Толку театрално се артикулираат поимите: денешницата - денешните, современието - современите, модерното - модерните, што човек добива впечаток дека порано се живеело посовршено отколку сега, подолго отколку сега. Сѐ е исто само што е софистицирано.
Истите страсти го мамат човекот од желбата на очите преку похотта на телото до гордоста на животот, како што кажува Апостолот. Не само во она време, и сега Христос доаѓа во Назарет, минува низ Ерихон, и се искачува во Ерусалим, секогаш близок на нас, но ние сме склони на театралност, оти ни сакаме да го слушаме, ниту пак да се симнеме и да го примиме, ниту пак да се искачиме со Него.
Сакаме само да влеземе во бањата по раздвижувањето на водата, здравје да се има колку да си продолжиме по старо, и толку. Сѐ друго после искачувањето во Ерусалим е тешко, небаре тепањето, плукањето, бичувањето, крстот и клинците, смртта му се случува само Него. Сака да ни даде утеха и смисла за тоа што го поминуваме во животот, оти и тоа ќе помине, а ни открива живот вечен преку Воскресение, радост на живот, но тоа пак кој ли го сака? Ние сакаме само да го гледаме Неговото за нас show, кое ќе продолжиме да го гледаме макар и со сеанси и под апчиња.
П.С. Само Христос го издржал постот, само Он и никој друг, сето тоа заради нас. Нас ѓаволот и без да не праша се согласуваме.
о.Горан Стојчевски
23ти март 2023 лето Господово