НЕ Е КОРИСНА СЕКОЈА СЛОБОДА
Слободата што Бог ни ја подарил е Неговиот најголем дар. Но, заедно со слободата доаѓа и одговорноста. Слободата не означува разврат, непромисленост (јас правам што сакам, кога сакам и како што сакам), но најмногу означува одговорност. Како што вели светиот апостол Павле: „ Сè ми е дозволено, но не е сè полезно; сè ми е дозволено, но ништо не сакам да надвладее над мене “.
Бог нè создал и не оставил слободни, затоа што нашето спасение и заедништво со Него не треба да бидат резултат на насилие и притисок, туку резултат што произлегува од нашата слободна волја.
Никој не може да нè спаси со сила, како што никој не може со сила да не испрати во адот. И, ова е најстрашната работа: слободно се подвизуваме да бидеме спасени преку Божјата благодат и повторно, слободно се подвизуваме да одиме во адот. Затоа што, човекот што не го надминува своето его, кој не превзема одговорност за своите дела, кој не го признава својот грев пред Бога и луѓето, не се бори да се спаси. Тој ја користи својата слобода за свое оправдување и за афирмација на своето его, додека неговата слобода би требало да биде средство,преку кое тој би станал ближен на другиот, оттргнувајќи се од заробеништвото на страстите и од големата идеја што ја има за самиот себе си.
Слободно се спасуваме и слободно одиме во пеколот. Слободно стануваме Христови. Слободно служиме на демонот. Да не ги обвинуваме околностите во нашите животи или другите луѓе. Зборовите „Сакам да станам свет, но не ме оставаат“ се голема лага. И тоа голема лага, бидејќи ако навистина сакаме да живееме во Христа, никој и ништо не може да биде пречка за нас. Дури и оној што ‘’војува’’ со нас и не измачува, без да осознае станува наш голем благодетел,наш најголем сојузник, затоа што преку испитанието и искушението во кое нè фрла, можеме да излеземе почисти и смирени; секако, сè додека на работите гледаме со Христовиот ум, а не со световниот. Ако донесеме цврста одлука да станеме Христови, единствено ние самите можеме да бидеме вистинската пречка за постигнување на оваа цел, никој и ништо друго.
Автор: архим. Павел Пападопулос
Извор: bogonosci.bg
За Преминпортал: Симеон Стефковски
16ти февруари 2021 лето Господово