ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на светиот
Ксенофонт, Марија и нивните деца
Јован и Аркадиј
26 јануари / 8 февруари
Благословот родителски од Бога запечатен,
ги приведе вашите деца Јован и Аркадиј кон гората Господова,
а смиреномудрието ваше о Ксенофонте и Марио
стана врска нераскинлива помеѓу Бог и човека,
на која целата природа се покорува.
Пријатели Христови станувајќи,
Името го пренесовте по сите краишта земни,
поуки и скалила Духот преку вас остави,
покриени со вашите во Христа свети молитви,
за кои денес слава и пофалба на Бога вознесуваме,
Кој вас ве прослави.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на светиот
Јосиф Солунски
26 јануари / 8 февруари
Подвижничкиот твој живот согледувајќи го,
Спасителот благоизволи возвишен чин да ти додели,
о Јосифе архиепископе на стадото Христово,
исповеднички венец доби во борбата за светите Икони,
маченички за сведоштво на вистината,
моли се слуго на Бога Вишниот,
во едномислие со тебе пред Христа да се претставиме.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Од Верскиот календар на МПЦ (08.02.2024)
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобните Ксенофонт и Марија
и нивните синови Јован и Аркадиј
Угледни и богати цариграѓани. Живееја богоугодно и со најголемо внимание ги воспитуваа своите синови во христијански дух. Кога синовите им пораснаа, ги пратија на студии во Вирит (Бејрут); но се случи бура го потопи коработ. По Божја Промисла Јован и Аркадиј беа некако спасени и исфрлени од брановите на брегот, но на две различни места, така што секој мислеше за другиот дека потонал. Од тага еден за друг обајцата се замонашија во два различни манастири. После две години нивните ужалени родители појдоа во Ерусалим на поклонение на светостите. Таму со помош на проѕорливоста на еден духовник се состанаа прво брат со брат, Јован и Аркадиј, а потоа и родителите со своите деца. Од благодарност кон Бога Ксенофонт и Марија и самите го раздадоа сиот свој имот на сиромасите и обајцата се замонашија. Трогателната историја на овие четири свети души јасно покажува колку прекрасно Господ раководи со судбините на оние што веруваат во Него; како допушта врз нив маки и жалости за потоа уште позасилени во верата да ги возведе во многу поголема радост. Живееја и се упокоија во Господ во 10 век.
Преподобен Симеон Ветхи
Другар и пријател на Св. Паладиј. Од рана младост па до смртта се подвизуваше во една пештера. Основа два манастири и се упокои во Господ во 390 година. Ветхи, т.е. Стар се нарекува за разлика од Св. Симеон Столпник, којшто се подвизуваше нешто подоцна од него.