21. декември 2025 година
Свети апостоли Состен, Аполос и други
(XXVIII Недела по Педесетница) (Лука 17, 12-20; Зач. 85)
ЕВАНГЕЛИЕ ЗА ИСЦЕЛУВАЊЕТО НА ДЕСЕТТЕ ЛЕПРОЗНИ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Благочестиви христијани,
Денес го слушнавме Евангелието на благодарноста. Светиот апостол и евангелист Лука го пренесува овој настан од земниот живот на Господа Исуса Христа за да не потикне на размислување за големината и значењето на благодарноста. Имено, десетте лепрозни побарале од небесниот Лекар исцеление - и го добиле, но само еден од нив се повратил кон Господа, кон изворот на животот, да го каже најволшебниот збор кој човечката уста може да го каже: Благодарам!
Но, зошто Бог бара од луѓето благодарност? Поради Својата бескрајна љубов кон луѓето; Бог бара од нас да Му принесеме благодарност. Благодарноста од луѓето нема да Го направи Бога поголем, пославен, побогат и поживотен, но благодарноста ќе ги направи луѓето и поголеми, и помоќни, и пославни, и побогати, и, што е најважно - вистински живи. Благодарноста на луѓето нема нема да придонесе за мир и задоволство на Бога, но таа ќе придонесе многу за мирот и благосостојба на човештвото. Благодарноста кон Бога нема да ја измени состојбата на Божјото битие, но таа ќе го измени битието и положбата на благодарниот човек.
На Бога лично не Му е потребна нашата благодарност, како што не Му е потребна ниту нашата молитва. Но, Бог кажува: " Вашиот Отец Небесен знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолuле. "(Мт. 6, 8), и препорачува дека: "Треба секогаш да Му се молиме на Бога и да не паѓаме со духот." (Лк. 18, 1)
Иако Бог не чувствува потреба од нашата молитва, Он сепак наредува да Му се молиме. Иако Он не чувствува потреба од нашата благодарност, сепак од нас ја бара, бидејќи таа не е ништо друго до форма на молитва, односно молитвена благодарност. Зашто благодарноста кон Бога, нас смртните не издигнува над смртта, не избавува од сето она од кое еднаш мора да се избавиме, сакале или не, и не врзува за живиот и бесмртниот Бог - а ако за Него не се врземе во овој живот, ќе немаме шанса да бидеме во Негова близина и во вечноста.
Благодарноста го облагородува благодарниот, а го допира оној за кого е наменета. Благодарноста му дава полет на милосрдието во светот и ја обновува секоја добродетел. Всушност, човечкиот јазик ниту од далеку не може така јасно да ја искаже убавината на благодарноста, ниту пак лошотијата на неблагодарноста, како што тоа е претставена во денешниов евангелски текст.
Кога ние христијаните би знаеле, кога би имале и најмала претстава колкава духовна лепра секој ден од нас лекува Господ Христос, многу брзо би се вратиле кон Него, повторно би ја заорале Неговата бразда и би паднале пред Неговите нозе, за да се заблагодариме за сите денови на нашиот живот.
Секогаш, повторно и повторно, треба да се навраќаме на темата - благодарност. Да бидеме благодарни што Бог во секој момент има поткрепа за нас, да бидеме благодарни за примерите на светите маченици и исповедници, подвижници и преподобни и сите светии КОИ за нас постојано молитвено стојат пред престолот на Севишниот Бог.
Амин.
SK



























