Денес има еден сеопшт страв од смртта. Сигурно сте го забележале тоа. Кај мене доаѓаат многу луѓе кои ми исповедаат: „Отче, ми е страв од смртта, се плашам да умрам“. Оваа танатофобија, оваа длабоко вкоренета патологија во човекот, произлегува од недоволна вера во животот вечен. Не сме Го спознале Христа како што треба. А Он секогаш ни вели: „Не плачи, не се плаши, стани, разбуди се, излези од материјалниот свет“. Да Го послушаме и да излеземе, се разбира, мисловно и во духовна смисла, бидејќи телесно не можеме да го напуштиме овој свет тогаш кога ние би посакале, туку тогаш кога ќе стигнеме до неговата последна станица, напуштањето на телото од душата – преминот во вечноста. Но, низ таа станица ќе поминеме многу побезболно и поспокојно, доколку благовремено ја напуштаме острастеноста кон нештата од овој живот, кон сето она што нè заробува и врзува за временото и распадливото и не ни причинува вистинска радост.
Затоа, мили мои, да Го возљубиме Него, нашиот Создател и Воскресител, и да застанеме во поворката не на смртта, ами на Животот. Како Апостолите и мноштвото народ кое Го следеше Христа. Во поворката на чиешто чело е Животодавецот. Таа поворка е Црквата Негова, каде Он е Главата, вечниот Архиереј, Кој дава вечен живот. Он началствува на секоја Литургија и преку Своите тело и крв ни дава залог за вечноста."
Повеќе: https://bigorski.org.mk/slova/arhimandrit-partenij/momche-tebe-ti-velam-stani/99999