БЕСЕДА 50
Бог чудотвори во Своите светии.
1. Кој ги заклучил небесните порти? Илија или Бог, Кој бил во него и му заповедал на дождот? Мислам дека Владетелот на небото Самиот седел тогаш во душата на Илија и Божјото слово, преку неговиот јазик, му забранило на дождот да слегува на земјата. И повторно, кога тој се искажал ‡ се отвориле небесните порти и слегол дожд. Слично и Мојсеј го фрлил наземи жезлото и тоа станало змија. И повторно, кажал збор ‡ и тоа станало жезло. Земал пепел од печката, го расејал ‡ и настанале красти. И пак заповедил ‡ и се појавиле мушички и жаби. А можела ли тоа да го направи човечката природа? Мојсеј му кажал на морето ‡ и тоа се разделило, ñ кажал на реката ‡ и таа се претворила во крв. Се разбира дека небесната сила престојувала во неговиот ум и преку Мојсеја ги правела овие знаци.
2. Како можел Давид, без оружје, да влезе во борба со таков џин? И кога Давид фрлил камен на другоплеменикот ‡ Божјата рака го насочила каменот преку Давидовата рака и самата Божја сила, извојувајќи победа, го поразила непријателот. Зашто Давид, слаб по тело, не можел да го направи тоа. Кога Исус Навин стигнал до Ерихон, седум дена го опседнувал градот и со својата сила не можел ништо да направи. Но кога Бог заповедил ‡ ѕидините паднале сами од себе. И кога влегол во ветената земја, му вели Господ: Оди во битка. Но Исус одговорил: Жив Господ, нема да отидам без Тебе. И кој му заповедил на сонцето да стои уште два часа за време на битката? Неговата ли природа или силата којашто престојувала во него? И кога Мојсеј се борел со Амаликот, кога ги кревал рацете кон небото, кон Бога, го победувал Амалик, а штом ќе ги спуштел рацете, Амалик победувал.
3. И ти, кога слушаш за ова, не му дозволувај на својот ум да оди многу во ширина. А бидејќи тоа било слика и сенка на вистинските нешта, применувај го на себе. Кога и ти ќе ги подигнеш дланките на својот ум и мислите кон небото и ќе посакаш да се прилепиш кон Господа, тогаш сатаната ќе биде свргнат преку твоите помисли. И како што ѕидините во Ерихон биле разурнати со Божјата сила, така и сега ѕидините на порокот, што му го попречуваат патот на твојот ум, сатанските градови и твоите непријатели ги истребува Божјата сила. Така и во сенката од времето на Законот Божјата сила непрестајно престојувала во праведниците, творејќи видливи чуда, и внатре во нив престојувала Божјата благодат. Духот исто така дејствувал и во пророците и во нивните души служел на тоа тие да пророкуваат и објавуваат и, кога имало потреба, да му кажуваат на светот големи работи. Зашто пророците не објавувале постојано, туку кога тоа Го сакал Духот, Кој бил во нив. Впрочем, силата престојувала во нив постојано.
4. А ако Духот Свет се излевал во толкава мера и во сенката на Законот, колку повеќе се излева во Новиот Завет, по крстот, по Христовото доаѓање, кога и се извршило излевање на Духот и натопување со Духот. Зашто речено е: „Ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот” (Јоил 2, 28). А тоа го означува истото што го рекол и самиот Господ: „Јас сум со вас... до свршетокот на светот” (Мат. 28, 20). „Зашто секој што сака ‡ добива.” И како што е речено: „Ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат” (Лука 11, 10 и 13), според зборот на апостолот, „со сила... и со голема увереност” (1. Сол. 1, 5). Значи, тоа се стекнува според мера, со труд, со голема усилба, со трпение и љубов кон Него, кога веќе, како што е кажано, чувствата на душите се обучени „да разликуваат добро и зло” (Евр. 5, 14), т. е. да ги разликуваат лукавствата, навалите, разнообразните напади и стапици на злобата, а исто така да ги разликуваат и различните дарови и поткрепи по дејството и силата на Духот. Зашто оној кој во себе ја сознава гревовната краста, што преку страстите го осквернува внатрешниот човек, но не ги осознава во себе поттиците од Светиот Дух на вистината, Кој ја поткрепува неговата слабост и ја обновува душата преку веселоста на срцето, тој останува без способност да прави разлика и нема познание за многуразличното домостроителство на Божјата благодат и Божјиот мир. А од друга страна, и оној кому Господ му помага и веќе има духовна веселост и небесни дарови, ако помисли за себе дека веќе не му подлежи на гревот, се мами и паѓа во заблуда, не разликувајќи ја истенченоста на порокот и не разбирајќи дека излегувањето од детската возраст и усовршувањето во Христа се случува постепено. Затоа што, со помош на Светиот и божествен Дух истовремено и верата расте и напредува, и сите потпори на лукавите помисли почнуваат постепено целосно да исчезнуваат.
5. Значи, секој од нас мора да се испита пронашол ли богатство во овој слаб сад, се облекол ли во порфирата на Духот, Го видел ли Царот и дали, откако станал близок со Него, се успокоил или сè уште служи во надворешните згради? Зашто душата има многу членови и нејзината длабочина е голема, и придојдениот во неа грев завладеал веќе со сите нејзини елементи и пасишта на срцето. Потоа, кога човекот ќе се удостои за благодатта, таа доаѓа кај него и завладува можеби со два елемента на душата. А неопитниот, утешен од благодатта, мисли дека таа овладеала со сите елементи на душата и дека гревот е искоренет. Но поголем дел од душата е под власт на гревот, а само еден дел под благодатта. И човекот се мами самиот себе и не го знае тоа.
6. Имајќи многу да напишам за ова на вашата искрена љубов, со ова малку на вас, како луѓе паметни, ви давам повод, активирајќи ја и истражувајќи ја силата на зборовите, да станете уште попаметни во Господа и едноставноста на вашето срце да ја умножите со Неговата благодат и силата на вистината и, безбедно фаќајќи се за своето спасение, ослободени од секое љубопитство и од сите лукавства на противникот, да се удостоите во денот на судот на нашиот Господ Исус Христос да се покажете сигурни и неосудени. Нему слава и власт со Отецот и животворниот Дух Негов, сега и постојано и во бесконечните векови на вековите! Амин.
Превод: о. Игор Калпаковски
Друго: