Скоро, се потсетив на една ситуација од пред неколку години, кога едно детенце на мои блиски, гледајќи ја снимката од венчавката на неговите родители во Црква, замислено се свртил кон нив и им рекол: "А бе тато, што сте го лажеле со мама попот, само сте ветувале пред Бог а ништо не исполнувате". Е сега, кога не би било смешно би било многу трагично. Внимателна и длабока обсервација од едно дете,неочекувана и освестувачка бидејќи не доаѓа од човек острастен од времето,туку од дете кое што сеуште на работите гледа чисто, искрено и некалкулативно. Една лажна слика за она што мислиме дека сме или се правиме дека сме, ја крши еден искрен и чист детски ум.
Забораваме на многу завети што во текот на животот сме ги дале и сме се обврзале дека ќе ги исполнуваме... затоа и нашите дела се празни,затоа што преку нашите дела и не препознаваат...Можеш илјада пати да кажеш нешто и да ги убедуваш другите со најсовршен јазик,со најсрочена мисла, со елоквентна гестикулација, но ако твоите дела поинаку зборуваат за тебе се е залудно,се е ветар и магла...
Кога брачните другари би се потсетиле на брачните ветувања, кога учителите би размислиле зошто станале учители и што значи да си воспитувач и педагог на дело а не на ФБ, кога докторите би се навратиле на заклетвата што ја даваат, кога свештенството би се потсетило на чинот на ракополагање и моментот на дадениот завет со Бог, судиите, полицијата, политичарите...едноставно, кога секој би го почитувал зборот што го дал кога ветувал, тогаш и делата наши би биле ВЕРНИ и ВИСТИНИТИ и ќе немаше потреба да се препукуваме, да се докажуваме и да се воспитуваме со зборови, зошто нашите дела ќе светеа како светлина во темнината, ќе одеа како сведоштво пред нас и за нас и ќе беа доказ за љубовта, верноста, истрајноста, послушноста, пожртвуваноста, радоста, доследноста, професионалноста, неозлобеноста, негневливоста и уште многу други доблести....вака си остануваме само со еден префикс, со една наша титула што другите ја доживуваат лажно: лажен родител, лажен учител, лажен доктор, лажен свештеник,лажен политичар итн. Е кога не би биле лажни луѓе пред се дури тогаш може да се наречеме и патриоти.
Убаво е Бог да ни даде време во животот, да разбереме, да се промениме, да се покаеме и да го смениме секојдневието, бракот, професијата, односот со децата, ближните додека не станало прекасно, зошто никој не знае уште колку му е дадена таа скапоцена животна прилика и тој скапоцен животен миг.
Избор од фб профил на
Simeon Stefkovski
8ми март 2021 лето Господово