Од книгата за Старецот Силуан претходно ги разгледавме темите за гордоста, за смирението, за духовното движење во просторот на Црквата и сега се наоѓаме кај следниот поднаслов. Старецот вели: „Многумина кога ќе дојдат во контакт со монаси, кај нив не гледаат ништо значајно и се оддалечуваат незадоволни, па дури и разочарани. Тоа се случува затоа што на монахот му пристапуваат со погрешен критериум и со несоодветни барања“.
Значи, постојат многу луѓе што честопати кога му пристапуваат на еден духовен човек, на еден монах, на еден духовник, на еден свештеник, кај него не гледаат ништо што би имало вредност и си заминуваат разочарани и незадоволни, а тоа се случува затоа што пристапуваат со погрешни критериуми. На Света Гора, и воопшто во целото Православие, човекот наидува на големи изненадувања, бидејќи среќава луѓе, како во монаштвото така и надвор од монаштвото, кај кои надворешноста не сведочи за ништо значајно и вредно. Меѓутоа, кога ќе ги сретнеш од блиску и кога ќе зборуваш со нив, и кога имаш духовен контакт со нив, тогаш гледаш дека во нив се крие огромна ризница. А таа ризница не е од ништо друго, освен од опитот на Црквата, односно од опитот на Светиот Дух што се пренесува од генерација на генерација.
Апостолот Павле вели: „Ја имаме оваа ризница во глинени садови“, односно ја имаме таа скапоцена ризница на богопознанието во нашиот човечки глинен сад, во нашата сиромашност. Овде би сакал да кажам нешто што е многу суптилно и е потребно многу внимание за да го разбереме правилно. Св. Арсениј и отец Пајсиј Старец Пајсиј и неговиот духовник, св. Арсениј
Многупати сите забележуваме дека многумина го почнуваат духовниот живот со ентузијазам среќавајќи некој духовен човек, свештеник или монах, и им остава впечаток првиот, вториот, третиот пат. Се обидуваат да му пристапат што повеќе, да примат совети и да ги применат во својот духовен живот. Меѓутоа, во еден стадиум на тоа движење забележуваме дека тие луѓе некаде наоѓаат тешкотија, товар. И така, се забележуваат две работи. Прво, почнуваат да се оддалечуваат од тој духовен човек што го сретнале и истовремено ослабнува нивниот духовен живот, а обично причината ја наоѓаат кај духовникот, односно дека духовникот нема време да се занимава со нив или не сака да се занимава со нив, или едно очекувале од нивниот духовник, а друго нашле, друго сакаат, други потреби имаат, не се задоволни итн. Тоа го забележуваме сите, и јас во мојот личен живот, и воопшто во животот на луѓето од Црквата. Се прашуваме: која е причината поради која постои тоа духовно оладување?
Односите на духовниот отец со христијанинот што доаѓа на Светата Тајна Исповед и ги изложува своите проблеми, тешкотии, гревови и целиот пат на својот духовен живот, се многу свети односи, сериозни односи, што пред сé, треба да бидат многу здрави односи. Ако во тие односи навлезе нешто човечко, нешто болно, тогаш бездруго ќе имаме болни резултати. И уште се случува и нешто многу чудно, односно постојат луѓе што во почетокот влегле со многу ентузијазам, наоѓајќи го духовникот помислиле дека го нашле својот спасител, да речеме, и со многу ентузијазам и љубов зборуваат за него. По кратко време, ќе видат дека работите не се такви какви што ги очекувале, па целата таа љубов се претвора во злоба, дури и во омраза.
Сме виделе луѓе што со голема манија ги намразија своите духовни отци, а ги намразија не затоа што им направиле нешто лошо, туку затоа што во нив се раздвижил еден чуден психолошки процесс. Тоа што овде о. Софрониј вели дека му пристапуваат на монахот, и поопширно на духовникот, со погрешни критериуми и погрешни барања, мислам дека е одговорот на овие работи, односно нашиот духовник е духовен човек, свештеник, монах, и е личност која по својот свештенички повик е должна да го прифати товарот на Божјиот народ. А секако, не престанува свештеникот да биде личност, човек кој има ограничени сили и ограничени можности, па нормално е во одредени моменти да им дава приоритети на луѓето. Тоа не е чудно, ниту е прашање на претпочитање, туку како што еден лекар во одреден момент му ја врзува раната на некој што се исекол со нож и одеднаш доаѓа амбулантната кола и остава некој осакатен од некаква сообраќајна несреќа, па лекарот веднаш ќе истрча кај него, затоа што тој што се исекол со нож, ќе се исцели и самиот, а другиот е пред смрт и треба да му се обрне внимание подолго време.
Истото се случува и со духовниците. Честопати ги вреднуваат ситуациите и даваат приоритети. И природно, бидејќи и тие се луѓе, и за нив времето е 24 часа, не се бескрајни часови, а ги имаат и своите лични потреби, што не се само потреби да јадат и да се одморат, туку се и духовни потреби, бидејќи тешко на тој духовник што ќе го запостави својот духовен живот и ќе биде вшмукан од океанот на луѓето, затоа што, во тој случај, кога тој ќе се посвети на својата молитва и својата духовна состојба? Значи, така се забележува појавата дека луѓето се соблазнуваат, се разочаруваат, го осудуваат својот духовник, бараат да најдат други духовници, што наводно имаат време и разни други работи. Конечно, сето ова не сведочи за ништо друго, освен дека нешто некаде не оди добро. Доколку би знаеле правилно да се исповедаме, тогаш исповедта би се вршела со пет збора, а духовникот би можел да не каже ниту збор или да каже само две реченици. Меѓутоа, тоа што не се исповедаме правилно е причината поради која се измачуваат духовниците и со што им се одзема времето на другите луѓе.
Митрополит Лемесоски Атанасиј
Превод: отец Атанасиј Арсоски
Извор: Православен Пат, бр. 32
Извор: http://pravoslavie.mk.
Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/ulogata-na-duhovnikot-1/ .
Друго: