некој кардинален (смртен) грев, подеднакво отсекогаш присутен колку и самосвоен и на некој начин нов. Петното на совеста на нашето време е трагичната незаинтересираност за оној другиот, за нашиот ближен. Толку повторуваната парабола за милостивиот Самарјанин избледела во нашето сеќавање. Од друга страна, пак, парадоксот да е поголем, како никогаш до сега, јаството и другоста не била по популарна тема и предмет на бројни постмодернистички и постструктуралистички диспути и медитации. Далеку од тоа дека не ни текнува, но сувата спекулација е изгледа послатка од конкретното дејствување. Од саможртвениот подвиг. Папагалски повторувајќи ги стратегиите и критериумите на демократскиот свет надвор од транзиција, со хипнотичка упорност дебатираме за тоа како треба да се зголеми нивото на хуманост, поорганизирано да им пристапиме на каритативните акции, да им го олесниме животот на хендикепираните лица и т.н. Тони и тони хартија за договори, програми и флаери. Огромни пари за трибини и експертски конференции во странство. Плева од невладини организации полни со пароли за човекољубие како кокошки со неснесени јајца. Експериментални проекти кои завршуваат за пократко време од она, што им било потребно да започнат. Мислам дури доколку секоја од нив се погрижи за само по едно немоќно или хендикепирано лице, за пет минути ќе станеме хуманитарна Атлантида... Само празни зборови, а да се љуби теоретски е мошне лесно. Изгледа клучот е во глаголското време. Идејата не е да го згрижиме и нахраниме страдалникот, туку да го згрижуваме и храниме, помпезно и без прекин, се додека тоа лицемерно душегрижништво (како повратна спрега) ја храни нашата суета. Хуманизам заради хуманизам.
Ако светот во којшто живееме е суров и несносен заради страобалната алиенација и саможивост, таа е двојно и повеќекратно таква за луѓето со посебни потреби. Како еден човек со оштетен вид би се снашол сам во продавница? Како ќе си купи лекови, ако на продуктите и лековите во слободна продажба нема информации со брајова азбука (барем името на продуктот и датумот на производство)? Како ќе се користи со лифт, на пример, ако на лифтовите не се ставени знаци кои тој може да ги прочита? Во градот само неколку раскрсници имаат и звучна сигнализација, иако и светлосната, патем речено, ретко се почитува. Еден мој драг пријател, млад човек кој по тешка сообраќајна несреќа со години сосема е врзан за инвалидска количка, има сериозни проблеми да оди во црква, меѓу другото, бидејќи пристапот до неа, заради немање соодветна рампа му е невозможен. Конечно, нашите средби се редовно на платото пред соборниот храм Свети Климент, за него ретка духовна оаза во градов. Но што значи тоа кога неговиот дом е во една од приградските населби. Ист е случајот со пристапот до многу јавни институции и културни установи. За приватни посети по станбените згради и семејните куќи не станува ни збор. Неговите забелешки и неговата мака, за жал, не се осамен повик за внимание. Колку луѓе со сериозни психички дисхармонии талкаат по градов, ни болни, ни здрави, но по правило заборавени? Решението не се состои во тоа да ги наполниме психијатриските клиники и да го очистиме нашето окружување од потсетниците на нашата бесчувствителност. Полесно ни е да се срамиме од нив и да ги затвараме, одошто да го понесеме нивниот крст и да им ја ублажиме агонијата. Се почесто слушаме за старци и старици кои последните мигови од својот живот ги минуваат сосема сами. Дури по неколку дена соседите ќе забележат дека нивниот ближен се упокоил, го напуштил овој свет кој заради нашата незаинтересираност се претвора во духовна пустина. На ум ми доаѓа саркастичната крилатица на Андриќ, дека сите сме веќе мртви, само чекаме ред да не закопаат. Заради Танталовиот зобник на нашите ненаситни желби, мечти и амбиции, една од друга по нереални и по бесмислени, не сме во состојба да застанеме, да замолчиме, да ја почувствуваме светската болка и да се помолиме за олеснување и запирање на страдањата во кои светот се дави. Имаме огромна потреба од молитва. Дури и вестите за гигантските катастрофи и смртта на илјадници луѓе, наши браќа и сестри од онаа страна на планетата, ги примаме ладнокрвно, како бројка. Изгледа хиспаноамериканските серии, политичките препукувања и економската криза толку не збалосале што од шум(ата) не ги гледаме дрвјата. Се соживуваме со измислени патетики, со режирано херојство и со тривијални последици на сопствениот дефетизам, а реалното страдание, од крв и месо што се вели, го презираме и забораваме. Дали е тоа некој проблем со сетилата? Во еден брилијантен расказ, Иван Буњин зборува за Бернар, постојаниот сопатник на Мопасан на неговите пловидби по Медитеранот. Оваа кротка душа, како забележува рускиот нобеловец, непрестано се грижела за секој детал на јахтата Бел Ами. Бернар не дозволувал ни една капка вода да падне на некој метален дел. Го загрижувала неочекуваната морска струја од спротивен правец, која значела појава на ветер некаде на отворено море. Или облаци над Естерел, кои навестувале маестрал на запад... Но каква корист имал ближниот, се прашува Буњин, од тоа што Бернар веднаш ја бришел таа капка? А ете, тој сепак го правел тоа. Та и сам Бог, вели тој, сака се да биде добро. Тој се радува, кога ќе види дека оние што ги создал се навистина добри. А Бернар бил токму таков и тоа не од страв, туку од љубов. Ревноста на Бернар, колку и да е инспиративна и приемчива, очајнички недостасува во светот денес. Неговата доблест често ја немаме дури ни од површен малограѓански срам. Имаме огромна потреба од молитва. |
Неделно Време
|
Посети: {moshits}