Отец Пимен:·
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух,
Спомнувајќи си за свети Наума по илјада и којзнеа кој пат, тука на местото на неговата почивка, но и пред престолот на кој и тој самиот, благодарејќи на Бога, служел света литургија и преку Телото и Крвта на Христа Бога се соединувал со Бога и со сиот верен народ што пред Путирот застанувал, и стоејќи на амвонот од кој и тој самиот проповедел и поучувал се исправам пред прашањето, лесно ли е или тешко, пак и пак да се зборува за светиот чудотворец Охридски.
Знае секој Македонец, знае секој верник и поклоник од каде и да доаѓа, со колку многу дела нѐ задолжил светиот, од самиот моментот кога го направил првиот чекор кон своите божествени учители и наши просветители Кирил и Методиј, а со тоа и кон Бога. Со нив зачекорил и обиколил голем дел од тогаш познатиот свет, притоа растејќи во непоколебливата вера во Бога. А таа вера негова стократни плодови потоа дала па поучувал, тријазична ерес со учителите свои разбивал, описменувал, укрепувал и исцелувал, преведувал, градел, служел на Бога и на верниот народ, чуда правел па и природата ја менувал и од диви зверови како мечката, послушни орачи правел. Со секој свој збор и дело ги спроведувал во живот Христовите зборови: „а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.” (Мат. 20, 26-28)
И навистина во ликот на Свети Наум, се овистинија овие Христови зборови, та и по смртта Христос во Царството Небесно го прими и во светиите негови го вброи и со сила чудотворна го дарува, која и ден денес се пројавува и исцеление дарува од неговиот гроб.
И бројни се чудата негови на кои сведоци биле нашите претци низ вековиве, ние самите, но и идните генерации ќе бидат. Зашто жив е пред Господа оној кој душата своја за своите ближни ја положува. Па да си спомнеме за Ѓорѓи од Епир и за Наум Јајчар исцелените, за скаменетите монаси кои сакале со измама моштите да ги однесат од тука, за Зизовци од Ресен кои дариле камбана за услишаната молитва, за бродовите и автобусите што нѐ тргнувале кога нешто неправедно било земено од манастирот, за многуте бездетни родители кои со челад се здобиле тука на гробот молејќи се…
А уште колку чуда и исцеленија се случиле, кои светителот од нас ги сокрил, само во Царството Небесно ќе дознаеме.
И ете, кога се ова ќе наброиме, ќе рече човек, лесно е за ваков човек, за ваков светител да се зборува. А јас ќе речам, да, лесно е да се зборува, зашто има многу да се каже, но тешко е неговиот подвиг во живот да го претвориме. Лесно е да се зборува, но тешко е она на што нѐ научил да го спроведеме во нашиот подвиг на верата и љубовта. Тешко е да го чекориме неговиот пат. Но, блажено.
Ќе речеме и дека тежок е патот да се стигне до тука, но уште потежок ќе биде патот до Вечноста, ако се оправдуваме со патот за да не доаѓаме до гробот Наумов да се молиме за укрепување на патот кон Небесата.
А нѐ има мноштво такви денес. Зарем полесен беше патот за оние наши претци кои пешки го минуваа овој пат до манастирот и од Македонија и од Албанија, па дури и од Грција за да се помолат на Свети Наума, спокој и исцеление да добијат, а веќе следната година пак да дојдат дар носејќи да му заблагодарат на Бога што ги услишал нивните молитви преку светиот?
И ако сведоштво за секоја услишана молитва, за секое едно чудо направено немаме, овие излижани камења од подот, оваа веќе излижана плоча на гробот толку пати со солзи натопувана, еднаш со солзи покајнички и молитвени, а другпат со солзи благодарствени и радосни измивана, кога уста би имале постојани раскажувачи на сведошва би станале.
Па пак на прашањето за лесно или тешко зборување за Светиот Наум ќе се навратам.
Ете колку и лесно да изгледа да се зборува за него и колку и сѐ да наброиме од житието негово, сепак ништо достојно за светиот не сме направиле, колку што тој направил за сите нас низ сите овие векови.
Попусти ќе ни бидат сите овие лесно изречени беседи и хвалоспеви, ако во домот наш место за негова икона не се најде, пред која катадневно ќе застануваме за секое молитвено застапнишво да му благодариме и ќе бараме со него во животот вечен рамо до рамо пред престолот на Господа Бога Света Триоца во Царството Небесно да бидеме.
Та да застане Чудотворецов Охридски Наум пред Бога, каде што и денес и вавек стои, и со сите нас неговите верни и благодарни чеда и да каже: „еве ме Господи мене и чедата што ми ги даде Ти.“
И на радоста на Небесата да нема крај.
По молитвите на светиот отец наш Наум, Господи Исусе Христе Боже наш, помилувај нѐ!
Амин
Охрид, Свети Наум
03.07.2024
https://www.dke.org.mk/index.php/3679-beseda-na-prep-naum-ohridski-od-mitropolitot-pimen