Свештеник Александар Овчаренко
Многу работи радикално се изменија во нашиот однос кон христијанските вредности, и воопшто, на христијанскиот поглед кон светот и начинот на постоење. Меѓутоа, се забележува дека сето тоа се одигрува на површината на умот, но не и во внатрешноста на срцето. Значи, неспоредливо повеќе знаеме, а неспоредливо помалку дејствуваме.
Кога ќе погледнеме околу себе, со болка во срцето гледаме: луѓето стануваат сѐ повеќе нестрпливи, несочувствителни. Причините коишто придонеле до таквите појави се различни: економски тешкотии, раскошот на неколкумина и сиромаштијата на мнозинството, ниското ниво на култура и морал, конфликтите на меѓунационална основа, несигурност за утрешниот ден. Поради ситници настануваат расправии, во прв план паѓаат навредите и раздразливоста.
Пастирското искуство покажува: човекот кој, без да се покаже претходно во душевните особини, а почнал да гради духовни добродетели, дури и верно следејќи ги светоотечките совети, крева таква карпа на гордост и егоизам, која е исклучително тешко да се урне потоа. Повеќедеценискиот прекин во наследството на православниот живот доведе до појави, за кои сега треба да се говори гласно. Затоа што луѓето не станаа љубезни, грижливи, добри, искрени, многу верници не почнаа себеси да се сметаат само како црковни, или не само како православни, туку и исправни.
Плодовите на нашето „воздржание“ – тоа се честопати разрушените семејства, кои беа повеќе или помалку среќни, до воцрковувањето на еден од сопружниците… Плодовите на нашата „побожност“ се нашите ближни, кои престанувајќи да бидат неутрални по прашањата на верата, ќе почнат да бидат нејзини непријатели.
– Можно е, ние да сме криви за тоа, а не „тие“:
– Да, но како врз нас да се исполнува Писмото…
– А ако погледнеме поискрено на случајот? Ете, на пример, ти си станала верничка, а мажот пие?
– Јас читам акатист за него, „Неиспивлива чаша“.
– За него или против него? Го сакаш ли за време на читањето? Во што конкретно се појавува твојата љубов?
– А како да сакам еден пијаница? Не сака да оди во црква, не сака да се венча…
Ете, таков е дијалогот… Не остварувајќи се во сопружничкиот живот, во татковството, во мајчинството, не научувајќи се да бидеме благодарни деца, отворени, верни, љубезни кон луѓето, ние бараме духовно, но духовното не ни се дава.
Се служиме со широко користените механизми за достигнување на поставените цели во световниот живот: едни – со свештенички чин, други – со работно место во сферите кои се поврзани со Црквата, трети – со привилегирана положба во најблискиот круг на многупочитуваните духовници меѓу народот. Но, притоа не се решава главното прашање: поради што? Желбата да се „стане нешто“, сфаќањето на црковниот живот како почва за самоутврдување не ни даваат да го видиме главното: каде е во сето тоа местото на Христос, каде е подвигот, или жртвената љубов кон ближниот која Он ја заповедал?
Старецот – отец Алексеј Мечев, за односот кон ближните го зборувал следново: „Бидете топлина и светлина за оние кои ве опкружуваат, чувајте се во почетокот да го задржите семејството, трудете се околу него, а потоа тие напори толку ќе ве приврзат, што ќе имате тесен круг на семејство, и тие зраци со текот на времето ќе опфатат сѐ повеќе луѓе, и кругот, осветлуван од вас, сѐ повеќе ќе се зголемува“.
Би рекле дека сѐ е поставено врз темелите на правилни формули: на изреките на светите отци, на советите и благословите на духовникот. Притоа, гордоста на оние кои нѐ опкружуваат внимателно ќе се следи и ќе се открива, а сопствената – никогаш. Аскетиката без љубов е налик на замокот на Снежната Кралица – ладен, непристапен, а однадвор прекрасен.
Од надворешната црковност, позади црковната терминологија: „простете“, „благословете“, „искушение“ и така натаму, позади црковната проблематика (борба против екуменизмот, масонството, секташтвото) луѓето понекогаш сакаат да се сокријат од движењето во длабочината, од средбата со вистинското „јас“. Немаме никаква корист, ако со воцркувањето не ја засветлиме љубовта. „Никој не би останал незнабожец, ако ние бевме вистински христијани“ – рекол Јован Златоуст.
Ако во неверничка фамилија еден човек поверува, тој има само еден начин да ги воведе во верата и останатите: ако не се отуѓи од нив и ако не им се спротивстави тој „чистиот“ на останатите „грешници“. Ако тој рече: „Нема да дојдам на вашата пијанка, празнувајте го вашиот семеен јубилеј без мене, јас постам!“, – тој засекогаш ќе остане единствениот верник во фамилијата.
Ако тој во секој прикладен и неприкладен случај „проповеда“ – така ќе остане единствен. Запамтете: насилството поради љубов, ја убива љубовта. Но, ако тие забележат дека твојата вера помага во решавањето на семејните проблеми, ако тие видат дека од храмот се враќаш посветол отколку кога си отишол таму, ако видат дека твојот свет станал подлабок и побогат од светот на читателите на весници – или „голтачите на празнина“ – тогаш кон верата ќе пристапат сите ваши ближни.
Учете ги децата, пред сѐ, не како правилно да земат благослов од свештеникот, туку како да му излезат во пресрет на постар човек, да подадат рака на жена која излегува од автобусот, и сето тоа да го прават поради Христа. Пред приказната за Небесната Татковина, научете ги децата да ја сакаат својата земја. Верското воспитување не почнува тогаш, кога мајката нѐ почучува на молитвата „Отче наш“, туку кога таткото го учи синот да ѝ се заблагодари на мајката за испраната кошула или за зготвеното јадење.
Намерно не ги опфатив духовните добродетели, која се пројавува во човекот според мерката на неговото воцрковување. Ова беше обид да го поттикнам читателот да се снајде во душевното градење на самиот себеси. И ако за време на читањето ве замолат за некоја услуга, прекинете го читањето, тоа ќе ве почека. Исполнете ја човечката молба, што поскоро, штом Самиот Господ Исус Христос, преку ближниот ве моли за помош.
Превод: Андријан Ѓорѓиев, студент на Теологија
Православна светлина бр. 64
Март 2023,