ХРИСТОВОТО ПРИСУСТВО НЕ ПРАВИ УБАВИ
Гревот му се заканува на човекот, ги менува дури и цртите на неговото лице, му го менува погледот, очите. Гревот предизвикува збунетост во очите на човекот. Го гледате и не чувствувате мир и спокој. Не чувствувате утеха. Затоа што гревот ја издава збрканоста на неговата душа.
Сосема поинаку забележуваме кај личност која ја има Божјата благодат. Сакате постојано да бидете близу до нејзе, да разговарате со неа, да комуницирате. Нејзиниот збор ве смирува, нејзиниот поглед ве смирува, нејзиното присуство ве опушта. Божјата благодат делува онаму каде што е оваа благодатна, Христова личност.
Се сеќавам колку беа убави и шармантни некои луѓе во младоста.Но ако некој ги види сега, нема да може да го издржи нивното присуство , ќе се одврати од нив, неговата душа ќе се измачува од нив. Нивниот грев, непокајанието, фалењето ги направи грди и по телото и во душата.
Меѓутоа, има и луѓе чии фотографии од младоста покажуваат дека биле грди, нивните очи биле замаглени, а нивниот изглед бил лош. Сега гледате дека се променети од благодатта. Нивните очи, нивното присуство, нивното одење, нивните зборови нѐ не потсетуваат на ништо од нивното минато. Тоа е Христовото присуство што разубавува сѐ во човекот. Христовото присуство, кое му дава на човекот небесен шарм, неземна убавина, сладост.
Бидејќи го загубија Бог, луѓето ја загубија вистинската убавина. Ниското и бесрамното го сметаат за убаво, бидејќи за жал го наоѓаат мирот во гревот и темнината, како свињата што почива во калта.
Гревот ја менува нашата перцепција и критериуми за живот. Гревот не влијае само на животот после смртта. Тоа влијае главно на овој живот, кој соодветно ќе го формира нашиот вечен живот.
Божјата благодат вистински разубавува. Таа дава убавина што вдахнува светост, а не бесрамност, чистота, а не вулгарност.
Кога човек го има Христа, тој веќе го постигнал својот мир. И тој самиот, постигнувајќи мир, им дава мир на луѓето околу него,барем на оние кои имаат добро самоволие, бидејќи за фалбаџиите и егоистите неговото присуство станува укор и пекол.
Колку се убави нашите светители ... Луѓе шармантни, мирни, спокојни. Нивните лица сведочат за присуството на вечното и чистото, на девственото и светлото. Тие ја имаат онаа убавина што нема да ја најдете на натпревари за убавина или натпревари за модели;но ќе ја сретнете во луѓето од секојдневниот живот, кај младите и старите, чии што живот мириса на покајание и молитва, на смирение и светотаински живот.
Автор: архим. Павел Пападопулос
Извор: богоносци.бг
За Преминпортал Симеон Стефковски
26ти септември 2021 лето Господово