Несомнено едни од поубавите од глави на Типикот се оние каде што се говори за постот. Постот е востановен од Бога со заповедта, дадена во земниот рај да не јадат од дрвото за познавање на доброто и злото (1. Мој. 2, 17). Преку неа Бог сакал уште на самиот почеток да ги научи луѓето на послушност и воздржување. Постот е оружје во духовната борба против поднебесните сили (лукавиот и неговите црни ангели) (Матеј 17, 21; Ефес. 6, 12) неопходно средство за стремеж на човекот кон духовно совршенство и благодатна ризница за постигање на крајната и врвна цел на христијанскиот живот, светост и спасение во Господа.
Во Стариот завет имаме многу примери за пост: светиот пророк, боговидецот Мојсеј постел 40 дни и 40 ноќи (2. Мој. 34, 28), за да се подготви да ги прими Десетте Божји заповеди. Светиот пророк Илија со строг пост, духовна чистота и голема ревност за Господа се удостоил да ја види Божјата слава (3. Цар. 16, 4 - 13), а свети Јован Крстител, пророкот и Претечата Христов, е познат како најголем и најстрог испосник. И на крај самиот Господ Исус Христос се подготви за сеопшто служење и за искупителниот подвиг со 40 дневен пост (Матеј 4, 2). Во проповедта на гората Он ги учел своите последователи каков треба да биде вистинскиот пост: „Кога постите, не бидете натажени како лицемерите, зашто тие си ги прават лицата мрачни да се покажат пред луѓето дека постат. А и ти, кога постиш, помазај ја главата своја и изми го лицето свое, па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност и твојот Отец кој гледа тајно ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 16 - 18).
Оние кои поверувале во Христа започнале да постат уште во времето на апостолите. Првите христијани постеле строго, често и продолжително, за да се подготват подобро за богоугодни подвизи. Во првите векови христијаните постеле не во определено време, туку кога сакале и колку сакале. Во 4. век наоѓаме правила и одредби, освен за оние што постоеле, Велигденскиот и Петровденскиот пост и за Божикниот и Богородичниот пост. Четирите пости биле пригодни кон четирите годишни времиња.
Суштината на христијанскиот пост не е умртвување на телото, како што погрешно се мисли, туку умртвување на гревот во нас, зашто гревот предизвикува пропаст и смрт. Закрепнувајќи ја вољата на постот, му дава можност на духот да владее со телото. Кога христијанинот пости треба да се откаже од секакви светски веселби и задоволства, од посетување на места каде што е возможно да згреши со помисла, збор или со поглед. Воопшто треба да се стремиме, колку е можно повеќе поголем дел од денот мислите да му ги посветиме на Бога и во тајна умно-срдечна молитва.
Типикот ги регулира и посните денови и повеќедневните пости во текот на годината. Обично се говори дека посниот ден е разрешено на риба или на масло или на вино. Но во еден случај ние се сретнуваме во Типикот со прекрасен воведувачки повик за исполнување на посниот Типик. Таа глава влегува во месецословот (во поширокиот дел на Типикот)
Телесниот пост (νηστεία) е воздржување (™γκρατεία, ¥σκισις, continentia) од јадење и од алкохолни пијалаци, од кои во уставот се спомнува само виното. Има повеќе начини на пост: 1. потполно воздржување од јадење и вино (πανεγκατία, inedia); 2. сухојадение (ξιροφαγία), јадење леб и пиење вода еднаш на ден по деветтиот час во денот (три часот попладне); 3. јадење леб и зелка со масло и пиење вино, два пати на ден; 4. јадење риба и пиење вино.
Според задолжителноста постот може да биде:
1. општ, зашто е пропишан од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква и ги обврзува сите верни на годишно ниво и тоа се повеќедневни пости:
а) Велигденски - пролетен (од сиропусната недела до Велика Сабота), кој е востановен во чест на страдањата и воскресението на Господ Исус Христос. Според типикот на Православната црква се пости вака: за цело време на постот во сабота и недела е дозволена употреба на масло. Риба се консумира само на Влаговештение и Врбица (Цветници). Ако Благовештение падне пред Цветници, на денот на Благовештение се разрешува масло и вино (каков што беше случајот оваа година).
б) Апостолски - летен (од првата недела по Πедесетница до 11 јули/28 јуни), Божиќен - зимски (од 28/15 ноември до 6 јануари/24 декември) востановени во чест на светите Апостоли Господови и во чест на раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Тие се постат вака: во понеделник, среда и петок не се јаде масло и вино. Во четврток и вротник се дозволува на масло и вино, а во сабота и недела на масло и риба.
в) Богородичен - есенски (од 14/1 до 27/14 август) и е востановен во чест на Преображението Господово и Успението на Пресвета Богородица, а начинот на постење е сличен на Велигденскиот т.е. во понеделник, вторник, среда, четврток и петок не се јаде масло, тоа се консумира само во сабота и недела. Риба е благословено само на Преображение.
г) Еднодневни: на седмично ниво среда и петок; а во текот на годината: Воздвижение на чесниот крст - Крстовден (27/14 септември), отсекување на главата на свети Јован (11 септември/29 август)и вечерта пред Богојавление (18/5 јануари) - Водокрст или Водопост.
2. локални, востановени на некои места по повод на некои несреќи, суша, глад и тн.;
3. заветни во два вида: а) народни, како старите Израилци (Суд 20, 26; 1. Цар 7,6; 31, 13) и Ниневјаните (Јона 3, 5); и лични, кои секој сам на себе си ги наметнува во вид на завет, како Давид (1. Цар 1, 12) и Ездра (1. Езд 10, 6) или кога духовникот налага со цел за усовршување, ракополагање во свештенство (Дела 13, 3; 14, 23), пред крштение, кој пост се спомнува во делото Учењето на 12 апостоли или пост кој се наложува со 1. правило на Лаодикискиот собор на второбрачни за да можат да се причестат.
Антоние Попоски
Друго:
Просфора:
http://www.mpc.org.mk/Kalendar/prosfora.asp