Митрополит Антониј Блум
За време на војната многу долго бев принуден да бидам без храм и како и многу други знам колку е тешко тоа. Меѓутоа, исто така открив едно, многу драгоцено својство на оваа несреќа, а тоа е што потполно станав свесен што значи црква, храм и заедничка молитва. И кога подоцна имав прилика да бидам во црква се молев со таква длабочина, со таков занес и сила како што се немав молено порано кога требаше да поминам едвај неколку стотини метри за да стигнам до малата руска црква, која беше недалеку од нас.
Заради тоа човек во себе треба да воспитува љубов кон Божјата служба и подготвеност да биде Христијанин секој ден, секој час, во сите околности, со копнеж, со глад за храмот и со радост поради тоа што сме Божји пратеници. Тоа е смислата на зборот „апостоли“. Ние сме сведоци. Тоа е значење на грчкиот збор „мартирион“, кој на руски се преведува како „маченик“, но во основа значи сведок, со укажување на тоа дека нашето сведочење мора да биде отворено и храбро дека заради тоа, за на другите да им донесеме неискажлива радост на верата, мора да бидеме подготвени да пострадаме како Христос, и ако е потребно—да умреме.
Меѓутоа, ова не се бара од секој од нас и сега сакам да зборувам за нешто друго: за тоа како ова сведочење допира до друг човек. Верата може да се најде онака како што јас ја најдов—со чудо, верата може да се стекне преку читање на Евангелието; верата може да се најде во средбата со жив човек кој е како некаков факел на верата од која таа се лее и светли. Верата може да се најде во длабочините на очајанието, кога, познавајќи ја потполната и крајна бесмисленост на секоја човечка помош, можеме да кажеме: „Дека гледано од човечкото становиште не преостанува никаква надеж, но дека, таа, сепак не умира, во мене гори дух, подлабоко од очајанието постои надеж која не лаже: Живиот Бог...“
Христијаните првпат се наречени со ова име во Антиохија. Зар тоа било само затоа што тие биле претставници на тогаш непозната, чудна, прогонувана и отфрлена секта која се родила меѓу Евреите? Секако дека не! Нив не би ги ни забележале, би ги избришале, би поминале покрај нив. Но, луѓето не можеле да не ги забележат затоа што во нив било нешто што другите луѓе не можеле да најдат во себе ниту едни во други.
Тертулијан во неговото послание до римскиот император велел: „Замислете се: околу нас сите луѓе велат ’Како овие луѓе се возљубија едни со други, со љубов каква што во паганство никој не нашол...“. Се разбира, и во паганството луѓето се љубеле едни со други, родителите ги љубеле децата, децата—своите родители, другарите—своите ближни, мажите и жените—едни други. Меѓутоа, овдека постоела група на луѓе во кои живеела потполно поинаква љубов. Тоа биле луѓе кои можеле да ги возљубат непријателите и прогонителите, за време на мачењето да се молат Бог да им даде спасение на мачителите, како што Христос кога Го распнувале се молел на Својот—и нашиот!—Отец Небесен велејќи: „Отец, прости им, не знаат што прават...“.
Токму оваа љубов тие ја откриле во христијанската заедница, но оваа љубов може да се открие во секој човек. И, се разбира, не треба да се биде маченик, не треба да се биде распнат, не треба да се биде прогонуван за оваа љубов да свети. Кој од нас не е опкружен со клевета, нељубов и рамнодушност? Кој од нас нема непријатели кои му посакуваат зло, кои сакаат да му го одземат она што го има и што му е најдрагоцено—да му ја одземат жената, да му ги одземат децата, да му ја одземат работата, да му ја одземат слободата, да му одземат нешто што му е особено драго на неговото срце?
Еве ја првата особина на Христијанинот: тоа е способноста без гнев и без омраза да погледне ваков човек и да каже: Прости, Господи! Тој не знае што прави...“ И повеќе од тоа: “Боже! Спаси го! Ти мене ме спаси, бев во темнина, Ти ме изведе на светлост. И јас бев безумен исто како и тој. Ти ми даде разум небески, а не овоземен...“. Еве за каква љубов на Христијаните зборувале паганите кои ги опкружувале. Веќе зборував за тоа каков бил нивниот живот, за чистотата, вистината и достоинството на нивниот живот, а тука доаѓаме до извесен максимум: да се возљубат непријателите, не за да се избегне нивната омраза, туку за да ги обнови нашата љубов, да ги направи поинакви, не задолжително Христијани по вера туку луѓе во полна смисла на овој збор, бидејќи човек кој мрази и завидува, кој е непријателски расположен, не е човек, тој дури не е ни на ниво на животно, тој е див ѕвер. Наша задача е, со својата способност да љубиме токму со таква љубов, да го обновуваме во другите човечкиот лик.
Подготвил: Б.Ѓ.