Хозрој, персискиот крал, покрај себе немал ниту еден советник, кој отворено би му ја кажал вистината. Сакајќи да има некој, кој отворено и слободно би зборувал, бил воодушевен кога слушнал за некој старец Елаим, кој пишувал книги и преку нив ја прикажувал голата вистина. Тој веднаш наредил да го доведат Елаима, па повикал уште деветмина од своите најверни слуги и им рекол: „Кажете ми отворено што мислите за мојата слава?“ На оној, кој ќе ми ја каже вистината, му ветувам прстен украсен со дијаманти“. По овие зборови тој им покажал 10 прстени украсени со дијаманти. Деветте негови слуги, еден по еден, го кревале до небесата, како најголем владетел и херој на историјата. На секого од нив кралот му дал по еден прстен. Само стариот Елаим молчел. Кога го запрашал кралот зошто молчи, зарем не сака и тој да добие прстен, старецот одговорил: „Може да се купи ласкањето, но не и вистината. Вистината не се продава“. – „Тоа ти е добро, ама кажи ми отворено што мислиш ти за мене? – Запрашал кралот.
– Еве што мислам. Ти си мој господар и мој крал, но и покрај тоа ти си смртен човек, кого што Бог го создал за да ги усреќи своите поданици.
Овие зборови го исполниле кралот со радост. Тој не му дал прстен на старецот, туку го замолил да му биде пријател. Утредента тој ги прашал своите службеници дали им се допаѓаат прстените.
Прстените ни се помили од животот, ама мораме да му забележиме на Вашето Височество дека трговецот ве измамил.
Како тоа? – Прашал кралот.
Дијамантите се лажни. – Одговориле тие.
Зарем вие мислите дека јас не го знам тоа? Ги прашал кралот, смеејќи се. Вие ме опсипавте со лажни пофалби, а јас ви платив со лажни камења. Ви вратив со иста мерка. – Од тој ден престанало ласкањето во дворецот на Хозрој
Извор: Бигорски манастир