логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка

3.angeli.so.truba 

Како да ја достигнеме молитвата на срцето (01.07.2020 15:46)

Размислував на кој начин да ви покажам колку, всушност, молитвата на умот во срцето е многу блиска до секој од нас и како да го направиме самиот подвиг во молитвата наше реално секојдневие, па го срочив тоа што следи. Прво, во својата аскетска димензија, овој подвиг ни го овозможува православната вера; и второ, во својата благодатна димензија, овој подвиг ни го овозможуваат Светата Тајна Крштение во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и причестувањето со Телото и Крвта Христови. Поконкретно, секој човек кој ќе се вчлени во Црквата, должен е да го стави својот ум во процес на исцеление, преку послушание кон духовен отец; со тоа се случува восогласување на начинот на неговиот живот со степенот на духовниот раст на кој тој се наоѓа. Овој степен се нарекува очистување на срцето од страстите. Кога духовното срце преку подвигот на послушание и молитва доволно ќе биде очистено, во него ќе се појави благодатта на Крштението. Местото каде што се појавува благодатта се нарекува „место на срцето“, а енергијата на умот, привлечена од убавината на благодатта, молитвено и природно се соединува на тоа место со својата суштина. Оваа појава Светите отци ја нарекуваат умно-срдечна молитва, а степенот на кој се случува – просветлување на умот.

Но, да почнеме од почетокот на овој подвиг.

Внатрешното слово со коешто човек разговара внатре во себе и ја твори молитвата безгласно, попрецизно кажано, извира од срцето како наш духовен центар. Покрај тоа што во срцето се наоѓа суштината на умот, тоа е, значи, и изворот на внатрешното слово. Ако со внатрешното слово, наместо кои било помисли, ја изговараме молитвата, ќе го направиме нашето срце и извор на личната молитва. Значи, ние треба да се трудиме со внатрешното слово постојано да ја кажуваме кратката молитва „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а вниманието (или енергијата) на умот да ни биде сосредоточено преку самите зборови на молитвата во Него, но истовремено и во изворот на молитвата, во срцето. На тој начин многу ќе се доближиме до она што Светите отци ни го посочиле како идеал, а тоа е собирањето на енергијата на умот во нејзината суштина во срцето, или таканареченото непрелестно кружно молитвено движење на умот.

За да го сфатите горекажаното и за да ви биде полесно за примена во пракса, треба да го разликувате благодатното отвoрање на срцето за умно-срдечната молитва, кое се случува на вториот степен – просветлување на умот, од аскетската пробивност и задржување на нашиот ум во негова близина, кое може да се достигне и на првиот степен од духовниот развој. Благодатната отвореност на срцето за умно-срдечната молитва е дар Божји кој смирено, во подвиг, го очекуваме, додека пак, пробивноста и можноста за задржување на нашиот ум, колку што може поблиску до нашето срце, е дар Божји кој веќе го имаме – на првиот степен, при очистување на срцето од страстите.

Зошто е важно, согласно православната антропологија, да ја правиме оваа разлика? Зашто, сето тоа ни покажува дека и без благодатта да ни го отвори срцето за умно-срдечната молитва и без да ни е познато местото на срцето на тој начин, ние сепак, можеме да го држиме нашиот ум во областа на срцето, пред портите од Светињата на светињите, и смирено да го очекуваме ветувањето Господово: „Кој чука ќе му се отвори, како и кој бара ќе најде. Зашто, кој е тој човек меѓу вас, кој на својот син ако му побара леб, ќе му даде камен? Или, ако му побара риба, ќе му даде ли змија?“ (види: Матеј 7, 8–10). Тогаш, колку ли повеќе Господ ќе им даде на оние што Го бараат Него Самиот! И, затоа што ова разликување ни ја покажува нашата лична одговорност за евентуално пропуштениот подвиг и за загубеното време. А, за ова нема оправдување.

Собраното кажување на молитвата внатре во срцето предизвикува соодветни ефекти, а пред сè, одреден вид топлина. Вниманието и топлината заемно се привлекуваат и се надополнуваат при собирањето на умот во срцето, и значајно ни помагаат да пребиваме во сеќавање на Бог. Прашањето е: дали е тоа природна или духовна топлина, и каков треба да биде нашиот однос кон таа топлина? Тоа е обична топлина, која доаѓа од крвта, а не некаква духовна топлина. Изговарањето на молитвата и топлината во срцето се единствено средства, а не она што се очекува. Како што и другпат сум рекол, ние, молитвено давајќи се, Го бараме само Него, а не некои од Неговите дарови. Ако главното наше внимание и желба ги пренасочиме од целта што се очекува, која е Христос Бог, кон средствата или пропратните појави, тогаш отпаѓаме од правиот пат, во област смртна, на прелеста, на гревот и на демонот кој нè демне.

Треба да се знае и следното, за да не се збуниме: кога ќе започнеме со овој начин на молитва, ќе наидеме на темнина и на безразличност, односно на затворена врата во срцето. Ова не треба да нè обесхрабри, туку напротив, ние треба и понатаму упорно да продолжиме, барем додека не ја почувствуваме природната топлина. Таа, заедно со солзите на покајанието (духовни молитвени движења), на кои се принудуваме, секако ќе биде и надеж дека ќе ја оствариме целта. Ваквиот вид молитва веќе може да се нарече аскетска умно-срдечна молитва, но само како техника на молење, пред вистинската, односно аскетско-благодатната умно-срдечна молитва, кога срцето навистина се отвора при пројавувањето на благодатта. Умот, од горд, расеан и затемнет, бидејќи се држи нерасеан преку зборовите на молитвата во срцето – во Христос Бог, се смирува, се собира и полека се просветлува поради чистењето на неговата енергија. Со други зборови, овој вид молитва секому е достапен, и секој кој сака и вложи труд, може да го има. При овој вид молитва, некои духовници, за подобра концентрација кај местото на духовното срце, советуваат подвижникот да си ја стави на горниот дел од физичкото срце раката или благо да притисне на тоа место со еден прст; барем додека да се појави природната топлина.

Доколку човек има послаба концентрација, молитвата може да почне да ја кажува и усно, како што е случај во некои манастири од Света Гора, кои го држат преданието на светиот Старец Јосиф Исихаст и светиот Старец Ефрем Филотејски и Аризонски. Молитвата постојано се кажува усно сѐ додека умот природно не ја преземе и, оттука па натаму, важи тоа што претходно го напишавме.

За разлика од природната топлина, благодатната или божествената топлина се појавува и дејствува при она што го нарековме благодатно отвoрање на срцето за умно-срдечната молитва, кое се случува на вториот степен од духовниот развој – просветлување на умот. На овој степен од духовниот развој, срцето е доволно очистено од страстите и благодатта на Светото Крштение се пројавува од него и го привлекува умот да се спушти во покажаното место. Ова е крај на аскетското пробивање и задржување на умот внатре пред срцето, пред портите на Светињата на светињите. Пројавувањето на Божјата благодат е моментот што прави да се отвори срцето, за умот да влезе внатре молитвено, препознавајќи го непрелестно местото на молитвата во срцето. Потоа следува аскетско престојување и задржување на умот, но сега, во Светињата на светињите во срцето, сè додека духовната топлина што притоа ќе се случи не го преобрази (одухотвори) целиот во несоздадена светлина, подвижникот на молитвата, кој постојано така гори.

Кај вообичаениот подвиг, вдишувањето и издишувањето при умно-срдечната молитва природно се восогласува со изговарањето на зборовите на молитвата; и тука не треба да постои никакво отстапување од нормалното. Од нагласено внимание при вдишувањето и издишувањето имаат потреба само оние монаси кои веќе го имаат дарот на молитвата, но во случај на криење на благодатта, односно во случај кога нејзиниот сигнал во срцето ослабува.

Сите знаеме дека на почетокот од нашиот духовен живот Божјата благодат отворено и јасно нè поткрепува во подвигот, и тогаш сè ни изгледа лесно – и молитва, и пост, и послушание, и љубов. И сите се здобивме со опитот дека таа потоа се сокрива од нас, или скриено нè поткрепува во подвигот, и понатаму сè ни изгледа безнадежно тешко. Слично нешто се случува и на степенот на просветлување. Благодатта знае толку силно да се пројави во срцето и толку силно да го привлече умот кон себе, така што без оглед на тоа што човек прави или што се случува околу него, молитвата однатре да тече. И, благодатта знае толку многу да се скрие што одеднаш многу важни стануваат и некои надворешни услови и помошни методи за остварување на умно-срдечната молитва, како што се: тишина, осамено и темно место, ниско седење, дишење восогласено со зборовите од молитвата и друго – на кои човек претходно не обрнувал внимание.

Многу треба да внимаваме и на основните услови: послушание во рамките на манастирскиот типик, кој ни овозможува услови за екстремно одрекување од светот, односно монашко туѓинување – за монасите; и послушание кон духовниот отец во светот, поврзано со совесно извршување на своите обврски – за верните. Особено треба да внимаваме да не им судиме на луѓето и да не ги осудуваме – како оние што ги познаваме, така, уште повеќе, оние што никогаш во нашиот живот не сме ги сретнале. Првото го сторил фарисејот, а второто не знам како да го наречам. Да внимаваме на „последното место“, на смирението и анонимноста. И најважно од сѐ е – на секое зло да враќаме со добро, со љубов. За да ни биде дозволено да ја кажуваме оваа молитва треба и во мислите и во чувствата да сме измирени со секој човек, без разлика колкаво зло и да ни прави. Не може религиозен невротичар, а никогаш религиозен социопат да се занимаваат со оваа молитва. И тие си го знаат тоа. Дури и секој вид спомнување на овој вид молитва им е одбивно, и соодветно на својата состојба реагираат.

Го напишав текстот за да видите колку, всушност, аскетската умно-срдечна молитва, како техника на молење, е многу достижна и зависи само од волјата и трудот на секој од нас – уште на првиот степен од духовниот развој. Ние од немање опит и од незнаење мислиме за неа како за којзнае какво чудо и, немајќи ја самите, не веруваме дека и другите можат да ја имаат. Сепак, ја имаат; и тоа, и како дар на отвореното срце, а не само како техника. Секако, ви говорам, пред сѐ, за верните на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија; Црква во сета своја полнота, на која не ѝ недостига ниту еден дар Божји. Токму од дарот на умно-срдечната молитва, кој постои во нашата Црква, ја црпимe силата да го одбранимe и да го сведочимe нашиот посебен пастирски идентитет и мисија.

Суштината на молитвата на срцето е покајанието, а не техниката на кажувањето. И сите техники да ги знаеме, ако покајание немаме, никогаш нема да ја имаме. И обратно, ако имаме вистинско покајание, а да не знаеме некаква техника за задржување на умот во областа на срцето, ние ќе го добиеме дарот на умно-срдечната молитва. А, под вистинско покајание секогаш подразбирам восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме; на првиот степен, тоа е барањето Божја правда во послушание и анонимност, а на вториот, тоа е љубовта и кон непријателите.

Пресвета Богородице, спаси нас!
 

Митрополит Струмички Наум

Извор: http://www.mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7296

 

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3221
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7715
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

27/12/2024 - петок

Божикен пост (строг пост)

Св. маченици Тирс, Левкиј и Калиник; Св. маченици Филимон, Аполониј, Аријан и други;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Тропар на светите Христови маченици Тирс, Левкиј, Калиник, Филимон, Аполониј и други со нив 14 декември / 27 декември 2024

Маченици свети Христови, вие кои со благодат Господова огнот во вас го скротивте,  а силата негова во ревност за Бога ја...

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Тропар на св. Христови маченици Евстратиј, Авксентиј, Евгениј, Мардариј и Орест 13 декември / 26 декември 2024

Низ оган злато поминува за да се очисти, о свети Евстратие, но огнот тебе не те допре, затоа што напоен од благодатта...

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Тропар на светиот Спиридон чудотворец 12 декември / 25 декември 2024

Спиридоне, Богоносен оче наш,на Првиот Собор ти се покажа поборник и чудотворец.Затоа, мртвата од гробот ти прозбори,и змијата во злато...

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная