логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

 Куманово, 26ти јули 2020 лето Господово- Соборен храм на св.Никола

Хиротонија на новоизбраниот епископ Сарандопорски г. Григориј

и Интронизација за Митрополит Кумановско-осоговски

3.angeli.so.truba


Предвечниот Бог Кој вовел сѐ од небитие во битие, кому Му служи неброен ангелски собор, а на чие славословие денеска и ние празнувајќи се придружуваме, сепак благоволил токму од човек да прима логосен, литургиски принос. Затоа, восхитени од Божјата љубов, преку зборовите на псалмопеачот се прашуваме: Што е човекот, та го паметиш (Пс 8, 5), или синот човечки, та внимаваш на него (Пс 143, 3)!?
Таа сила на верата во Бога, нè поткрепува во таинството на животот да се движиме смирено, осознавајќи дека нашето постоење нема основа самото во себе, дека не сме плод на природна случајност, туку дека човекот е потенцијална личност или секвенцијален примерок, чија вредност не е однапред одредена. Ние сме возљубени Божји созданија, кои имаат можност да создадат сопствен начин на постоење ‒ добродетелен или злодејствителен.
Епископскиот чин што денеска преку вас го примам, го разбирам како служење, што во себе ги обединува и најголемата чест и свеста за сопственaтa немоќ. Има ли поголема чест и подобро „дело“ (1 Тим 3, 1) од тоа, да се служи на главната цел на Божјиот домострој ‒ спасението на луѓето, кои Божјата Промисла денес ги доверува на мојата грижа на моето тајноводство.
Затоа, мојот живот и надеж ги доверувам на човекољубивиот Господ Христос, и се молам Неговата благодат, што Тој ја испраќа во Таинството на хиротонијата, да дејствува во мене (Еф 3, 20), исцелувајќи ги моите слабости, дополнувајќи ги моите недостатоци (2 Кор 12, 9).

Возљубени мои браќа и сестри во Христа Бога,

Ви благодарам што ме удостоивте со вашиот одговор: „Достоен“. Без тоа одобрување од литургискиот народен собор, преемството на хиротонијата е недоволно за дејствителноста на архијерејскиот чин, зашто епископскиот чин ги обединува едниот и многуте во заедницата на Светиот Дух.
Не постои служење на епископот, без сослужување на целиот народ, и не постои служење на народот, без сослужувањето на народот кон епископот. Епископот не може да биде на чело на Литургискиот собор, без сослужување на неговите учесници, бидејќи тој служи во нивно име. Ако од поимот Црква отпадне неговиот суштински елемент ‒ соборот, тогаш, фактички, без учеството на народот во Литургијата, нема собор, туку постојат само сакрални чинови што ги извршуваат само посветените. Богослужењето само на клирот, а без учество на народот, претставува профанизација или деконсекрација, односно обесветување на Литургијата.
Господ наш Исус Христос на секое поколение му дава наследници на Светите апостоли; епископи кои ќе го поучуваат и ќе го водат своето духовно стадо по спасителниот пат. Сега, кога стапувам на патот на епископското служење ‒ управувајќи и споделувајќи Го Словото на Вистината, го примам под омофорот секој конкретен христијанин од нашата богочувана епархија. Доаѓам со желба да им служам на сите, непрестајно себе да се принесувам на другите како дар, никогаш да не го барам своето, туку секогаш, заради Христа, да делувам за добробит на ближниот.
Ве повикувам, браќа и сестри, заеднички да го следиме Господ Исус Христос, Кој е Патот, Вистината и Животот (Јн 14, 6). Тој е Пастироначалникот во Кого е нашиот епископски авторитет. Поддржувајте го нашето авторитетно пастирствување со целиот ваш христијански живот во прегратките на МПЦ‒ОА, која е нашата духовна мајка, а јас срдечно ќе се раководам од зборовите на свети апостол Петар, кој советува, епископот да ги надгледува своите духовни чеда не присилно, туку драговолно и според Бога, и само така ќе биде пример за следење (1 Пт 5, 2‒5).
Секоја локална Црква, под раководството на својот епископ, кој извршува Божествена Литургија, ја има полнотата на Црквата. Македонскиот народ ја живее полнотата на христијанскиот живот. МПЦ‒ОА е пример на здраворастечко тело, кое своите членови ги развива во богоподражавачко единство со сите останати (православни) народи.
Православниот црковен живот, пред сè, е литургиски живот. Литургијата е центарот на православната побожност. Затоа, браќа и сестри во Христа Бога, што почесто заеднички да Му благодариме на Бога на Света Литургија, заеднички да ја откриваме нејзината мистагогија, учествувајќи и причестувајќи се, да стекнеме спасение.
Во современата духовна дезориентираност што владее во светот, не е мала грижата што ни претстои. Потребно е за луѓето да се создаваат можности, тие да се сретнат со едниот вистински Бог Троица, и во својот живот да Го познаат Воплотениот Син Божји, Господ наш Исус Христос.
Постојаното развивање копнеж кај народот за црпење „жива вода“, животни енергии од чистиот извор на Божјата благодат ‒ од Православната Црква, е целта кон која го упатувам моето делување како епископ, и на која го посветувам целиот мој живот. За таа света цел на црковната мисија, ќе вложуваме многу молитви и напори, ќе ги користиме сите благословени средства и современи технологии.
Секогаш искрено ќе бидам спремен за дијалог со сите добронамерни луѓе. А дијалогот и помирувањето ќе бидат начело преку коишто ќе настојувам во пракса да ги применувам, бидејќи верувам дека тие се вредности коишто извираат од самата срж на Евангелието Христово. Меѓутоа, не таков дијалог и помирување што би бил базиран врз основа на обединување на христијанските апологетски системи, со употреба на разумот како суштинско својство, туку врз основа на опитно усогласување од општото кон поединечното откровение на Вистината.
Возљубени во Господа,
Свесни сме дека принципот на секуларност сè повеќе станува клучна детерминанта во животот и во односите меѓу Црквата и државата, и го цениме религиозниот плурализам, но не смееме да дозволиме да се заборава или да се потценува историската вистина за примарното место и важност на националното, културното и духовното наследство ‒ чувано, збогатувано и пренесувано од православната Црква во Македонија. Вредностите што сме ги наследиле со православното Предание не се само културни споменици од духовното минато, туку се залог и гарант за иднината на православниот народ а, со него и на нашата држава.
Нашиот молитвен и делотворен ангажман за промовирање на христијанските вредности е духовна борба за утврдување на живоносните темели на општеството, без коишто тоа, не само што ќе нема напредок, туку ќе му биде загрозен и опстанокот. Конечно, зборуваме за вредности коишто се зраци од Христовата вечна светлина, која го просветува секој човек кој доаѓа во светот, а не за изопачени вредности коишто денес јавно или подмолно се лиферуваат. Ако нешто се прогласува како вредност, неговата аксиолошка содржина, ќе биде нараздвојна од Богочовечката Личност на Господ Исус Христос.
Христијанскиот идентитет на личноста е сеопфатен. Тоа значи, дека христијанинот не може да биде верник само приватно. Христоносни сме во секое време и на секое место. Не постојат официјални околности во кои би биле принудени да настапуваме независно или спротивно од нашиот христијански светоглед. Обратно, државните регулативи го гарантираат и почитуваат христијанскиот интегритет на личноста. Во тој правец, од државната власт очекуваме неселективно да се грижи, никој да не биде вознемируван од агресивно религиозно или идеолошко изразување од ничија страна.

3.angeli.so.trubaМораме да истакнеме, дека ние не учествуваме во креирањето на наставните програми, но ќе внимаваме на образовните процеси во школството. Наша должност е да се грижиме за образот Божји во детските и младите души, тој да не биде повреден од никакви антихристијански содржини. Сè уште експлицитно не постои атеистичка наука, бидејќи како воопшто може да се негира нешто што постои, туку тоа што му се понудува на современиот човек е апатеизам. Апатеизмот има тенденција да биде применет и во образовните процеси. Апатеистичките процеси, пак, развиваат методи на секуларна наука, коишто светот и човечкото постоење го објективизираат во технократските и хедонистичките начини на посотење. Апатеизмот има цел неприсилно да го поттикнe човекот да се оддалечи од Бога, тврдејќи дека е неважно Неговото постоење, односно е бескорисно и беспотребно, зашто, како што учат, на овој степен на рационален развој, човекот не може да Го спознае, и заради тоа, не треба Бог да биде предмет на човечкото истражување; и затоа определени теории, во образовните процеси, коишто не се од егзактните науки, не може да се наметнуваат како исклучива вистина, туку само како поединечни теории помеѓу повеќето други слични или сосема различни. Оттука, мора да се знае, дека ќе го протежираме начелото „нетолерантност кон нетолератноста“.
Навистина, во услови кога и овој град и нашата држава Македонија не се хомогени од религиски аспект, во овој национално‒религиски mixtum compositum, не е лесно да се тврди или да се согласиме, дека некои теоретски постулати што произлегуваат од различни светогледи ‒ се вистинити, а други – лажни. Во секуларното општество доминира релативизмот којшто ги негира апсолутните вредности. Иако се чини дека тој ја обезбедува меѓурелигиската толеранција, во теолошки контекст, релативизмот е целосно негирање на постоењето на Бог во монотеистичка смисла, и отфрлање на Божјиот приоритет во нашиот живот. Таквиот редукционизам е неприфатлив, не само за нас христијаните, туку и воопшто за секој религиозен човек. Не може православниот човек, преку метод на поединечни откажувања од догматските постулати, да се доведе до општо откажување ‒ преку бесконечна регресија од самите негови постулати, којашто ќе го доведе во состојба на засекогаш и бесконечно богоотуѓен, бидејќи православниот човек има совршено спознание на стварите, и знае да го чита светот. Ако верата се сведе на такви, осиромашени тврдења за суштинското, таа ја губи својата концептуална длабочина, па и својата човечка вредност.
Ние исповедаме, дека има само една доследна област на вистината, достојна за името Вистина; и таа се наоѓа во Словото Кое стана Тело, во Синот Божји, Кој стана Син Човечки ‒ Господ наш Исус Христос. Се разбира, никого не принудуваме да ја прифати оваа христоцентрична, сеопфатна Вистина, за Самата таа да остане Вистина. Христијанската толеранција ја изразуваме, така што со Христовата љубов, во секого го пронаоѓаме образот Божји. Човекот како особен носител на образот на личносниот Бог се остварува преку слободното чувство за меѓусебното единство на човечкиот род. На секој човек му пристапуваме во сета негова различност, и се радуваме, ако сме сопатници на Патот или пак, во мир се разминуваме. Сепак, различните сфери во граѓанскиот живот нѐ упатуваат едни кон други за разновидна соработка, независно од нашите религиозни убедувања. Затоа, како во минатото, така и во иднина, со сите претставници на верските заедници, со релевантните општински фактори и државни институции ‒ секој во својот домен и со својот специфичен придонес ‒ ќе продолжиме да работиме за општата благосостојба на граѓаните.
Денеска од МПЦ‒ОА, пред сè, добив одговорност. Одговорноста за моето епископство е категоричкиот императив, целосно поврзан со Одлуката од III Црковно народен собор, којашто е содржана во Преамбулата на Уставот на МПЦ‒ОА. Преамбулата е lex generalis; општо правно начело, коешто, освен што ги регулира границите на слобода при уредување на посебните прописи, исто така, ги ограничува органите на МПЦ‒ОА, но и поеднинците, од историска и од уставно‒правна тематика. Одлуката од III Црковно народен собор не е обична декларација, бидејќи таа има правна сила, исто како и сите останати одредби од Уставот на МПЦ‒ОА. Одредбите во Преамбулата на Уставот не се апстрактни, туку содржат конкретни или експлицитни норми за историско‒правниот развој на автокефалноста на МПЦ‒ОА. Самите одредби продуцираат обврски кон сите законодавни и управни органи на МПЦ‒ОА ‒ да ги застапуваат и да ги штитат нејзините автокефални интереси. Преамбулата е правен основ или врховен пропис од којшто произлегува егзистенцијата на МПЦ‒ОА, и оттука, таа е неизменлив правен пропис. Одредбите од Преамбулата ги прогласуваат целите, ги утврдуваат мотивите, и на свечен начин, го востановува историско‒канонско „верују“ на МПЦ‒ОА, каде што е посебно изразена волјата на клирот и народот. Оттука, за нас Преамбулата е надуставна норма којашто секогаш има важност, и има полноправна сила. Таа е ius cogens или перемпторна норма, неизменлива норма од којашто не е дозволено отстапување. Ќе настојуваме да се санкционираат сите вонинституционални и противуставни дејствија, што се однесува до неуставното постапување, при кршење на одредбите од Преамбулата, безразлика од каде доаѓаат.

Ваше Блаженство, Ваши Високипреосвештенства, браќа и сестри во Христа Бога,
Денес повеќе од било кога чувствувам дека мојот сегашен и иден живот не ми припаѓа само мене, туку на Бог Животодарителот.
За мојот развој како личност, благодарен сум на митрополитот Јосиф. Неговото пастирство најголем израз доживува како служење на другите. Неговата лидерска моќ е трансформациска, се манифестира во давање, во помагање на луѓето. Личноста на митрополитот Јосиф има единствена карактеристика ‒ сите ги инспирира и ги мотивира да го постигнат својот целосен духовен и егзистенцијален потенцијал. Уште од самиот почеток, митрополитот Јосиф се покажа ‒ нè само како добар учител кон мене, туку и како практичен демонстратор на знаење, оној што инспирира развој кај другиот. Затоа, ја изразувам мојата длабока почит и благодарност кон Високопреосвештениот митрополит Јосиф, кој минативе години пројавуваше татковска грижа кон мене и кон сите кои беа под неговиот омофор. По Божја волја влегувам во неговиот труд (Јн 4, 38), и продолжувам онаму до каде што стигна тој со неговите саможртвени заложби.
Сепак, мојата особена благодарност е кон неговото Блаженство, Архиепископот наш Стефан, нашата светост, со кого поминавме драгоцено време и стекнавме драгоцено искуство. Тој е нашиот кормилар, кој постојано се обидува да ги минимизира: фрустрираните преференции, манипулирањето со уставно‒канонскиот систем на МПЦ‒ОА, опструкциите кон промените, бидејќи на многумина промените не им носат лична корист и задоволство. Неговите заложби да обезбеди постојана благосостојба на МПЦ‒ОА и на сите верни, е проследена со многу неосновани осуди и понижувања. Ваше Блаженство, секогаш ќе ја имате поддршката за развојот на МПЦ‒ОА.
Секако, сакам да искажам и благодарност кон моите родители, кои ми ја пренесоа љубовта кон науката, кои ме воспитаа постојано да бидам трезвен при испитувањето на трајните вредности. Моите родители ме воспитаа и ми ја дадоа основата ‒ да се држам кон доброто, лошто да не го прифаќам. Основата што родителите ја вградија во мене, ми ги определи знаците покрај патот, ја определија мојата вистинска смисла на животот.
А моето најголемо благодарам е за молитвеното застапништво на Пресвета Богородица, за закрилата на светите небески, бестелесни сили. По молитвите на свети Николај Мирликијскиот Чудотворец, свети Климент Охридски, свети Јоаким Осоговски, свети Григориј Палама и на сите свети, Господ нека ми биде помошник и покровител на патот на новото служење.
Амин!

 ФОТО ГАЛЕРИЈА-Daniel Mladenovski Golubarac

  • Untitled-1
  • Untitled-10
  • Untitled-11
  • Untitled-12
  • Untitled-13
  • Untitled-14
  • Untitled-15
  • Untitled-16
  • Untitled-17
  • Untitled-18
  • Untitled-19
  • Untitled-2
  • Untitled-20
  • Untitled-21
  • Untitled-3
  • Untitled-5
  • Untitled-6
  • Untitled-7
  • Untitled-8
  • Untitled-9
  • Untitled4

 

 Друго:

 

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

Видео содржини

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3140
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7620
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар

 

23/11/2024 - сабота

Светите апостоли Ераст, Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј; Светиот маченик Орест; Свети Нон, епископ Илиополски;

Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

Тропар на светите Кварт, Родион, Сосипатар и Терциј 10 ноември / 23 ноември 2024

О, свети апостоли Христос Спасителотво вас се зацари, душата во убавина се облече и венци за вас Животот исплете.За Олимпа...

Тропар на  свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Тропар на свети Нектариј Егински 9 ноември / 22 ноември 2024

Изданок од Визант и Егина,заштитниче кој си јавен во последните времиња,миленик на вистинската врлина.Нектарие, те почитуваме,ние верните како богоугоден исцелител...

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Тропар на соборот на светиот Архангел Михаил 8 ноември / 21 ноември 2024

Архистратизи на небесните воинства,ние недостојните постојано ве молиме:со вашите молитви заштитете нѐ,под покровот на крилјата на вашата славаневешествена, пазејќи нѐ...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная