Св. старец Порфириј - (1906-1991, канонизиран на 1 декември 2013 година)
Светиот старец се однесуваше со особена љубов и благо расположение кон болните од рак. Со големо внимание ги разгледуваше поединечните случаи. Се трудеше да им помогне по пат на поставување дијагноза и особено потенцираше колку тешка болест е ракот за нашето време. И самиот тој се бореше со таа болест. Таа беше распространета внатре во него, и како што самиот кажуваше, успеал да ја смири за десет години. Како лек ја користеше само непрестајната молитва кон Исус и изучувањето на Светото Писмо. При една дискусија во болницата „Сингру“ со еден универзитетски професор старецот рече:
– И јас сум правел истражувања за оваа болест и сум собрал доволно докази за нејзината појава. Ракот воглавно се појавува во конфузните души, кај луѓето што живеат под стрес и измачени од разни нешта и кај луѓе што се потиснуваат себеси.
Кога страдаш од нешто и дознаеш дека е од рак, треба да се предадеш со многу љубов на Бога, да се смириш, да се успокоиш, да ги засакаш сите луѓе и да возљубиш сè околу себе. Сиот да си со љубов и славоловење кон Бога, за да ти се освети душата, да си полн со радост, а не да велиш: „јас од оваа болест ќе умрам“. Кога ќе се освети душата, кога ќе се прилепи до Бога и ќе стане спокојна и кротка, сите телесни системи на организмот ќе се успокојат; ако тогаш ракот не се исцели, тогаш барем ќе остане таму каде што се наоѓа.
Изучувајте го Писмото и ќе видите дека не постои смрт и дека, кој верува во зборовите на Бога – не умира.
Извор: http://agapi.mk/sveti-porfirij-bolesta-na-modernoto-vreme/
За Старец Порфириј
Клитос Ј.: Имавте голем благослов Божји да живеете мошне близу до старецот Порфириј, о. Даниил, и тоа долги години. Ве молиме најпрво да ни ја опишете неговата личност, а потоа кажувајте ни за излевањата на благодатта Божја преку него.
о. Даниил Г.: Старецот Порфириј беше дар Божји за Црквата. Бог ни испрати голема светлина во мракот во којшто живееме преку старецот Порфириј. Му благодариме на Бога што му го даде овој толку голем дар на нашево време, и што го одржа во живот цели осумдесет и шест години.
Човек се чувствуваше пријатно покрај старецот Порфириј. Врз никого тој не вршеше притисок. Сакаше оној што доаѓа кај него да го прави тоа што си го прави, сосема слободно. Секогаш им велеше на свештениците дека кога како духовни отци ги насочуваме на нивниот пат оние што се исповедаат кај нас, треба секогаш да ја почитуваме нивната слобода. Постојано нагласуваше дека христијанството е слобода. Многупати се навраќаше на онаа позната случка кога Христос рече нешто што многумина ги соблазни, па почнаа да си заминуваат, сѐ додека не заминаа сите, а останаа само учениците Негови. Тогаш Господ им рече дека се слободни доколку сакаат и тие да си заминат. Светото Евангелие според Јован забележува до збор: „Од тоа време мнозина од Неговите ученици се повлекоа и не одеа веќе со Него. Тогаш им рече Исус на Дванаесетте: Да не сакате и вие да си отидете?“ (Јован 6, 66-67).
Исто така старецот имаше висока, развиена црковна свест. Ги почитуваше црковните лица и хиерархијата во Црквата. Велеше: „Ако ги расипам моите односи со епископот, ако епископот ми се налути, мојата молитва нема да се искачува на небото“.
Многу ја сакаше химнографијата. Многу внимаваше на каноните на големите Господовии Богородични празници и го испитуваше значењето на секој збор од канонот.
Често сакаше да зборува за љубовта. Имаше обичај да напомнува дека омразата ја валка душата. Уште велеше, кога некој наш брат има проблем, да се собереме сите заедно и заеднички да се помолиме за тоа.
За љубовта кон Христа зборуваше постојано. „Кога Го љубиме Христа“, велеше, „нашата душа е слободна од стравот“. Често ги подвлекуваш е зборовите на свети Јован Богослов: „Љубовта го изгонува стравот“.Старецот Порфириј не прифаќаше да се занимава со негативни нешта; сакаше сѐ да биде светло и позитивно. Велеше: „Се наоѓаш во една темна соба и мафташ со рацете обидувајќи се така да го истераш мракот. Нема да го истераш така. Отвори го прозорецот да влезе светлина и тогаш мракот ќе си отиде сам од себе. Светлината е таа што го изгонува мракот. Да се вдлабочиме во Светото Писмо, во житијата на светителите, Отците; таму е светлината што го изгонува мракот.“ Многу често ја користеше оваа слика. (Извор. МПЦ-ОА)