ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
Тропар на свети
Григориј Богослов
25 јануари /07 февруари
Глас 1
Пастирскиот кавал на твоето богословие
ги победи трубите на говорниците:
бидејќи ја бараше длабочината на Духот,
Убавината се придружи во твоите проповеди.
Оче Григорие, моли го Христа Бога,
да ги спаси нашите души.
Извор МПЦ-ОА
Тропар на Пресвета Богородица
во чест на Нејзината чудотворна Икона
„ Ублажи ги моите жалости! "
25 јануари / 7 февруари
Глас 5
Смири ги болувањата на мојата душа која постојано воздивнува,
така што ќе ја избришеш секоја солза од лицето на земјата:
Ти која од човекот секоја болка ја оттргнуваш,
и грешните од тегобите ги разрешуваш:
затоа што Тебе за надеж и утврдување Те имаме,
Пресвета Мајко Дево.
Извор МПЦ-ОА
Тропар на светиот
проповедник преподобен
Публиј Сириски
25 јануари / 7 февруари
Подвиг на подвиг, благодат врз благодат –
од кон совршенство – следејќи го Христа учителот твој –
о Публие свети подвижниче,
самотијата те награди од рацете Божји со врлини духовни,
и тоа го сподели со најревносните твои ученици,
кои славата Господова ја пренесоа низ целата вселена.
Моли се за нас и радувај се – Седржителот те објави,
за да се надеваме на твоите молитви.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Православен календар за 07/02/2024
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Свети Григориј Богослов, архиепископ Цариградски
Роден во Назијанз од татко Елин и мајка христијанка. Пред да се крсти учеше во Атина заедно со Св. Василиј Велики и со Јулијан Отстапник. Често му пророкуваше на Јулијан дека ќе биде отстапник од верата и гонител на Црквата, како што и стана. Врз Григориј особено влијаеше неговата мајка Нона. Кога го заврши школувањето го прими Светото Крштение. Свети Василиј го ракоположи за епископ Сасимски, а царот Теодосиј Велики наскоро го повика на испразнетиот престол на Цариградскиот архиепископ. Состави многубројни дела од кои најславни му се теолошките, заради што е и наречен Богослов. Особено значајно е неговото дело „Беседа за Света Троица“. Пишуваше против еретикот Македониј, којшто учеше искривено за Светиот Дух (како Духот да е Божјо создание) и против Аполинариј, којшто учеше искривено за Христос дека немал човечка душа, туку дека Неговото Божество му било наместо душа. Пишуваше и против царот Јулијан Отстапник, неговиот некогашен школски другар. Во 381 година, кога во Соборот настана расправија околу неговиот избор за архиепископ, тој се повлече самиот, откако рече: „Не можат да нѐ лишат од Бога оние што нѐ лишуваат од престолот“. Потоа го напушти Цариград, отиде во Назијанз и таму до смртта поживеа во повлеченост, во молитва и во пишување корисни книги.
Иако беше со слабо здравје цел живот, сепак доживеа осумдесет години. Моштите подоцна му ги пренесоа во Рим, а главата му се наоѓа во Успенскиот Собор во Москва. Беше и остана прекрасно светило на Православната Црква, како по кротоста и чистотата на карактерот така и по ненадминливо длабокиот ум. Се упокои во Господ во 390 година.
Дела
Како црковен писател и богослов, иако не оставил многу дела (45 слова, 508 стихотворби и 243 писма), потполно заслужено стекнал голема слава. Неговите дела се користат уште од древно христијанско време со најголема почит, со исклучителна познатост и авторитет во Црквата Христова. Делата на ниеден друг отец на црквата не биле толку предмет на разгледување и изјаснување, како делата на свети Григориј Богослов.1. Слова. Славата на свети Григориј како црковен писател и богослов се должи главно на неговите слова. Напишал „пет слова за богословието“ како и многу други на разни теми.
2. Стихотворби: слично како незнабожечката поезија, и тој своите богословски размислувања ги пишувал во стихови, за да им бидат достапни и сфатливи на младите од негово време.
3. Писма: од него се зачувани 243 писма, од кои поголемиот број ги собрал самиот тој по молба на младиот роднина Никовул. Од нив се открива самото срце на светиот Григориј.
Преподобен Публиј