†Александар, Епископ на Буенос Аирес и Јужна Америка
Смирението, како природна состојба на душата, го става човека во правилна позиција во неговиот однос кон Бога, самиот себеси и ближниот свој. На тој начин тоа воведува мир меѓу луѓето и ги подобрува семејството и општеството.
Навистина, смирениот човек ги согледува своите мани и злодела; заради тоа тој, наместо да истрајува во нив, како што прават гордите, се кае и настојува да се подобри. Во исто време, свесен за Божјата моќ, смирениот човек ја почитува Неговата волја и стравува да не ги прекрши Неговите заповеди. Да беа сите луѓе смирени, ќе живеевме во најсреќното општество што може да се заимсли. Би немало разбојништва, силувања, измами, навреди... Би било рај на земјата.
Како што детето е нежно и послушно кон своите родители, таков е и смирениот човек кон Небесниот Отец. Заради тоа Господ ги сака смирените и им дава целосна помош, како што самиот кажа: “Живеам на возвишено и свето место, со оној кој има скрушено срце и смирен дух, оживувајќи го духот на смирените и оживувајќи го срцето на скрушените” (Ис. 57, 15). И древните мудреци забележале дека многумина се величани и моќни, но на смирените тајните им се откриени. Окото Божје е на оние кои се плашат и на оние кои ја чекаат милоста Негова (Пс. 33:18). Спротивно на тоа, Господ им го свртува грбот на самоуверените и гордите, како што е кажано: “Господ им се спротивставува на гордите а на понизните им дава благодат” (Јак.4,6) Ако Семоќниот е против гордиот, тогаш сиот напор на вториов е залуден. Светите Отци ја поистоветуваат гордоста со бакарен ѕид издигнат помеѓу човекот и Бога; низ него не може да продре никаква светлост, благодат, или помош одозгора. Заради ова, гордиот човек е најбедниот меѓу најбедните.
Смирението на човека му дава реален поглед на неговите сили и способности. Додека самоуверениот често настојува во нешто што е далеку над неговите способности и заради тоа се упропастува, смирениот, повикувајќи ја Божјата помош, прима мудрост и поткрепа од Него. Без непотребно рекламирање, тој често ќе стори повеќе отколку кога би делувал сам.
Смирението, влевајќи мир во душата, служи како инструмент за избегнување соперништво и расправии. “Земете го мојот јарем на себе и научете се од мене, зашто јас сум кроток и смирен по срце; а вие ќе најдете починка во вашите души” (Мат. 11,29). Праведниот отец Јован Кронштадски не учи: “Не давај злото да те победи, туку победи го злото со добро” (Рим. 12, 21). Кога некој е груб и неучтив спрема тебе, кога си искушуван, кога ти дишат в лице со презир и гнев, не возвраќај со иста мера, туку биди тивок, кроток и благ, полн со почит и љубов кон оние што недостојно се однесуваат кон тебе. Зашто ако си потресен и им возвраќаш на нивните ѕборови без мир, ако се расправаш со грубост и презир, значи дека се совладан од злото и треба на себе да ја употребиш изреката: “Лекару, излекувај се себе самиот” (Лука 3,23), или пак ”Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во сопственото око? ... Извади ја најнапред гредата од твоето око” (Мат. 7,3-5). Сожали се над оној што те навредил, зашто тој е толку лесно совладан од своите страсти и има болежлива душа. Што е погруб и попотресен, толку повеќе треба да го возљубиш. На ваков начин лесно ќе го совладаш. Доброто е секогаш појако од злото и затоа победува. Запомни, исто така, дека сите ние сме многу слаби и лесно совладани од страстите. Заради ова, биди кроток и попустлив кон оние што ти згрешиле. Ја имаш истата болест како и братот твој. Прости им на своите должници за да и твојот Отец на Небесата ти ги прости твоите долгови.
Смирението му дава на човека скромна, тивка и благонаклона природа. Навистина, кога тој ќе сфати дека сите совршенства на човековата природа се многу условни, како ќе негодува и ќе се поставува непријателски кон другите? Господ го воздигна цариникот-покајник над “праведниот” Фарисеј, како што ни прикажува Евангелието (Лука 18,10-14). Додека горделивиот е нестрплив да им ја покаже на сите својата надмоќ и заради тоа е немирен и агресивен, смирениот се однесува кон другите со разбирање и човекољубие. Ова, пак, помага да се воспостави клима на пријателство и мир и во семејството и во општеството како целина.
Смирението, коешто не носи кон Бога, е неизбежниот услов за духовен раст. “Бидејќи секој што се воздига ќе биде понижен, а кој се понижува ќе биде воздигнат” (Лука 14,11). Свети Исаак Сирин напиша: “Како противотров на суптилното славољубие, исповедај ја искрено својата слабост и незнаење, за да не те напушти Бог и да не станеш плен на нечистите страсти”.
Според едногласното сведоштво од Светите Отци, самата светост не е толку чудотворна колку што е смирението.
Подготви: Б.Ѓ
Посети:{moshits}