Што да им направам на луѓето?
“Се она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците”. (Матеј 7, 12)
На две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците. Првата: љуби го Господа со сето свое срце, душа и разум. Втората: љуби го својот ближен како себе си. Но, за ова некогаш подоцна ...
Како припадник на човечкиот род кој датира одамна, не направив некој посебен исклучок со кој ќе измамам радост на небото, туку продолжив по стапките на мнозина со карактеристично суетно однесување кое се базираше на моите цврсти убедувања околу дефинирањето на поимот: правда. Имено, обратно од стихот од Писмото, велам обратно бидејќи тоа и се очекува од еден себезаљубен жител во светот, ... им правев нешто на луѓето и верно очекував да ми возвратат во иста мера. Ја љубев сопругата моја на само мене сфатлив начин, кој секако го оценував многу високо, и се надевав на повратна љубов во истата амбалажа и со точност мерена во промили. Секако честите отстапувања ги забележував во колоната наречена предавство и ми беа посебен товар дури и по удолнина. Ги почитував ближните мои од рано наутро па се до црната ноќ која и можеше да ми биде нарушена ако тие го посакаа тоа. Гледајќи во нивните молбени очи лесно се одлучував да дадам заем и половина леб, но потоа бессоно долго чекав да се вратат до последната пара и трошка. И повторно гледајќи во нивните, сега лукави очи, ја отворав душата своја полна со лузни над која плачевме силно како над пресен гроб, додека безнадежно сфаќав за нивните лаги. Суштината на едно постоење бара да се прават грешки кои на овој или оној начин ќе бидат осудени од секој соговорник. Но, моето височество буквален толкувач на Божјата промисла, постапував меко и ненасилнички убедувајќи го ближниот свој во наивноста на неговите постапки кои го доведоа до заблудата. Но, кога јас ќе погрешев, многу малку ми беа двете раце да поставам штит од канонодата на навредливи зборови, понижувања и презир. Дури и се обидував некого да вметнам и во своите молитви, како со силен плач до Милостивиот би побарал малку утеха за нивната неволја. А, потоа наредниот ден па тој ќе ме вметнеше во неговите клетви како козата би ми умрела што поскоро. Многу поводи да се прашувам зошто по се што сум сторил за другите, бумерангот ми вратил само разочарување и горчина? Дали јас очекував премногу од луѓето или тие, онака човечки немоќно, постапија најдобро што умеат? Или сум го разбрал целосно погрешно она се што им правам на луѓето да сакам да ми го прават и тие?
Се она што сакам да ми го прават луѓето, ќе им го правам и јас. Сакам да ја љубам мојата сопруга на само мене сфатлив начин кој ќе биде доволен сам по себе да ги попречи сите приговори против неговата длабока искреност и обоеност во розов колорит. И не сакам ништо повратно, освен можеби малку солзи радоснички по некој гест направен тајно, романтично. Сакам да земам на заем кога е насушна потреба и долго трпеливо никој да не ме потсети, ниту прекорно погледне до денот на отплатата. Сакам да слушам за бремето нивно и давам надеж без ниедна невистина дека секоја болка на патот е созревање, дека трњата се места на кои се откинува старата облека и крстот само престојувалиште на последниот необновен човек. Сакам да не умеам да толкувам закони, нивните параграфи според кои треба да се процени вината, ниту да бидам решителен за конечниот удар со чеканот кој ќе означи крај на делото и пресуда за ближниот. Ги сакам утринските разговори со Бога кои некогаш траат подолго додека го замолам за оздравување на болните, смирување на вљубените, нахранување на сиромашните, разбудување на подзаспаните ... Сакам уште и птиците да не ме гледаат завидливо кога ги расфрлам трошките од трпезата, а и јас нема да им возвратам кога полетуваат во небото и се поблиску до ангелите. И на крајот сакам целиот универзум да се откаже од намерата да ме попречи во завршувањето на моето патување до дома. А јас нема повеќе да бидам темна точка во изгрејсонцето, сомнеж во напредокот на отпаднатиот род, ниту потенцијален прогонат надвор од портата, таму со кучињата.
- SP Apostol
- 17-ти август лето Господово 2014
Друго: