логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


СЛОВО 7

Beseda44b.jpg
За слободата на умот.


ГЛАВА 1


Кога слушаш дека Христос, кога слегол во адот, ги ослободил душите што биле држени таму ‡ не мисли дека ова е далеку од тоа што се случува сега. Претставувај си дека срцето е гроб, дека таму се погребани помислите и умот, опфатени од тешка темнина. Значи, Господ доаѓа кај душите кои повикуваат кон Него од адот, т. е. доаѓа во длабочината на срцето и таму, заповедајќи í на смртта, вели: Ослободи ги заробените души што Ме побараа Мене, Моќниот да ги избавам. Потоа, одвалувајќи го тешкиот камен налегнат на душата, го отвора гробот, ја воскреснува навистина мртвата душа, ја ослободува заробената од затворот во кој нема ни зрак светлина.

ГЛАВА 2

Често сатаната, подбуцнувајќи те, разговара во твоето срце и вели: Разбери колку лошо си направил. Душата ти е полна со беззаконие, оптоварена со многу тешки гревови. Треба да знаеш кој е тој што дејствува во тој случај и, под маската на смирението, се труди да те турне во очај. Од она време, кога преку престапот гревот влегол во тебе, сатаната има достап секојдневно, како човек со човек, да разговара со душата и да í сугерира неубави мисли. Затоа и ти одговарај му: Имам потврда во Писмото. Бог вели: „Не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат” преку покајанието „и да остане жив” (Језек. 33, 11). Зашто каква друга цел имало Неговото слегување, ако не да ги спаси грешниците, да ги просвети оние што се наоѓаат во темнина, да ги оживее умртвените?

ГЛАВА 3

Како спротивната сила, така и Божјата благодат, само побудуваат, а не присилуваат, па слободата и волјата во нас да бидат целосно сочувани. Затоа за лошите дела што ги прави човекот, наговорен од сатаната, веќе не се казнува сатаната, туку човекот. Затоа што човекот не е на сила вовлечен во порокот, туку побуден е на него по своја сопствена волја. Слично на тоа, благодатта му го припишува направеното добро дело на човекот, а не на себе, и затоа нему му ја дава славата, затоа што тој самиот бил причинител на доброто. Затоа што благодатта не ја прави неговата волја постојана, обврзувајќи ја, како што е речено, со силата на принудата, туку, престојувајќи во човекот, таа í остава простор и на слободната волја, за да биде јасно дали е неговата волја наклонета кон добродетелта или кон порокот. Зашто законот не í е даден на природата, туку на слободната волја, којашто може да се наклонува и кон добро и кон лошо.

ГЛАВА 4

Душата треба да се чува и штити од комуницирање со скверните и лукави помисли. Како што се осквернува телото, кога ќе влезе во нечист однос со друго тело, така се развратува и душата којашто се здружува со лукавите и скверни помисли, согласувајќи се со нив и покажувајќи се волна не само на лукавство, туку и на секој порок, како на пример: неверие, измама, суета, гнев, завист и раздор. Токму тоа значи она ‡ „да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот” (2. Кор. 7, 1). Зашто, вака размислувај: Постои разврат и блуд што го вршат непристојните помисли скришум во душата. И како што, според зборовите на великиот апостол, „ако некој го разори Божјиот храм”, т. е. телото, „него Бог ќе го разори” (1. Кор. 3, 17), така и оној што ги развратува душата и умот, приволувајќи се на она што е непристојно, подлежи на казна. Значи, како што телото треба да се чува од видливиот грев, така и душата треба да се чува од непристојните помисли, зашто таа е невеста Христова. „Ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица” (2. Кор. 11, 2). Чуј што вели Писмото: „Најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот” (Изрек. 4, 23). И уште, послушај на што нè учи божественото Писмо: „Лажните умувања оддалечуваат од Бога” (Мудр. Сол. 1, 3).

ГЛАВА 5

Откако ќе ја преслуша и испита својата душа, секој нека бара одговор од неа: Кон што е таа расположена? И ако се случи да увиди дека срцето не е согласно со Божјите закони, со сите сили нека се погрижи како телото, така и умот, да ги сочува неразвратени и несогласни со лукавите помисли, само ако сака Бог, како што ветил, да се всели во неговата чиста душа. Зашто „ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив” (2. Кор. 6, 16), ветил Тој, несомнено, во чистите и добротољубиви души.

ГЛАВА 6

Како што земјоделецот, кој се грижи за својата земја, отпрвин ја обновува и го истребува трњето, а потоа фрла во неа семиња, така и оној што очекува од Бога да го прими семето на благодатта отпрвин треба да ја исчисти земјата на своето срце, па семето на Духот, што паднало на неа, да даде потполн и изобилен плод. А ако ова не биде направено претходно и човекот не се очисти од секоја скверност на плотта и духот, тоа значи дека тој сè уште е плот и крв, и далеку е од животот.

ГЛАВА 7

Треба да се набљудува со голема проникливост да не доаѓа од некоја страна некаква измама, лукавство, злодејство од непријателот. Како што Духот Свет преку Павле им служи на сите во сè за да ги придобие сите (1. Кор. 9, 22), така и лукавиот се обидува на сите да им биде сè, за сите да ги турне во погибелта. Имено, со оние што се молат, тој се претвора дека заедно се моли, со цел да ги прелаже, со помош на маската на молитвата да ги турне во вообразеност, со оние што постат пости, со намера да ги воведе во заблуда преку вообразеноста, истото го прави и со оние што имаат знаење од Писмото, сакајќи, под маската на знаењето, тие да паднат во заблуда. На оние што се удостоиле за откриена светлина и самиот им се претставува како таков, зашто речено е дека и „самиот сатана се преобразува во ангел на светлината” (2. Кор. 11, 14), со цел да ги измами преку привидот на светлината и да ги привлече кон себе. Со еден збор, тој поприма за сите секаков изглед, со цел, користејќи ја сличноста, под маската на благовидноста, да погубува. Речено е: коешто ги уништува мудрувањата „и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога” (2. Кор. 10, 5). Гледаш ли до каде овој горделивец ја простира дрскоста на својата намера ‡ да ги сруши и оние што вистински Го познале Бога. Според тоа, највнимателно треба да го чуваме своето срце и да просиме од Бога големо разбирање, за да можеме да ги откриваме стапиците на злобата. Исто така, непрестајно треба да се вежбаат и обработуваат со разбирање умот и помислите и да се усогласуваат со Божјата волја. Не постои друга работа толку висока и достојна за почитување; зашто речено е: „Неговото дело е слава и великолепие” (Псал. 110, 3).

ГЛАВА 8

Богољубивата душа, и ако сè добро направи, обично секое дело не си го припишува на себе, туку Му го припишува на Бога. Затоа исто така и Бог, од Своја страна, гледајќи го здравото и правилно разбирање и знаење на душата, секое дело í го припишува нејзе, í одредува награда како само таа да се трудела и како самата од себе сè да направила. А кога Тој би сакал да се суди со нас, тогаш не би се нашло ништо што навистина и со право би му припаѓало на човекот, затоа што и имотот, и сите мамливи земни блага, со кои човек може да прави добро, и земјата и сè што е на неа, самото тело и самата душа, Нему Му припаѓаат. И не само сето останато, туку и самото свое битие човекот го има по милост. Значи, каква сопственост останува кај него, со која со право тој би можел да се пофали или оправда? Впрочем, Бог го прима она што го принесуваат луѓето како најголем дар и од она што се принесува најпријатно Му е ако душата, добро познавајќи ги односите меѓу нештата, сè добро што прави, во што се труди заради Бога, сè што разбира и познава, Нему Му припишува.

ГЛАВА 9

Како што пред Израилот ‡ додека Му благоугодувал на Владиката, макар и не толку колку што требало, но сепак, очигледно, во одредена мера имал здрава вера во Него ‡ се движел столб од оган и од облак, и морето се разделило пред него, и се извршиле многу други чуда заради него, а штом отстапил од верноста кон Бога бил предаван на непријатели и оптоваруван со горчливо ропство, така претставувај си ја и душата, којашто по благодатта Го познала Бога и отпрвин се очистила од многуте осквернувања, а потоа станува достојна за благодатните дарови, но бидејќи не ја запазила до крајот должната верност на небесниот маж, се лишила од животот, во кој имала удел. Зашто противникот може да ги напаѓа и тие што стигнале до таков степен. Според тоа, треба да се трудиме, колку што имаме сили, со страв и трепет да се трудиме околу својот живот, а, пред сè, оние што станале заедничари со Духот Христов, ниту нешто малечко, ниту нешто големо не треба да прават со небрежност, за со тоа да не Го нажалат Духот Господов. Како што, според зборовите на самата Вистина, „радост станува” на небесата „за еден грешник, што се кае” (Лука 15, 10), исто така и жал станува за една душа, што се лишува од вечниот живот.

ГЛАВА 10

Кога душата ќе се удостои за благодатта, тогаш за неа се особено полезни знаењето, разбирањето и расудувањето. А и самото ова í го дава Бог по нејзината прозба, за таа благоугодно да Му служи на Духот, Когошто се удостоила да Го прими, за злобата да не може да ја ограбува, и душата да не се сопнува од незнаење, да не паѓа поради негрижа и небогобојазлив живот, и да не прави ништо против волјата на Владиката.

ГЛАВА 11

Како што во човекот, полн со плотско мудрување, се вселува делотворноста на страстите, т. е. световниот дух на лицемерието и гревовната темнина, така, на спротивната страна, во осветениот човек престојува делотворноста и силата на светлоносниот Дух, според зборовите на оној кој рекол: „Барате докази за Христа, Кој зборува во мене” (2. Кор. 13, 3); и уште: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене” (Гал. 2, 20); и: „Сите, што се крстивте во Христа, во Христа се облековте” (Гла. 3, 27). И Господ вели: Јас „и Мојот Отец... ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме” (Јован 14, 23). И ова во достојните не се случува прикриено и неделотворно, туку во сила и вистина. Зашто претходно законот луѓето не ги изградувал преку ипостасното слово, ставил врз нив тежок и неподнослив јарем и не можел да им даде никаква помош, имено, затоа што не бил моќен да им ја дава силата на Духот, зашто речено е: „Она, што Законот не можеше да го направи, бидејќи беше ослабен поради телото”, итн. (Рим. 8, 3). Од времето на Христовото доаѓање, за оние кои навистина поверувале се отвори вратата на благодатта и им се дава Божја сила и делотворноста на Духот.

ГЛАВА 12

Од времето кога Христос, првобитната и природната благост, на божествените ученици им го испрати дарот на Духот, таа божествена сила, што ги осенува сите верни и престојува во нивните души, почна да ги исцелува од гревовните страсти, да ги ослободува од темнината и мртвилото, затоа што до тоа време душата била изнаранета, затворена в затвор и под власт на гревовниот мрак. Конечно, и сега душата, што сè уште не се удостоила во неа да престојува Господ и силата на благиот Дух несомнено и делотворно да ја осени, се наоѓа во темнина. А за оние коишто ги посетила благодатта на божествениот Дух, вселувајќи се во најголемите длабочини на нивниот ум, Господ станува како некаква душа, зашто, божествениот апостол вели: „Кој се соединува со Господа, еден дух е со Него” (1. Кор. 6, 17). И самиот Господ вели: „Да бидат едно, како што сме” едно Јас и Ти (Јован 17, 22). Колкава благост, колкава благоволност кон човечката природа, толку понижена од пороците! Значи, ако душата, предавајќи се на развратните страсти, била едно со нив и, иако имала своја сопствена волја, не можела да прави што сака, за што зборува и Павле: „не го вршам она, што сакам” (Рим. 7, 15), тогаш колку повеќе, кога силата Божја ñ доаѓа напомош на душата, што се осветила и станала достојна за тоа, волјата на човекот ќе стане едно со Бога. Зашто навистина душата тогаш станува како душа Господова, затоа што доброволно и со сето свое расположение ñ се предава на силата на благиот Дух, за таа сила да царува во неа, и веќе не оди раководејќи се од својата сопствена волја. Така, речено е: „Кој ќе ме одвои од љубовта Божја” (Рим. 8, 35)? ‡ т. е. кој ќе нè одвои, кога душата е соединета со Духот Свет?

ГЛАВА 13

Значи, оној што има намера да се направи сличен на Христа, за и самиот да може да се нарекува син Божји, роден од Духот, тој, пред сè, треба со душевен мир и трпение да ги поднесува маките што го пресретнуваат, без разлика дали станува збор за телесни болести, навреди и прекори од луѓето, или пак стапици од невидливите непријатели. Зашто, според Божјиот план, испитувањето на душите преку различните маки се допушта за да се откријат душите што искрено Го возљубиле Господа. Како доказ за ова служи тоа што од почетокот на векот и патријарсите, и пророците, и апостолите, и мачениците, поминувале по тесниот пат на искушенијата и маките, и на тој начин Му угодиле на Бога. Зашто Писмото вели: „Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушенија. Управи го твоето срце и биди цврст” (Мудр. Сир. 2, 1). И на едно друго место: И сè што ќе ти се случи, примај со радост, знаејќи дека ништо не се случува без Бога (4). Според тоа, душата којашто има намера да Му угоди на Бога, пред сè друго треба да се вкопа во трпението и надежта. Затоа што злобата го користи секогаш истото лукавство ‡ кога сме во мака да нè фрли во очај, за да нè лиши од надежта на Господа. Но Бог никогаш не дозволува душите што се надеваат на Него дотаму да изнемоштат во искушенијата, па да паднат во очај. Зашто апостолот вели: „Верен е Бог, Кој нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите” (1. Кор. 10, 13). И лукавиот не ја огорчува душата колку што сака, туку толку колку што Бог му дозволува. Ако луѓето знаат колкав товар може да носи мазгата, колкав магарето и колкав камилата, и ги товарат колку што можат да носат, и ако грнчарот знае колку време треба да ги остави садовите во огнот за да не се случи, ако претера, да распукаат, или ако ги извади порано, да се покажат неупотребливи, ако, велам, човекот има толку разбирање, зар не знае повеќе, и тоа бесконечно повеќе, Божјиот разум, во колкава мера на секоја душа да допушти искушение, со цел таа да стане искусна и пригодна за небесното царство?

ГЛАВА 14

Како што конопот, ако не се избие доволно долго, нема да биде погоден од него да се предат најтенки влакна, а колку подолго го растресуваат и колку подолго го чешлаат, станува толку почист и попогоден за работа, и како што глинениот сад, ако не бил ставен во оган, не е погоден луѓето да го употребуваат, и како што детето, сè уште невешто во световните работи, не може ни да гради, ни да сади, ни да сее, ни да заврши каква било друга светска работа, исто така често и душите, иако по благоста Господова во нивната младешка возраст добиле удел во божествената благодат и се исполнети со сладоста и спокојството на Духот, сепак, неискушани и неиспитани преку разни маки од лукавите духови, сè уште остануваат во младешката возраст и, така да се каже, сè уште се непригодни за небесното царство. Зашто божествениот апостол вели: „Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови” (Евр. 12, 8). Според тоа, искушенијата и маките на човекот му се испраќаат за негова полза, зашто душата ја прават поискусна во доброто и поцврста. И ако таа претрпи до крајот со надеж во Господа, тогаш секако ќе си го добие нејзиното духовно ветување и ослободувањето од злоштетните страсти.

ГЛАВА 15

Како што мачениците, ставени на многу маки и покажувајќи ја својата цврстина, дури до смртта, преку тоа станале достојни за венците на славата, и колку поголеми напори вложувале, толку поголема слава и поголема смелост задобиле пред Бога, така, слично на ова, и душите предадени на разни маки ‡ кои или видливо ги стигнуваат луѓето, или непристојните помисли ги произведуваат во мислата, или потекнуваат од телесните болки ‡ ако ги претрпат до крај истите со трпение, ќе се удостојат за истите венци и истата смелост, што ја имаат мачениците. Зашто, како што мачениците страдале од луѓе, така и овие трпат маки и измачувања од дејството на лукавите духови. И колку повеќе маки поднеле од противникот, не само што од Бога ќе добијат толку поголема слава во идниот век, туку и овде ќе се удостојат за утехата од благиот Дух.

