логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 

Протоереј Александар Шмеман

1. За секој совесен свештеник светата тајна исповед, без сомневање, е најтешкиот и најсложениот аспект од неговата свештеничка служба. Тој тука, од една страна, се среќава со единствениот вистински предмет на својата пастирска грижа:  човечката душа, човекот, личноста која стои пред Бога и која на себе ја носи тежината на гревот. Од друга, пак, страна, тој согледува на какво ниско ниво е сведен и изопачен црковниот живот од т.н. традиционално христијанство. Па така, основното христијанско учење за гревот и покајанието, за измирувањето со Бога и обновувањето на духовниот живот во тој поглед се неважни. Доколку, пак, овие наведени термини сé уште се користат, тогаш нивното значење е во потполност различно од она на кое почива севкупната наша христијанска вера.


2. Другиот извор од кој произлегуваат проблемите е од теориска природа, би можеле да кажеме – теолошка; предизвикан од изопачувањето на значењето на самата суштина на светата тајна покајание. Во денешно време имаме сопостоење на едно чисто формално и правно сфаќање на покајанието, чии западни и „латински” корени се јасно видливи, како и сведување на исповедта на една психолошка состојба. Во првиот случај, човекот доаѓа кај свештеникот и ги исповеда своите гревови, престапи на христијанските заповеди и добива разрешување кое му овозможува да пристапи кон светата тајна причест. Исповедта тука е сведена на минимум, а во некои цркви дури е заменета со општа молитва која ја читаат оние кои пристапиле кон покајание. Тука сиот акцент е ставен на разрешувањето од страна на свештеникот, кое се смета за единствено важно, без оглед на состојбата на личноста која пристапила кон покајание. Ако во овој случај корените на една ваква извитопереност на исповедта ги препознавме како „латински”, во другиот случај ќе ги препознаеме како „протестантски”. Тука исповедта се смета за некој вид „советување”, помош и решавање на проблемите, дијалог, не меѓу човекот и Бога, туку меѓу човекот и мудар, искусен советодавец, кој седи наспроти него и нуди спремни одговори на сите човечки проблеми. Овие две споменати тенденции го помрачуваат и изопачуваат вистинското православно поимање и практикување на исповедта.

3. Многу чинители ја условуваат постоечката состојба. Очигледно е дека сите тие не можат да се набројат, или едноставно да се опишат низ целиот тој сложен историски развој на светата тајна покајание, но, сепак, потребно е да се наведат неколку кратки црти пред да се премине кон разгледување на можните решенија за настанатите проблеми.

а) Во изворна смисла на зборот, светата тајна покајание била сфатена и практикувана како измирување на оние кои биле изопштени (екскомуиницирани) т.е. оддалечени, одлачени од ”еклисија” – од соборот на народот Божји и неговото реализирање во евхаристијата, која е заедница на телото и крвта Христови. Изопштен бил секој оној кој не можел да принесе (благодарење=евхаристија) и со самото тоа не можел ни да прими (евхаристија). Тоа измирување било долг процес, а простувањето на гревовите (разрешението) – негова конечна цел, знак или икона на светата тајна покајание, во кое оној кој пристапува кон покајанието ги отфрла и осудува своите гревови, т.е. отуѓувањето од Бога, вистински исповедувајќи ги како такви. Силата на разрешувањето не била разгледувана како сила сама по себе, суштински независна од светата тајна покајание, туку таа, всушност, се доживувала како светотаински знак на прифатеното покајание кое ги донело своите плодови. Црквата, изобразена во свештеникот, сведочи дека вистинско покајание постои и дека Бог истото го примил, дека се измирил и го присоединил со Црквата оној кој што пристапил кон светата тајна покајание. Без оглед на тоа какви измени се случувале во самиот чин на светата тајна покајание, ова прво и суштинско значење секогаш е појдовна точка на православното поимање на истата.

б) Исто така, од самите почетоци, Црквата подразбирала и грижа за секоја душа, односно раководење во духовниот живот, помош во борбата со стариот Адам во секој човек. Иако тоа отпрвин не било вклучено во светата тајна покајание, со појавата на монаштвото и нему својствената развиена теологија и пракса, духовното раководење станало составен дел на исповедта. Сепак, и во самото монаштво ова духовно раководење долго време било раздвоено од самиот чин на исповед, и често било доверувано на обични (неракоположени), искусни монаси. Забрзаната секуларизација на христијанското општество придонела раководењето во духовниот живот да биде суштински аспект на свештеничката служба и централна содржина на исповедта. Црквата, по смртта на Константин Велики, престанала да биде малцинство на херојски насочени верници и маченици за верата Христова и набрзо се поистоветила со светот и, секако, отпочнала да општи со огромен број луѓе кои и’ пристапувале (т.н. традиционални христијани, кои пристапиле кон Црквата отпосле, односно по запирањето на гонењата на Црквата), на кои им била потребна помош, трајно духовно раководство и грижа за личноста. На тој начин настанала значајна промена и во евхаристиската пракса во истиот период и поради истите фактори, со што дошло и до измена на сфаќањето на светата тајна покајание, која од света тајна наменета за оние кои се изопштени, т.е. надвор од Црквата, станува света тајна за оние кои се во Црквата. Со ова, теолошкиот акцент преминал од покајание на простување (разрешување), како единствен суштински елемент на оваа света тајна.

в) Секуларизацијата христијанското општество го направи отворено и прифатливо за хуманистички и прагматични теории за животот, кои во најголема мера го засениле христијанското учење за гревот и покајанието. Учењето за гревот како отпаѓање од единството со Бога, од еден вистнски живот – во Него и со Него, сé повеќе беше заменувано со некој вид морална или обредна законитост, во која гревот првенствено значи престап на утврдено правило. Во човекоцентричното и саможиво општество, со неговата етикета на успех и чисто надворешна пристојност, самите овие правила претрпеле радикално пробразување. Тие престанале да бидат разгледувани како апсолутни норми и биле сведени на општествено прифатливи правила. Ако во раната Црква христијанинот секогаш знаел дека е грешник, чии гревови се простуваат и кој, без никаква своја заслуга, станува учесник во новиот живот и причесник на Царството Божјо, современиот христијанин, бидејќи во очите на општеството е пристоен и прекрасен човек, секогаш го чувствува доброто во себе и потполно ужива во своето самопочитување. Неговото гледање на животот, кое за возврат го обликува и неговото поимање на религијата, сосема исклучува било каква длабочина во размислувањето и самоиспитувањето, било тоа да е отуѓување од вистинскиот живот (грев) или од новиот живот во Христа. Со текот на времето, со сигурност, тој прави некои престапи – вообичаени и ситни – но, најпосле, кој не го прави тоа? Меѓутоа, кога неодамна имав исповед на околу педестина луѓе во една типично православна парохија во Пенсилванија, ниеден од тие педесетина луѓе не исповеда дека направил каков било грев! Зар не ни се говори секој ден преку печатените и другите масмедиуми дека живееме во најдобро можно општество и меѓу најдобри можни луѓе?  Христијаните ова тврдење го прифатиле сосема сериозно.

г) Оваа секуларизација, на крај, ја освојува и ерерхијата и самото свештенство. Нашиот црковен живот едноставно се заснова на систем од меѓусебни пофалби и ласкања. Парохијата е секогаш среќна кога е задоволна со себе и бара од свештеникот постојано да им се заблагодарува на своите прекрасни луѓе за нивните прилози, напори, помош и великодушност, и да биде огледало во кое ќе се восхитуваат од себе. Истиот тој добитнички дух, добрососедство и надворешно делување го зафаќаат нашиот живот от врвот до дното. Успешноста на Црквата се мери со присуството на верници на богослужбите, материјално богатство и парохиски случувања од сите можни видови. Каде во сето ова има некаков простор за покајание? Тоа навистина го нема во самото ткиво на проповедта и делувањето на Црквата. Свештеникот  може да ги повика своите парохијани на сé поголеми потфати од материјална природа, може дури понекогаш да го искаже гласно своето незадоволство од нивното нередовно присуство на богослужбите и ревноста за тоа, може да се бори со масонеријата и црковните одбори, но обично и самиот тој не размислува за светот како за „похотата на телото, желбата на очите и гордоста на животот” (1.Јов. 2,16), самиот не верува во Црквата како спасение од очајот и темнината на гревот, тоа што таа е, а не установа за задоволување на религиски потреби на доброситуираните членови. Во вакви духовни услови, во присуство на една псевдохристијанска морална состојба, исповедта не може да биде ништо друго, освен она што во моментот е: уште една „религиозна должност” која треба да се изврши еднаш годишно (се практикува обично во текот на Велигденскиот пост), заради задоволување на некоја апстрактна канонска норма, и која е без никакви духовни последици, или претставува дискусија за „проблеми” (но не за гревот, бидејќи гревот, штом е како таков препознат, престанува да биде „проблем”) за кои цело време нема решение токму затоа што нивното единствено решение, всушност, ќе биде обраќање во вистинското христијанство, живот воден во Христа.

4. Дали може да се обнови вистинското православно гледиште и практикување на исповедта? Да, ако имаме смелост да се позанимаваме со проблемот во неговата суштина, а не само во неговите форми. Почетокот на ова обновување е во проповедта и во поуката. До извесна мерка севкупната христијанска проповед, поука и повик на покајание, метаниа – преумување, превреднување на сите вредности во светлината Христова. Нема потреба постојано да се проповеда за „гревот”, да се суди и осудува. Откако човекот ќе биде поттикнат од вистинската „содржина” на Евангелието, и од сета негова божествена мудрост, убавина и сеопфатно значење, тој станува подготвен за покајание, бидејќи покајанието се случува во оној момент кога човекот ќе го открие амбисот кој го разделува од Бога и Неговата постојана грижа за светот и човекот. Не е потребно премногу проповедање во облик на апстрактни императиви, во стилот: Црквата пропишува да се направи тоа и тоа, значи заповедувањето или командувањето не е проповедање.  Проповедањето ја подразбира желбата на луѓето да се пренесе позитивното, божественото значење, бидејќи само тоа значење ги прави прописите, нормите, каноните значителни, животодавни, спасоносни. Христијанската поука во себе треба да ја вклучи длабоката и творечката критика на секуларизацијата животната философија и вреднувањето на културата во која живееме. Христијаните треба секогаш да се борат против идолите – а денес ги има многу: "успех", "материјализам", "сигурност". Бидејќи овде, само во рамките на таквиот широк и вистински христијански суд за овој свет, учењето за гревот повторно го добива своето вистинско значење како изопачување на љубовта и интересот, како обожување на вредности и норми кои не се вистински "вредни". Ова, секако, подразбира дека самиот свештеник не се поистоветил со светот и дека ја поставува вечната Вистина во самиот центар на својата служба, а не само "практичните причини". И проповедта и поуката во себе мораат да имаат пророчки елемент, т.е. елемент на божествениот суд, повик дека сe во овој свет се гледа и мери со Христови очи.


5. Исповедта тогаш мора да се врати во рамките на свтата Тајна Покајание. А, секоја света Тајна подразбира најмалку три подеднакво важни елементи: подготовка, литургиски поредок и исполнување. Ако целиот живот на Црквата, а особено проповедта и поуката, како што видовме, се подготовка за покајание во широка смисла на зборот, постои и потреба за особена подготовка. Иако во Црквата, покајанието е став кој треба да биде присутен постојано во животот на човекот, сепак таа издвоила посебни периоди за покајание: Великиот пост, Божиќниот пост и другите пости во текот на годината. Тука, самата Литургија станува "школа за Покајание" (неисцрпното богатство на текстовите од Посниот Триод) и таа е вистинското време кон која треба  да се насочи проповедта и светата Тајна Покајание. Поредокот на читање на Евангелието, Псалтирот, химните и молитвите ни даваат изобилен материјал, а смислата на проповедта е сето тоа да се "примени" на луѓето, нивниот живот, но, и да се создадат понатамошни услови за тоа. Целта на таквата проповед во рамките на Литургијата, е да се подтикна "расположението за покајание" кај луѓето, да се наведат самите тие да го испитуваат својот живот, не само во смисла на поединечни гревови и престапи, туку длабоко во своето срце. А каде лежи богатството на нивните срца? Што ги раководи во животот? Како го "искупуваат" драгоценото време подарено од Бога? Што е смислата на ова брзо напредување кон неизбежниот крај? Човекот кој го испитува длабоко својот живот, кој сфатил, дури и еднаш, дека животот во сета негова полнота може и мора да се обрати кон Христа, тој е на својот пат на покајанието, кое секогаш е преумување, обновен живот, одлука да се вратиме кон Бога. Неопходно е подготовката за покајние во себе да го вклучи и толкувањето на исповедта – нејзиниот поредок, мотиве, смисла.


6. Литургискиот поредок на исповедта се состои од:
- молитва пред исповед
- подтикнување на оној кој пристапил кон покајание
- самиот чин на исповед
- разрешение


Молитвата пред исповедта не треба никогаш да се изостави. Исповедта го надминува нивото на човечки дијалог, како и чистото рационално признавање на вината. Човекот може да каже дека е "виновен", но, сепак да не почувствува покајување. Сите свети Тајни се чинови на преобразување. А, првото пробразување во светата Тајна Покајание е всушност преобразувањето на човечката исповед во христијанско Покајание, т.е. очистување на човечката душа која се враќа кон Бога и од Него го добива согледувањето на гревот, но, и семожната Љубов Божја, која го покрива тој грев. Но, за ова преобразување потребна е Божја помош и молитва пред исповед во која се повикува и бара оваа помош. Затоа, молитвата е составен дел на светата Тајна.

По молитвата доаѓа подтикнувањето. Тоа е последниот повик на вистинско покајание. "Бог тука невидливо стои и ја прима твојата исповед…". Но, од суштинска важност во овој момент кога свештеникот укажува на присуството на Христа, тој самиот да не биде во спротивност со оној кој пристапува кон покајание. Еден од најдобрите начини на подтикнување е поистоветување на свештеникот со сите грешни луѓе. "Сите сме згрешиле…", бидејќи свештеникот не е тужител, ниту пак сведок што молчи. Тој е икона Христова, Оној Кој на Себе ги зеде гревовите на светот и Неговото секогаш постоечко Милосрдие и Љубов е она што ги подтикнува луѓето на покајание.

Рускиот пастиролог митрополитот Антониј ја дефинирал суштината на свештенството како "сечувствителна љубов". Покајанието е света Тајна на измирувањето, а не на осудување.
Самата исповед има различни форми. Но, бидејќи оној кој пристапува кон неа обично не знае како да почне, должност на свештеникот е дам у помогне. Формата на дијалог, од своја страна, е најпрактична. Иако сите гревови се суштински гревови против Бога и Неговата вистина и љубов, сепак добро е да се подели исповедта на три дела:

а) Однос кон Бога: - Прашањата кои се однесуваат на верата, можни сомневања и одстапувања, за молитвата, литургискиот живот, постот, итн. Премногу свештеници ја сведуваат целата исповед на "неморалните дела", заборавајќи дека коренот на сите гревови е во слабата и извитоперена вера, во недостатокот на љубовта кон Бога.

б) Однос кон ближните: - Темелните ставови на себичност и себецентричност, незаинтересираност за луѓето, недостаток на внимание, интерес и љубов. Сите дела што се однесуваат на навреди мораат да се споменат, а нивната грешност да се предочи кон оној што пристапил кон покајание. Завист, озборување, суровост итн.

в) Однос кон себе: - Телесни гревови, нарушување на христијанската "целомудреност", почитување на телото како икона Христова, итн. – Недостаток на сериозен интерес, алкохолизам, ефтина смисла на "забава", неодговотност, семејни односи. Никогаш не треба да заборавиме, дека пред нас е човек кој не е навикнат на самоиспитување, чии животни ставови се обликувани според вообичаените стандарди со кои е сам е задоволен. Тука задачата на свештеникот кој исповеда, е да го разниша овој "малограѓански" став, и да му укаже на човекот кој се исповедува на вистинските димензии на христијанскиот живот, и да ја подтикне желбата за постојана борба против гревот и прелеста. Христијанското поимање на животот е исполнето со страдања и доколку тоа луѓето не го разберат, едноставно нема надеж за "христијанизирање" на нашиот духовно млак и општественоцентричен црковен живот.

Завршното подтикнување е заклучок на овој дијалог. Во него свештеникот треба да го повика човекот кој пристапил кон покајание на неопходната промена и преумување. Бог не простува, освен ако човекот не се труди да живее исправно и доколку не одлучил да се бори против своите гревови и на тој начин да се прибилижи кон Него. Она што за човекот е невозможно, за Бога е возможно. Ова последно подтикнување мора да биде чин на самата вера: труди се постојано и Бог ќе ти помогне, бидејќи така ни ветил…

г) На крај доаѓа разрешувањето – како исполнување на сето ова претходно: - подготовката, трудот, проповедта и размислувањата, подтикнувањето и исповедта. Уште еднаш од православна гледна точка, нема разрешување, онаму каде што нема покајание. Бог не прифаќа човек кој не доаѓа при Него, а "доаѓањето" всушност е покајанието, чин на "обраќање", вистинска и критичка промена на целокупниот животен став на самиот човек. Да се разбере разрешението како чиста "моќ", важечка и делотворна секогаш кога свештеникот ќе ја изговори разрешителната молитва, значи да се одстапи од Православие во магиски сакраментализам и "јурдицизам", кој се далечни на духот и севкупното Предание на Православната Црква.


7.  Според тоа, разрешението по потреба, треба да се изостави ако човекот:
- не е православен христијанин т.е. ако отворено и исповедно го отфрла животното учење на Црквата;
- одбива да излезе од очигледната гревовна состојба: на пример, прељуба, кражба, занимавање со нечесна професија итн.
- ги прикрива своите гревови или не може да ги признае како грев.
Но, треба да секогаш да имаме на ум, дека изоставувањето на разрешението не е казна. Дури и во Раната Црква одлачувањето, изопшувањето било изрекувано во надеж за излекување на човекот. Бидејќи целта на Црквата е да спасува, а не да суди и осудува. Свештеникот секогаш треба длабоко да размислува за целокупниот живот на човекот и да се бори за негово обраќање, а не просто да го следи формализмот на правдата. Ние знаеме дека Добриот Пастир ги напушта деведесет и деветте овци за да спаси само една. Ова дава голема слобода на свештеникот, кој е должен да ја следи својата свештеничка совест, постојано да се моли пред да одлучи било што и кој не смее да биде никогаш задоволен само со надворешната согласност, со "правилата, прописите и нормите".

 

Превел: ѓакон Горан Стојчевски       

 

      



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3141
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7620
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

23/11/2024 - сабота

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј; Светиот маченик Орест; Свети Нон, епископ Илиополски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная