Скопје, 01.03.2017 год.- храм на св.Петка на денот на
Светите Дванаесет маченици
што пострадаа во времето на Диоклецијан
Драги верници, еве по Божја промисла стигнавме до средата од првата недела од Великиот Велигденски пост. Денес е првиот ден од постот во кој е дозволено да се служи Света Литургија и со самото тоа ни е дадена можност да пристапиме и да ги примиме Пресветото Тело и Крв на Нашиот Господ Исус Христос. Знеаме дека за да пристапиме кон Светата Причест потребна ни е претходна духовна и телесна подготовка. Многумина од нас ќе се запрашаат дали е доволна подготовката од само 2-3 дена колку што поминаа од почетокот на постот до денес, за да можеме да се причестиме. Одговорот е едноставен. Ако не е доволен овој период за подготовка, зарем црквата би одредила да има Света Литургија а со самото тоа и причестување на верниците.
Во овој ден е дадена можноста да има причестување и за сите оние верници кои се одлучиле да тримират, односно сите оние кои во овие денови од почетокот на постот до денес не внесуваат вода и храна. Но за жал кај некои верници кои го практикуваат тримирот постои обичај да не се причестуваат со Телото и Крвта Господова, туку најнапред да се напијат од Богојавленската вода. Треба да бидеме свесни дека во сето ова нема никаква црковна традиција, а со самото тоа нема никакво црковно значење. Зарем можеме да ги споредиме Светата причест со Богојавленската вода. Суштината и врвот на нашето духовно живеење е причестувањето со Светата Причест односно примањето на Самото Тело и Крвта на Нашиот Господ Исус Христос додека примајќи ја Богојавленската вода ние само духовно се укрепуваме. Воопшто се неспоредливи овие две работи како по нивната суштина така и по нивното духовно значење.
Размислував од каде е произлено да наместо Света Причест се дава Богојавленска вода и истражувајќи дојдов до сознание дека Светите отци одредувале на некои свои духовни чеда да примаат Богојавленска вода но само во случај кога имаат забрана за Причестување од своите духовници. Ова било случај кај верниците кои имале многу големи гревови и кои за да не се разочараат и сосема се одалечат од црквата, без да имаат можност да се покајат за своите гревови, Светите отци покрај покајничкиот канон кој им го давале, им одредувале да земаат и Богојавленска вода за да можат на тој начин духовно да се укрепуваат. Богојавленската вода се осветува на Богојавление и е распространета насекаде. Секој верник ја зема и ја чува во својот дом, во црквата стои во посебен сад за чување вода. Така оваа вода е на дофат на секој еден верник кој може слободно, сам, на гладно срце да се напие од неа, без притоа да бара свештеникот да му даде од водата. Кога свештеникот би им давал на верниците да пијат вода, би се стекнало впечаток дека тој ги причестува верниците со Богојавленска вода. За да не дојде до вакво мислење треба да заклучиме дека Богојавленската вода можеме да ја земаме за наша духовна поткрепа но никако не треба да да го разбереме земањето на Богојавленската вода како замена за Светата Причест.
За разлика од Богојавленската вода Телото и крвта на нашиот Господ Исус Христос се претвараат од леб и вино на секоја света Литургија, а по причестувањето на свештенослужителите и верниците, ѓаконот ја употребува и не се чува Светата Причест, освен онаа Причест која е за болни и која се чува во текот на цела година..
На крај да заклучиме дека сите верници кои се духовно подготвени, но и оние кои добиле благослов да тримират, нека пристапат со срав Божји, вера и љубов кон светиот Путир за да се причестат, во средата од првата недела од Великиот пост.
Ј е р е ј д - р С а ш о Н а к о в
01.03.2017 лето Господово
храм на св. Петка, во скопската населба Црниче