Лажни пророци
“Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошо дрво дава лоши плодови; не може добро дрво да дава лоши плодови, нити лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете”. (Матеј 7, 15-20)
Уште на почетокот змијата рече да јадат од дрвото на познавање на доброто и злото, за да им се отворат очите и станат богови како Него. Во овча кожа, милозливо, но и полукаво од другите ѕверови полски, змијата беше лажен пророк и иницијатор на сите тие случувања кои навидум различни, а за кои скоро сигурен сум дека се со сосема иста коскена срж, случувања кои до денот денешен ја одбележаа непослушноста на човештвото. Прво, неразумноста на еден дел да се дрзне и пророкува невистина која води до соблазните и крајот со воденичкиот камен околу вратот и второ, наивноста на еден дел да дозволи слепило кон светлината од Јагнето и тргне по мрачните врвици кон адот. За среќа благодатта на Милостивиот која ги осенува најверните, го отвора умот за да им ги распознае плодовите и ако не се добри се погрижи за брзо отсекување до коренот и прочистување во огнот. Се бере ли грозје од трње, или добра мисла од змија која помешечки низ правот ја бара петата човечка?
Лажен пророк е богатството. Се сокрило во својот сјај и мами и воздишки и полусон по неговиот дофат, и желба да се поседува повеќе во еден натрупан облик отколку полезно да се даде. Ако го познаете по плодовите, ќе видите еден колеблив несреќник кој не умее да ја одреди цената на една осмина насмевка и мисли дека секогаш ќе плати неправедно многу. Се бере ли смокви од чичка, или отворена рака од богатник со истрошено срце?
Лажен пророк е похотта. Мислиш мирисот на разголена убавина е посилен од миксот на боите во виножитото, попосакуван од свежо набрана лаванда неисцедена од утринската роса сеуште, па дури повпечатлив и од парењето на лавовите чија краткотрајност е во сенката на силниот рев кој бучно ќе одзвонува како победнички екот. Ако го познаете по плодовите, ќе видите еден зависен разблудник кој не умее ниту постелата да ја нарече своја, кој му верува само на ноќта и нејзиниот мрак подобен да затскрива. Се бере ли грозје од трње, или бакнежи слатки од секому пристапни усни?
Лажен пророк е суетата. Ти ги полни градите со илузија, со нозе полесни од пердув брзо го освојуваш врвот, а веќе оттаму глетката е повеќе од розова. Те прави недофатлив, ти припишува вредност поголема од онаа на нафтата и стануваш скапа стока на пазарот на уникатности. Ако те препознаат по плодовите, ќе видат еден кутар надуенко чие јаже намерно се одврзало и тој се вивнал во небесата до судбината на Икар, сосема несвесен за постоењето на иглениот врв немилосрдно студен кога е во прашање подготвеноста да боде. Се бере ли смокви од чичка, или поглед закотвен в земја од очи кои не запознале никого друг освен автопортретот?
Лажен пророк е зависта. Те копа најдлабоко во твоите уверувања и вбризгува полно шише со отров до станицата од каде најбрзо би се распространил до секаде и се би заразил со чудење: како ближниот е посреќен? Ако го познаете по плодовите ќе видите еден зелен љубоморник чии усни се прегризани, ноќи непроспиени и душа испоцрнета. Се бере ли грозје од трње, или убав збор од немирна душа која што калкулира?
Тука се лажните пророци дојдени во овча кожа. Наликуваат на гласници на убавите чувства и исполнетост, на весел танц со незаборавни чекори и музика ни претивка, ниту прегласна за да би го дразнела слухот. Го прелажуваат човекот вознесен во лажна слава, а потоа настапува вистинската внатрешност, подем на волчјата грабливост која без милост ја раскинува душата одделувајќи ја светоста, а оставајќи ја трулежноста. За среќа, не е секој сирак во овој свет, па делото на Таткото го запре протокот на лага и подари спознание за плодовите од какво дрво потекнуваат. Доброто дрво ќе дава добри плодови кои ќе се јадат со незаситност, а лошото дрво лоши плодови заради кои ќе се пресече и запали за секогаш ...
- SP Apostol
- 31ти август лето Господово 2014
Друго: