(Извадок од житието на блажениот јуродив Николај Псковски)
Јуродивите (лудите) заради Христос се одликувале со ретка бестрашност. Блажениот Николај трчал низ улиците на Псков, правејќи се безумен, изобличувајќи ги кај луѓето нивните тајни гревови и прорекувајќи ги идните настани. Кога царот Иван Грозни влегол во Псков, сиот народ бил обземен од страв и ужас при појавувањето на страшниот владетел. Пред секоја куќа стоела маса со леб и сол, како поздрав за царот, но народот не излегувал надвор. Кога градоначалникот пред црквата му принел на царот на дискос леб и сол, царот го турнал дискосот, и лебот и солта паднале на земја.
Тогаш се појавил пред царот блажениот Николај во долга селска кошула, опашан со врвка, скокајќи на стап, како дете, и извикал: „Иванушка, Иванушка, јади леб и сол, а не човечка крв!“ Војниците се стрчале по него, но тој им избегал и се скрил. Кога дознал кој е блажениот, и со што се занимава, царот отишол во неговата тесна ќелија. Тоа било во првата седмица од Великиот пост.
Кога слушнал, дека царот доаѓа кај него на посета, Николај зел едно парче крваво месо и кога царот влегол во неговата ќелија, тој, откако му се поклонил на владетелот, му предложил на царот месо со зборовите: „Јади, Иванушка, јади!“ Страшниот цар луто му одговорил: „Јас сум христијанин и не јадам месо во пост“. Тогаш Божјиот човек брзо му одговорил: „Да, ама ти постапуваш и полошо; јадеш човечко месо и крв, заборавајќи не само на постот, туку и на Бога!“ Оваа лекција влегла длабоко во срцето на царот Иван, и тој, поразен, тогаш го оставил градот Псков, којшто планирал да го уништи.
Извор:
Превод од руски: Свештеник Јани Мулев