Сакаме ли да бидеме христијани без Христос?
Фотиј Контоглоу
Кога зборувате со псевдо-христијаните за сурова аскеза (подвиг) на телото и духот заради љубовта кон Христос тие веднаш стануваат гневни, нарекувајќи ве факир, идолопоклоник или варварин. Ако сакате да ја испитате верата на христијаните зборувајте со нив за подвижништвото. Верниот ќе почувствува умиление, додека оние кои се лажни и безверни ќе протестираат. Што да кажеме за зборовите на Христос: „Блажени се оние што ќе остават сè и ќе ме следат“? или „Царството небесно се зема на сила и само силните го грабаат“? или „Во светот ќе имате маки“? или „Тесна е вратата и тесен е патот што води во живот вечен“?
Ние сакаме да бидеме христијани без Христос, без духовна тага, без да се подигне тешкиот крст, и многу почесто го избираме широкиот пат. Кога зборувате со лажни христијани за тежок и сиромашен живот, за себежртвување, за подвижништво, тие одговараат велејќи дека Христос не сака такви работи и дека тоа е претерано.
О безумен човеку, во христијанството ништо не може да биде претерано.
За сите човечки работи можеш да речеш дека се претерани, но само во христијанството претераност не постои. Која е претераноста да го свртиш другиот образ? Која е претераноста да го сакаш оној што го убил татко ти? Што е претерано во правењето работи што Господ ги бара од тебе како што се, љубете ги своите непријатели, да зборуваш убаво со оној кој те псуе, да не го судиш ти оној што те суди, да се смируваш себеси пред поништожните луѓе, и правејќи ги сите овие работи се сметаш себеси за „непотребен слуга"? Која е претераноста да се верува дека нашите тела ќе воскреснат како бесмртни во само еден миг, и како целиот свет ќе се промени одеднаш, и дека ќе настане еден нов свет без распаѓање? Па дали постои нешто во христијанството што може да се нарече претерано?
Христијанството е најголемото преувеличување од сите преувеличувања, и поневеројатно од сите неверојатни нешта. Поради ова, единствената врата преку која се влегува во егзотичната земја на Христос е една - тоа е верата. А за верата не постои никакво претерување, додека во неверието постои лукава пристојност, умереност и компромис. Поради ова псевдо-христијаните не можат да го издржат огнот на верата и го претвораат христијанството во морален систем, којшто е полезен за световниотживот, во којшто нема потполна потреба од Христос. Затоа оној што не верува се плаши, додека оној што верува е смел како лав, според Пророкот (Изрек. 29,1). Оној што го љуби Бога постојано гори без да го покажува тоа, се радува без смеење, и е скрушен во длабочината на себеси.
Љубовта што ни ја покажа Христос е многу повеќе од таканареченото човекољубие. Поради ова човекољупците не ја вкусуваат оваа љубов Христова, која што е „вода што тече во живот вечен". Човекољубивите дела што ги прават денешните луѓе се општествена обврска. Овие човекољупци и прагматичниот човек, не се христијани. Оној што Го љуби Христос и Неговото Евангелие го љуби она што е вредно да се љуби над се останато. Во Христос се наоѓа сè што ја вреднува љубовта - смирението, болката, кротоста, духовната тага и духовната радост, коишто и обете се слатки, кога се направени во името на Христос.
„Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам". Да не успокои? Ние не ни сакаме да чуеме за тоа. Ние не сакаме да бидеме успокоени. Ние сакаме да бидеме обременети од нашите страсти, со нашите непријателства, со војни, со грижи за славољубие, за плотта, со крв извалкани, со пиштоли, бомби, оружје. Што ќе правиме без овие работи, Господи миротворецу? Како ќе живееме така успокоени? Со што ќе ја пополниме нашата внатрешна празнина, бидејќи за нас само овие работи се живот? Ти ни даваш мир, но мирот твој е наша смрт, бидејќи е смрт за нашите сакани страсти. Ако ни кажеше, „Јас ќе ве оптоварам со такви потешкотии што вие не ги знаете, или, јас ќе ги збогатам вашите души со други богатства така што да немате мир", тогаш ќе дојдеме во Твоја близина и ќе те примиме како наш Бог. Ние сакаме богови што ќе не натоварат, одмазнички, како Арес, Зевс, Хронос, и лажговци како Хермес и како други. Ние сакаме да живееме во зло, бидејќи тоа е живо и силно. „Да, дојди Господи", извикува Јован со радост кон оној што доаѓа на облаци при Второто доаѓање. Мора да бидеш светител, праведен па да бидеш и свети Јован за да се радуваш на второто Христово доаѓање и да го чекаш. Но ние извикуваме „Не доаѓај, Господи". Бидејќи сме грешници и гневот Господов доаѓа врз нас. Ги замислуваме овие работи како „атомска бомба". Од кога ќе се осознаат страв навлегува во секое срце. Блажени се оние кои се подговтвени во секое време. Но кој е свет како свети Јован, најсветиот од сите светители? Секој од нас стравува дека ќе дојдеш како крадец во ноќта (Лука 21).
Луѓето, ако ги псуеш и се препираш со нив, или пишуваш за нив нешто лошо, доаѓа часот кога секој може да ти го прости тоа. (Немај гајле, брате, заборави ги тие работи!) Она што никогаш нема да ти го простат и поради што ќе те замразат - е да живееш таков живот, од којшто ќе се срамат тие поради нивниот живот, да биде твојот живот како проверка на нивниот.
Оној што го има вкусено со целото срце мирот Христов, нема да се присилува да биде сиромашен, бидејќи своеволно ја сака сиромаштијата, и ја губи радоста долку стекне нешто што е прекумерно, дури и ако се работи за најбезвредно нешто. И се што е смирено, сиромашно и презрено тој го сака искрено со срцето без да зборува ништо и никому, бидејќи смирениот човек ја сака тишината и себезаборавот „Бог е близу до оној со тажно срце". Штом ќе се распрснат искушенијата и ќе се отвори вратата на лажната радост и спокој, тогаш вратата на вистинската радост се затвора. Христијанинот јасно го чувствува ова. МОЛИТВА
Ти благодарам, Господи многумилостив, Те воспевам, Те прославувам, бидејќи ме создаде од ништо. Но ти не ме создаде само еднаш, но секој ден ме создаваш од ништо, бидејќи секој ден ја отстрануваш од мене смртната сенка во која паѓам постојано.
Во овој неизмерлив свет, во кој сите луѓе се како мравки, јас сум едно ништо. Секој човек е ништо. Но ти ја паметиш секоја личност, ја пронаоѓаш и ја враќаш повторно кај себе, и ја избавуваш од смрт и ја создаваш повторно со твојата татковска рака како да е секој од нас сам на овој свет. Со Твојата сила го држиш целото создание и сите души, како да е едно и единствено. И ги правиш да се чуствуваат бесмртни, како да е едно и единствено, и Те чувствуваат како нивни татко семилостив, кој никогаш не се изморува да ни простува и да не создава повторно нас, кои умираме во секој час од нашите гревови.
Превод од англиски јазик:
Ташко Думов, дипл. електроинженер
Изворник:
Блогот на Џон Санидопулос „Мистагогија"
Православна светлина бр. 30