ГЛАВА 16

Бидејќи несомнено знаеме дека патот што води во животот е тесен, па затоа само малкумина одат по него, треба, надевајќи се на богатствата, приготвени на небесата, цврсто да го поднесуваме секое искушение од лукавиот. Зашто колку и да поднесеме маки, можеме ли со тоа да возвратиме еднакво вредно на идното ветување, или на утехата, којашто уште овде им се дава на душите од благиот Дух, или на ослободувањето од темнината на злоштетните страсти, или на многубројните долгови, т. е. нашите гревови? Речено е: „Страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас” (Рим. 8, 18). Заради Господа треба сè храбро да претрпуваме, според кажаното, како храбри војници, што не се плашат да умрат за својот Цар. Затоа што, зошто, кога сме се занимавале со светот и со животните грижи, не сме попаѓале во такви тешкотии, а сега, кога сме пришле да Му послужиме на Бога, ги поднесуваме овие најразлични искушенија? Гледаш ли дека овие маки се заради Христа, затоа што противникот ни завидува на наградата на којашто се надеваме и сака во нашите души да вложи раслабеност и мрзеливост, па да не можеме да се удостоиме за она на што се надеваме за нашиот богоугоден живот? Сите негови лукавства против нас ги разурнува Христос, нашиот помошник. Да се сетиме, пак, дека Тој, нашиот заштитник и покровител, овој век го поминал навредуван, гонет и, најпосле, исмеан, довршил сè со срамната смрт на крстот.

ГЛАВА 17

Ако сакаме лесно да ја поднесеме секоја мака и секое искушение, тогаш да ја посакуваме и постојано пред нашите очи да ја имаме смртта за Христа. Зашто и таква заповед ни е дадена, да го земеме крстот и да тргнеме по Него, т. е. да бидеме предрасположени и подготвени за смрт. Ако имаме такво расположение, тогаш, според кажаното, мошне лесно ќе поднесеме секаква мака, и тајна и јавна. Зашто оној што има желба да умре за Христа, тешко дека ќе почувствува горчина кога пред себе гледа напори и маки. Во таа смисла, сметаме дека маките се тешки ако сè уште не сме посакале да умреме за Христа и ако нашата мисла не е постојано прилепена за Христа. Оној што сака да биде наследник Христов, треба да посакува, исто така, да ги помине и Христовите страдања. Според тоа, оние што тврдат за себе дека Го љубат Господа се познаваат по тоа што, со надеж во Него, секоја мака, што ги пресретнува, ја поднесуваат не само храбро, туку и со радост.

ГЛАВА 18

Оној што пристапил кон Христа, во почетокот ќе треба, дури и насила, да се приближува кон доброто, макар тоа и да не го сака срцето. Зашто нелажниот Господ вели: „Царството небесно насила се зема и силните го грабаат” (Мат. 11, 12). Исто така, тој ќе треба да вложува усилба да влезе „низ тесната врата” (Лука 13, 24). Значи, како што е речено, потребно е и неволно човек да се принудува на добродетелта. Оној што нема љубов, да се принудува на љубов. Оној, кому му недостига кротост, да се принудува на кротост, а освен тоа, да се принудува да има сострадателно и човекољубиво срце, да поднесува срам и презирање, да биде трпелив кога го понижуваат. И кога Бог ќе види дека ние, сè уште неспособни за молитва, немајќи ја, значи, духовната молитва, се подвизуваме на таков начин и, иако како да ни противдејствува нашето срце, со сила се приближуваме кон доброто, тогаш ни дава вистинска молитва, милосрдност, трпение, великодушност, со еден збор, нè исполнува со сите плодови на Духот. А ако некој, имајќи недостиг во другите добродетели, почне, да речеме, да се принудува само на молитвата, за да го има дарот на молитвата, но не работи и не се грижи за кротоста, смиреномудрието, љубовта и за сето благородно семејство на добродетелите ‡ а уште и за тоа да биде цврст во верата и надежта во Христа, тогаш, иако е можно, според неговата прозба, на таквиот понекогаш благиот Дух да му даде делумна молитвена благодат во веселост и спокојство, тој сепак останува лишен од сите останати добрини, затоа што, како што е речено, не се принудувал да ги стекнува и не Го молел за тоа Христа. Затоа што потребно е да се поттикнуваме не само на споменатото погоре, значи, дури и против волјата, и да просиме од Бога да ни го даде тоа, туку треба да се побудуваме и на тоа да просудуваме кои зборови се неполезни, празни и недостојни за јазикот, и постојано да се учиме, преку устата и срцето, во Божјите зборови, а уште и да се побудуваме кон тоа да не се раздразнуваме и да не викаме, зашто речено е: „секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас” (Ефес. 4, 31), а исто така да се побудуваме и кон тоа никого да не оговараме, да не осудуваме и да не бидеме надмени. И тогаш Господ, гледајќи дека човекот, како што е речено, владее со себе и насила се носи себе си, несомнено ќе му даде без труд и лесно да го извршува она што претходно немал сили да го направи ниту со помош на принуда, поради лукавството коешто живее во него. И тогаш сите овие добродетели за човекот се претвораат како во некаква природа. Затоа што Господ, како што ветил, доаѓа и престојува во него (исто како што и тој престојува во Господа) и Самиот многу лесно ги исполнува во него заповедите.

ГЛАВА 19

Оној што, како што објасни словото претходно, се принудил на молитва, но не се вежба и не се принудува на смиреномудрие, љубов, кротост, и на сиот ланец од останатите добродетели, тој стига до следново: Понекогаш, според неговата прозба, божествената благодат го посетува, затоа што Бог, како благ, на оние што молат нешто од Него човекољубиво им го дава бараното, но немајќи навика, односно несвикнат да се вежба во погоре споменатите добродетели, или се лишува од благодатта што ја добил и паѓа поради високо мислење за себе, или и покрај благодатта не напредува и не расте, затоа што живеалиште, така да се каже, и почивка за благиот Дух се смиреномудрието, љубовта, кротоста и сите свети Христови заповеди по ред. Според тоа, оној што има намера да расте во сите овие добродетели и да дојде до совршенството, во почетокот, како што е речено, нека се принудува и нека се труди своето тврдокорно и противречиво срце да го направи попустливо и покорно на Бога. Зашто оној што се принудувал во почетокот и тврдиот врат на својата душа потполно го смекнал со помош на добриот обичај, па станал послушен на Бога, и со такво расположение на душата проси и моли, во него расте и расцветува, почивајќи во неговата скромност, дарот на молитвата, што му го дал Духот, кој дар тој го посакал за себе како круна на љубовта и кротоста, изобилна со љубов. Тогаш Духот му го дарува ова ‡ и го научува на вистинското смиреномудрие, нелажната љубов и кротоста, што тој ги побарал, отпорано принудувајќи се на тоа. И на тој начин, растејќи и усовршувајќи се во Господа, тој се покажува достоен за царството, затоа што смирениот никогаш не паѓа. Па и каде да падне тој што се смета понизок од сите? Според тоа, исто како што гордоста е големо понижување, така, од спротивната страна, смиреномудреноста е големо возвишување и сигурно наследство.

ГЛАВА 20

Оние што вистински Го возљубиле Бога, се решиле да Му служат не заради царството, како заради некаква добивка и корист, и не поради казната, подготвена за грешниците, туку затоа што Му се приврзани на едниот Бог и свој Создател, како луѓе кои сфатиле дека, според природниот поредок, слугите се обврзани да Му благоугодуваат на Владиката и Творецот. И тие со голема благоразумност постапуваат во сите околности со кои се среќаваат, затоа што на оние што сакаат да Му благоугодуваат на Бога им се испречуваат многу пречки. Искушение за душата не се само сиромаштијата и неславноста, туку исто така и богатството и почестите. Во еден дел, пак, и самата утеха и спокојството што, по силата на благодатта, ја опфаќа душата, ако душата што се удостоила за тоа не се освести и не се раководи од голема скромност и благоразумност, многу лесно може да се претворат за неа во искушенија и пречка, затоа што злобата се домислува како да ја злоупотреби и благодатта за да ги раслаби душевните сили, да произведе во душата мрзеливост и неработење. Затоа благодатта бара душата што зема удел во неа да биде побожна и добромислена, да ја почитува благодатта и да покажува во себе достојни плодови. Значи, душата се наоѓа во опасност не само маките, туку и самата почивка за неа да стане искушение. Зашто Творецот, со едното и со другото, ги испитува душите, за да се открие јавно кој својата љубов кон Него не ја засновал на корист, туку единствено Него Го признава за достоен за голема, во вистинска смисла на зборот, приврзаност и почитување. Но како што на неработливиот, маловерниот и младиот според разумот, пречка кон вечниот живот му е следново: горкиот живот, тешкотиите, болестите, сиромаштијата, неславноста, а од друга страна, пак, богатството, славата, ублажувањето од луѓето, и освен тоа, борбата од лукавиот, кој поразува невидливо; така од спротивната страна ќе откриеш дека на верниот, благоразумниот и храбриот, ова само му помага да стигне до царството Божјо. Зашто, според зборовите на божествениот апостол, „на оние што Го љубат Бога... сè им врви добро” (Рим. 8, 28). А од ова се открива дека вистинскиот богољубец, раскинувајќи, надминувајќи и поминувајќи сè што се смета за пречка во светот, е обземен само од божествената љубов. Зашто божествениот пророк вели: „Замки од грешници ме опкружија, но јас не го заборавив Твојот закон” (Псал. 118, 61).

ГЛАВА 21

Божествениот апостол Павле најподробно и најјасно опишал како во секоја верна душа се случува дознавањето на совршената тајна на христијанството, преку божествената делотворност, т. е. преку озарувањето од небесната светлина во откровение и во сила на Духот, за да не се случи некој, мислејќи дека духовното просветување божем се добива само преку разумното знаење, да дојде во опасност, поради незнаење и негрижа, да не ја достигне совршената тајна на благодатта. Сакајќи знаењето да го опише како што треба, тој како пример ја дал славата на Духот што го опкружувала лицето на Мојсеј, па вели: „Ако, пак, служењето на смртта со букви, издлабени во камења, беше така славно, што синовите Израилеви не можеа да погледаат во лицето на Мојсеја, поради преодниот сјај на неговото лице, тоа како ли нема да биде славно служењето на Духот! Оти, ако служењето на осудувањето е славно, тогаш служењето на оправданието е многу поизобилно со слава. И не е славно она што се прослави тогаш спрема преголемата слава. Оти, кога е славно она што престанува, тоа во многу поголема слава ќе биде она што останува” (2. Кор. 3, 7-11). „Она што престанува” ‡ така ја нарекол славата на светлината, што го опкружувала смртното Мојсеево тело. Потоа додава: „Имајќи, пак, таква надеж, ние дејствуваме со голема слобода” (12); и малку подолу покажува дека онаа бесмртна слава на Духот, што се открива во откровението, сега бесмртно и непрестајно им свети на достојните во бесмртниот внатрешен човек, затоа што вели: „Ние, пак, сите”, т. е. родените од Духот преку совршената вера, „со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа од Духот Господов” (18). Гледаме „со откриено лице”, т. е. со духовното, и штом луѓето ќе се обратат кон Господа, „покривалото им се симнува. А Господ е Дух” (16 и 17). И со ова јасно покажува дека душата била покриена со покривката на темнината, којашто си нашла место за себе во човечката природа, како последица на Адамовиот престап. А сега, преку озарувањето од Духот, таа покривка се симнува од душите на верните и вистински достојните. Од таа причина се случило и Христовото доаѓање ‡ затоа што Бог благоволил вистински верните да стигнат до таква мера на светоста.

ГЛАВА 22

Таквото духовно озарување не е само откровение на мисли и благодатно, како што е речено, просветување, туку едно постојано и непрекинато светење на ипостасната Светлина во душите. Зашто реченото: Оној, „Кој некогаш заповедал од темнината да изгрее светлина, Он ги озари срцата наши за да” се случи „познанието на славата” Христова (2. Кор. 4, 6); и уште: „Просвети ги очите мои, за да не заспијат некако со сон смртен” (Псал. 12, 3), т. е. душата, што се одвојува од плотта, да не биде помрачена со покривката од смртта на гревот; ‡ а исто така и ова место: „Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата на Твојот закон” (Псал. 118, 18); и: „Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина да ме водат и да ме доведат во Твојата света гора и во Твоето живеалиште” (Псал. 42, 3); и: „Покажи ни ја светлината на лицето Свое” (Псал. 4, 6), а и други места од Писмото ја изразуваат истата мисла.

ГЛАВА 23

Светлината што го осветлила блажениот Павле по патот (Дела 9, 31), преку која тој бил издигнат до третото небо (2. Кор. 12, 2) и чул неискажливи тајни, не била некакво просветување на мислите и знаењето, туку ипостасно озарување на душата преку силата на благиот Дух. Не поднесувајќи ја преизобилната светлина на ова озарување, неговите телесни (плотски) очи биле ослепени. Откровението на секое знаење се дава при ова озарување и душата достојна за Бога и Нему угодна вистински Го познава Бога.

ГЛАВА 24

Секоја душа, којашто уште овде за ревноста и верата, по силата и несомненоста на благодатта, се удостоила целата да се облече во Христа, и се соединила со небесната светлина на нетлениот Образ, оттогаш самата ипостасно е тајноводена кон знаењето на сите небесни тајни. А во големиот ден на воскресението и нејзиното тело, прославено од истиот небесен Образ на славата и, како што е напишано, издигнато преку Духот на небесата (1. Сол. 4, 17), и кое се удостоило да стане сообразно на телото на Неговата слава ‡ ќе го има вечното царство како сонаследник Христов.

ГЛАВА 25

Во колкава мера човек се приопштил, за својата ревност и верата, кон небесната слава на Духот Свет и ја украсил душата со добри дела, во толкава во оној ден и неговото тело ќе стане достојно за прославување. Зашто тоа што човекот го собрал сега внатре во себе, тогаш ќе се открие видливо, како што плодот, зиме сокриен во дрвото, напролет се појавува надвор, што беше и претходно објаснето. Значи, боговидниот образ на Духот, кој е на некој начин уште сега отпечатен внатре во светите, ќе го направи и нивното тело однадвор боговидно и небесно. А покривката на световниот дух, положена врз осквернетите и грешни души, којашто преку запустувањето од страстите ‡ оф, леле! ‡ го направила мрачен и безличен самиот ум, ќе го покаже и телото однадвор помрачено и исполнето со секој срам.

ГЛАВА 26

Како што по Адамовиот престап, кога благоста Божја го осудила него на смрт, тој отпрвин ñ подлегнал на смртта со душата, затоа што умствените чувства на душата се угасиле во него и биле на некој начин умртвени, поради лишувањето од небесната и духовна наслада, а потоа, по деветстотини и триесет години Адама го стигнала и телесната смрт, така сега, помиренот со човештвото Бог преку крстот и смртта на Спасителот, душата којашто вистински поверувала, уште додека се наоѓа во плот, ја прави таква, да може да се насладува со заедничењето со небесните светлини и тајни, а исто така преку Својата божествена светлина на благодатта и словото ñ дава проѕорливост и на нејзините умствени чувства. А потоа и самото тело ќе го облече во бесмртна и нераспадлива слава.

ГЛАВА 27

Оние што се оддалечуваат од овој свет, живеат чесно и добродетелно, но ‡ поради непослушноста на првосоздадениот сите ние станавме виновни ‡ на себе сè уште ја носат покривката на страстите, т. е. плотското мудрување, кое апостолот со право го нарекува смрт (Рим. 8, 6), личат на луѓе кои патуваат ноќе, осветлени од светлината на ѕвездите, т. е. Божјите заповеди. Тие, како нецелосно ослободени од темнината, не можат сè јасно да видат, па затоа и треба со многу напори и со голема вера, вложувајќи грижа за добродетелта, да Го молат Сонцето на правдата ‡ Христос, да заблеска во нивните срца, па да можат сè јасно да видат, и тоа како разновидните и разнородните напади на мислените ѕверови врз нас, така и тајновидните неискажливо сладосни убавини на нетлениот свет, што им се откриваат и покажуваат на оние што стасале до врвот на добродетелите и во чиешто срце делотворно заблескала умствената Светлина. Зашто, како што вели блажениот Павле: „Тврдата храна е за совршените, кои благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуват добро и зло” (Евр. 5, 14). Па и божествениот Петар вели: И вие, имајќи го „пророчкото слово; добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца” (2. Петр. 1, 19). Многумина, пак, во ништо не се разликуваат од оние што патуваат ноќе, кога нема никаква светлина, и не го користат дури ниту кратковременото озарување, т. е. Божјото слово, што има сила да ги осветли нивните души, и сосема се слични на слепите луѓе. Тоа се луѓе потполно врзани со материјалните врски и животните окови, не се задржуваат со помош на Божјиот страв, не се вежбаат во ниту една добродетел. Зашто и оние од световните луѓе, кои, според кажаното, се озаруваат со светите заповеди, како со некакви ѕвезди, пазејќи ја верата и стравот Божји, не се потполно обземени од темнината, поради што и можат да имаат надеж на спасение.

ГЛАВА 28

Како што луѓето на разни начини и преку разни занимања си собираат богатства во светот, кој како управник на град, кој преку трговија, некој преку трудољубивоста, земјоделието, или на некој друг начин, истиот тој поредок замисли си го во она што е духовно. Едни собираат небесно богатство преку различните дарови, како што се гледа од зборовите на апостолот: „според дадената благодат имаме разни дарови” (Рим. 12, 6), а други преку разните подвизи, праведни и добродетелни дела, што ги прават заради едниот Бог. Но не се непознати и копачите на злато, т. е. оние кои великодушно и трпеливо чекорат низ животот, делумно утешувајќи се, додека не се збогатат преку добрата надеж. А не се непознати и оние, слични на наемниците, сластољубиви и мрзеливи, кои како набрзина да прождеруваат сè и, не завршувајќи го со трпение тоа што им е в раце, одат секогаш голи и сиромави. Таквите луѓе имаат голема готовност и пламеност за примање на благодатта, ама бидејќи се непостојани, само што ќе се допрат до неа, веќе се чувствуваат пренаситени, а кон трудот се нерасположени и неспретни, па така се лишуваат и од онаа благодат за која веќе се удостоиле. Затоа што мрзеливоста, недејствувањето и небрежноста на волјата и сега постојано се потврдуваат, а и во идниот век ќе се покажат, како несоодветни на благодатта, лишени од добрите дела и неславни пред Бога.

ГЛАВА 29

Штом човекот ја престапил Божјата заповед и се лишил од рајскиот живот, веднаш бил врзан со двојни окови, имено, со оковите на животните грижи, плотските задоволства, богатството, славата, дружењето, приврзаноста кон жената, децата, роднините, татковината, имотот, со еден збор, кон сè видливо, од што Божјото слово ни заповеда да се одврзуваме по своја сопствена волја, и уште со невидливи окови, затоа што духовите на злобата ја оковуваат душата со некакви окови на темнината, поради што таа не може ни да Го возљуби Бога, ни да поверува во Него, ни да се покористи со молитвата, како што би сакала. Зашто од времето на престапот на првиот човек, во сите нас навлегло противењето на сè и во видливиот и во невидливиот свет. Затоа, кога човекот ќе почне со покорно на добро уво да го слуша Божјото слово, ќе се оддалечи од животните грижи и ќе се откаже од сите плотски задоволства, тогаш, неотстапно стоејќи пред Бога и непрестајно престојувајќи заедно со Него, ќе добие способност да познае дека во најскришните делови на срцето се случува една скриена борба и битка на помислите. И престојувајќи во таков подвиг, испросувајќи ги за себе штедростите Христови, кога за неговото трпение ќе стекне силна вера, а освен тоа, ќе му се придодаде и знак на Божјото присуство, тој ќе успее да се ослободи од оние внатрешни окови и пречки и од темнината на духовите на злобата, т. е. од дејството на скриените страсти. А оваа борба можеме да ја прекратиме само преку благодатта и преку силата Христова. А без Бога, човекот сам по себе не може да се ослободи од неа, не може да се ослободи ниту од борбата со помислите. А можно е да им се противиме на помислите и да не се насладуваме со нив.

ГЛАВА 30

Ако некого го задржуваат грижите од овој свет и разните приврзаности, и се раководи според злоштетните страсти, тогаш тој, како што зборувавме и претходно, е далеку од познанието дека постои една поинаква борба, една поинаква невидлива битка. А потребно е човекот, откако ќе се одврзе од сè што е видливо, ќе се оддалечи од плотските задоволства, ќе почне неотстапно да стои пред Господа, да дојде до состојба да ја сознае борбата на страстите, што се случува внатре во нас, и скриената битка. Зашто ако, како што зборувавме, не се случи ова и човекот не го возљуби со сета своја душа Бога и не застане сиот пред Него, тогаш тој нема да ги сознае овие тајни злоштетни страсти, ниту внатрешните окови, туку ќе биде во опасност, имајќи на себе рани и хранејќи ги во себе скриените страсти, да се смета и замислува здрав. А за оној што ја презрел похотата и славата, најпрвин се отвора можноста да го сознае ова. А потоа, кога со вера ќе почне да Го моли Христа, ќе го добие и духовното оружје од небото, оклопот на правдата, шлемот на спасението, штитот на верата и духовниот меч, и сето ова ќе го победи.

ГЛАВА 31

Противникот, кој се обидува да нè одвлече од љубовта Христова, на располагање има илјадници лукавства против нас. Тој или со помош на духовите на злобата наведува на душата внатрешни маки, или подготвува во неа скверни и недозволиви помисли, донесувајќи ги во сеќавањето претходните гревови, со намера да ја раслаби душата и да ñ сугерира очајни мисли, односно дека таа не може да стекне спасение и дека душата овие помисли ги раѓа сама од себе, а не дека туѓиот дух на злобата ги посева во неа, и се труди ова да го направи кришум. Значи, противникот или го прави она што го кажавме погоре, или наведува телесни напори, или смислува навреди и маки од луѓето. Но колку повеќе лукавиот ги нацелува на нас овие разгорени стрели, толку повеќе ние треба да ја разгоруваме надежта во Бога, со сигурност знаејќи дека Божја волја е ова ‡ душите, што се разгоруваат со љубов кон Бога, да ги подложува на испитување, дали тие вистински Го возљубиле.

ГЛАВА 32

Илјадниците години од овој век, во споредба со нетлениот свет и век се како од сиот морски песок да се земе едно зрнце. Погледни го ова на следниов начин. Нека биде ти да си единствен цар на сета земја, само ти да владееш со сите ризници на вселената (светот). Да замислиме уште дека почетокот на битието на луѓето исто така е почеток и на твоето царување, а негов крај ќе биде промената и претворувањето на сè што е видливо и на сиот свет. И што? Кога би ти било дадено да одбереш, зар со ова царство ти би го заменил вистинското и постојаното царство, коешто во себе нема ништо што поминува и се разурнува? ‡ Се разбира, мислам не, ако имаш способност да расудиш и сфатиш што е полезно за тебе. Зашто речено е: „Каква полза за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ñ напакости” (Мат. 16, 26)? Знаеме дека неа ништо не може да ја замени: затоа што самата душа (не зборувам за царството небено) е многу поскапоцена од целиот свет и од световното царство. А душата ја нарекуваме најскапоцена затоа што Бог благоволил да се соедини и во општење со Духот на Својата сопствена природа да воведе не некое друго суштество, небото, сонцето, ѕвездите, морето, земјата, или некоја друга видлива твар, туку само човекот, кого го засакал повеќе од сите Свои созданија. Значи, ако за она што е најголемо во светот, мислам на споменатото погоре богатство и власта над сета земја оставена на еден човек, здраво просудувајќи, не би го менувале вечното царство, тогаш врз која основа многумина сметаат дека е подеднакво скапоцено она од што нема некоја особена полза или е најобична работа, на пример, некоја желба, малечка слава, малечок ќар или нешто слично? Зашто, без сомнение, човекот го заменува небесното царство за она што го сака и со што е врзан во овој век. А што е најлошо од сè, тоа се прифаќа како бог, како што е кажано на едно место: „Кога некој некого победува, тој и го поробува” (2. Петр. 2, 19). Според тоа, треба совршено, целосно да пристапиме кон Бога, да се прилепиме за Него и да се распнеме со душата и телото, одејќи во сите Негови свети заповеди.

ГЛАВА 33

А ако е тоа така, зар ќе сметаш дека е справедливо оваа пропадлива слава и еднодневното царство и сето останато, што е, слично на ова, привремено, оние што го сакаат тоа да го стекнуваат со многу труд и пот, а бесконечното царување со Христа, стекнувањето на оние неискажливи богатства, да бидат толку слабо ценети и лесно дофатливи, па оној што ќе посака, да успева во тоа без труд и усилба.

ГЛАВА 34

О, какво домостроителство на Христовото доаѓање! О, какво враќање на првобитната состојба и воспоставување на нашата природа! Христос ñ ја поврати на човечката природа честа на првосоздадениот Адам; а освен тоа (о, божествена и навистина голема благодат на благиот Дух!), му го подари и небесното наследство. Ослободувајќи ја нашата природа од мрачниот затвор, ни го покажа патот и вратата кон животот. И оној што тропа на неа и влегува низ неа може да дојде во царството, зашто речено е: „Барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори” (Мат. 7, 7). Влегувајќи низ оваа врата, секому, што го сака тоа, нема да му биде тешко да ја изведе својата душа, а на душата да си ги добие своите сопствени помисли, да се богати живеејќи заедно со Христа и преку заедничењето со благиот Дух да го има Него како свој младоженец. Гледаш ли колку е неискажлива љубовта на Владиката кон човекот, когошто Тој го создал според Својот образ!

 

Превод: отец Игор Калпаковски

Св. Макариј Велики : СЛОВО 1, За чувањето на срцето

Св. Макариј Велики : СЛОВО 2 - За духовното совршенство 

Св. Макариј Велики : СЛОВО 3 - За молитвата

Св. Макариј Велики : СЛОВО 4 - За трпението и расудувањето

Св. Макариј Велики : СЛОВО 5 - За издигнувањето на умот

Св. Макариј Велики : СЛОВО 6 - За љубовта

 

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3125
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7597
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

15/11/2024 - петок

Светите маченици Акиндин, Пигасиј, Анемподист, Автониј, Елпидифор и другите со нив; Преподобен Маркијан Кирски; Светиот свештеномаченик Викторин, епископ Патавски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на св.бессребреници  и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Тропар на св.бессребреници и чудотворци Кузман и Дамјан 1/14 ноември 2024

Свети бессребреници и  чудотворци, Козмо и Дамјане, посетете ги нашите немоќи,   бесплатно примивте, бесплатно давајте ни.

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј, и Аристовул 31 октомври / 13 ноември 2024

О достославни ученици Христови,вие Бисерот го најдовте,радоста со родот човечки ја споделивте,со неа исполнети маките и прогоните за трици ги...

Тропар на св. Христови апостоли  Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Тропар на св. Христови апостоли Клеопа, Терциј, Марко, Јуст и Артем 30 октомври / 12 ноември 2024

Апостоли свети Христови,трагајќи по патот на слободата Христа го пронајдовте,со учењето за бесмртноста темнината на незнаењето ја осветливте,молете се о...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная