19-ти септември лето Господово 2014
презвитер Горан Стојчевски
ЕКУМЕНИЗМОТ И ЗИЛОТИЗМОТ-ФОРМИ НА СЕКУЛАРИЗМОТ
Треба да посветиме поголемо внимание на зборовите што се погоре цитирани, за некого можеби се малку неразбирливи, но секако значајни ако сакаме да живееме православно со срцето, како што со устата исповедаме ( види Мт.15,8), и да не потсетат за да не паднеме во замката на осудувањето, кога осудуваме една ерес, а стануваме поборници на друга, да не даде Господ, Кој пак вели „сé она што сакате да ви го прават луѓето, правете им го вие, оти тоа се Законот и Пророците„ (Мт.7,12). Но, деновиве сајтовите, порталите, социјалните мрежи, па и медиумите беа место каде се информираше за средбата на римскиот папа со Вселенскиот патријарх, за некого тоа беше акт на евангелска љубов, за други акт на предавство, за трети можеби политички настан кој ќе придонесе кон светскиот мир итн. Овие вториве, го осудуваат екуменизмот, цитирајќи дел од светите отци, канони и правила, откровенски толкувања, конспирации, сметајќи дека треба зилотски т.е. ревносно да се брани верата, но, дали ќе се одбрани со цитати, не сум баш и сигурен, барем за до толку треба да знаеме од евангелскиот настан со слепородениот и разговорот на Спасителот со Самарјанката, дека на Бога треба да му се поклонуваме во дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат, оние што му се клањаат (Јн.4,23), и да не се фалиме дека сме ние Христови ученици, а на другите да им речеме дека се во гревови (види Јн. 9,27-34). Да не навлегувам во историски детали, но еве ќе се послужам со зборовите на протоереј Георги Флоровски, дека го разбирам екуменизмот како сесветско враќање во Православие, со додаток, кога ние како православни, најпрво ќе покажеме дека го живееме Православието.
Но, овде треба да зборуваме на планот на „ вистинскиот екуменизам„,иако тоа не наш термин, но да видиме што правиме ние како православни кога исповедаме дека веруваме во Една, Света, Соборна и Апостосла Црква, како што е Православната. Дали да го обвинуваме погоре опишаниот наш свештенослужител на Запад, што се поздравил, сретнал или присуствувал на некоја меѓурелигиска средба поканет од домаќините и тоа му се смета за грев, а не било грев кога и самиот не е прифатен од своите, за кои верата е само едно од оние национални чувства, или кога не е прифатен од браќата од другите православни цркви во името Христово, при што акцентот се става на канонско единство, наместо на литургиско единство, или каде е православното единство, кога против сите канони на Запад во еден град имаме најмалку три до четири православни епископи од различни националности, или до каде отидовме во тоа наше православно оттуѓување кога дојдовме до ситуација, новинари да ни објаснуваат дали на Литургијата имаме Тело и Крв Христови заради канонското единство или заради епиклезата, а самиот Господ во разговорот со Никодим вели, дека Духот Божји дише каде што сака (Јн.3,8), или по кои канони се мери количеството на Светиот Дух во една помесна црква, количество на Вселена над Соборност? Повторно, комарецот го цедиме, а камилата ја голтаме. Догматското единство, го претпочита литургиското, а ова второво го носи канонското, така барем нé поучува св. Ап. Павле во своето еклисиолошко послание (види Еф. 4,3-7). Во, последно време, испаѓа дека сé сме запазиле од Христовите заповеди, и затоа од сите книги во Новиот Завет се фаќаме за толкување на Откровението, како што вели еден наш владика, сите нас нé мразеле дека сме православни, а колку сме православни? Го бараме антихристот во она или ова, а во таа потрага по антихристот, Христос го губиме, а забораваме ли дека на секоја Света Литургија дека е меѓу нас и дека просиме да бидеме удостоени од Неговата моќна рака да ни го предадеш Твоето пречисто Тело и чесната Крв, а преку нас и на сите луѓе, забораваме ли на Неговите зборови (ако сакате од Откровението), ете сé ново создавам, да дојде царството Твое, Јас сум Алфа и Омега, Почеток и крај, Првиот и Последниот, нашето литургиско, дојди Господи Исусе, зарем треба да се сомневаме во тие зборови, па што и да се случи, Христовите зборови нема да преминат (Мт.24,35), Он е Оној Кој Е, (2Мој.3,14), Он победи со Своето Воскресение, и што е најважно, милост сака, а не жртва (Мт.9,13). Нели треба, по љубовта да нé познаат, Христови сме ако имаме љубов помеѓу нас (Јн.13,35), ако го возљубиме ближниот свој како себе си, тогаш ќе можеме и Него да го возљубиме со сето свое срце, разум и душа (Мт.22,37-30), и тогаш да пристапиме да го примиме како наш насушен леб, Телото и Крвта Негови, како сведоштво на нашиот завет со Него, Заветот Кој тој го запечати со Својата Крв, скапо сме купени (1Кор.7,23), а колку лесно Го предаваме. Ќе почнеме од Христа без Кого неможеме Бога да го наречеме наш Отец, или не дај Боже без благодатта ли на Светиот Дух без која не можме ниту да дишеме, и без која Христос не можеме да го наречеме наш Спасител, или ќе тргнеме само од нашите канони, кои без љубовта Христова се само слова за осудување, без нивната намена, да го придобиеме братот свој. Вселенскиот патријарх би можел да дојде во Македонија или во други православни страни кои го „нарушуваат„ канонското единство, исто како и српскиот, грчкиот, и другите поглавари, па да се видиме со Христови очи, литургиски да засведочиме, па така ќе засветли нашата светлина пред светот, кога ќе ги познаат добрите дела во Христа (Мт.5,16), тогаш несомнено, ќе зборуваме како апостолите дека христијаните на сите им станале омилени (Дела ап.2,47), тоа е мисијата на Православната Црква, да сведочи за Христа.
Биле последни времиња, па секогаш се, како ќе се исполни Писмото? Да даде Бог, да ги исполниме заповедите Негови, Он на секаков начин го устројува нашето спасение. Еве. Ќе осудиме некого за екуменизам, или луѓето кои се родиле како римокатолици или протестанти во „еретичкиот Запад„, и без да посведочиме ние пред нив за православието, зарем ќе имаме било каква човечка доблест да ги осудуваме, заборавајќи дека секој стои или паѓа пред својот Господар (Рим.14,4). Накратко, пак како што објаснил отец Шмеман, треба да се подзамислиме како по Литургијата на која го предвкусуваме царството Божјо, по нејзиното завршување се враќаме на придобивките од секуларниот систем, каде Христовите вредности и критериуми ги заменуваме со светските. Треба да внимаваме, со каква мерка мериме, бидејќи со таква ќе ни се мери, со каков суд судиме со таков ќе ни се суди(Мт.7,1-2) Како што вели свети апостол Павле, во секој човек е првиот закон Божји, законот на совеста, или внатрешниот закон Божји како што вели старец Пајсиј, некои по тоа ќе бидат судени, а сакаме ли канони, по канони ќе ни биде судено, но кој прекршил една од тие најмали заповеди и така ги научил другите, најмал ќе се нарече во царството Божјо, нашата праведност треба да ја надмине онаа на книжниците и фарисеите (Мт.5,19-20). Толку за осудите. Да внимаваме кога осудуваме еден грев, бидејќи во истиот момент правиме друг грев, од едно промашување во друго.