
ПАТОТ НА ПОДВИЖНИКОТ
ГЛАВА ДЕСЕТТА
За гревовите на другите и за своите сопствени
Сега, кога си станал свесен за својата беда, за својата немоќ и за злото што се крие во тебе, како митарот од Евангелието го повикуваш Господа (Лк. 18:13): „Господи, биди милостив кон мене грешниот “ и додаваш со болка: „Ете, јас сум уште полош и од митарот, зашто не можам да се воздржам, а да не погледнам со презир кон фарисејот, и возгордевајќи се во срцето, да не кажам во себе: ‘Ти благодарам, Боже, што не сум како тој!’“

Но, според зборовите на светителите, сега кога си ја спознал темнината што го обвива твоето срце и слабоста на телото, во тебе се гаси желбата да судиш над ближниот свој. Од длабочината на сопствениот мрак ја распознаваш небесната светлина што јасно сјае во сè создадено: не можеш да ги гледаш гревовите на другите додека твоите сопствени се толку големи. Зашто токму во ревносното стремење кон совршенството, првпат стануваш способен да ја видиш својата несвршеност.
И токму кога ја спознаваш својата несовршеност — тогаш можеш да почнеш да се усовршуваш. Совршенството, значи, произлегува од спознанието за сопствената слабост.
Сега ти е дарувано она што свети Исак Сирин вели дека им е ветено на оние што се осудуваат себеси — а непријателот твој бега со брзината со која ти се приближуваш кон Бога.
Кој е тој непријател за кого зборува светителот? Се разбира, истиот оној што некогаш одамна зеде облик на змија, и оттогаш постојано во нас буди незадоволство, нетрпеливост, неразумност, гнев, завист, страв, тескоба, многугрижливост, омраза, малодушност, униние, мрзеливост, тага, сомнеж — особено оние состојби што ни го загорчуваат животот, а чии корени се наоѓаат во самољубието и самосожалувањето.
Кој може да бара послушност од другиот, ако самиот знае дека нема послушност кон Господа? Има ли таквиот човек причина да се смутува, да се разгневува или да се вознемирува кога нешто не оди според неговата волја?
Таквиот човек, објаснува авва Доротеј, со духовно вежбање се научил на тоа — ништо да не посакува. А оној што нема желби, всушност гледа дека сè се случува токму според неговата волја. Неговата волја се совпаднува со Божјата, и што и да побара, ќе му се даде (Мк. 11:24).

Може ли некој да му завидува на човек кој не се воздигнува, туку напротив — ја гледа својата состојба и наоѓа дека секој друг човек е многу подостоен за чест и слава од него? Може ли стравот, тескобата и многугрижливоста да се задржат во оној што, како разбојникот на Крстот, знае дека сè што му се случува е само тоа што го заслужил по своите дела (Лк. 23:41)?
Мрзеливоста го напушта таквиот човек, зашто тој непрестано ја разобличува во себе. Потиштеноста нема место во него — зашто како можеш да го собориш на земја она што веќе лежи на земја? Омразата кај таквиот човек е насочена единствено кон злото во сопствениот живот, што го спречува да Го гледа Господа; тој, всушност, го „мрази“ својот живот (Лк. 14:26).

И тогаш станува јасно: таквиот човек веќе го вкусил и видел дека благ е Господ (Пс. 33:8); Господ е Оној што го држи и го поддржува. Љубовта во него расте — и со неа расте и верата.
Таквиот човек е во мир сам со себе — а, како што вели свети Исак Сирин, со него се во мир и небото и земјата. Тој ги собира плодовите на смирението.
Но тоа се случува само по тесниот пат, по кој малкумина одат (Мат. 7:14).
Тит Колиандер
За Преминпортал подготвил С.Стефковски
01.10.2025 лето Господово


























